Филмовите селектирани во програмата на годинешнава компетиција „Камера 300“ нудат тематска, стилска и културна разновидност. Се обидовме да вклучиме дела со висока естетика, дела кои ќе се обраќаат до широката публика, но и до оние гледачи кои претпочитаат артхаус филмови, дела кои имаат силен индивидуален авторски печат, како и дела за кои веруваме дека ќе имаат долготрајно влијание врз филмската индустрија, создадени како од препознатливи и искусни автори, така и од не толку познати, но многу талентирани филмаџии.

Слаѓан Пенев, селектор на натпреварувачката програма на 42. „Браќа Манаки“

Програмата се состои од десет долгометражни играни филмови, кои ги имале своите премиери на големите филмски фестивали во Берлин, Кан и Карлови Вари. Од нив седум се европски филмови, два се азиски филмови и еден е африкански филм. Сите филмови се дела на режисери кои се истовремено и сценаристи на овие филмови, а за четворица од нив ова се дебитантски долгометражни играни филмови. Додека, пак, поголем дел од кинематограферите на овие десет филмови се многу поискусни творци, при што половината од нив се со над десет долгометражни филмови во своето портфолио, а за кинематограферите на два од овие десет филма ова е прв долгометражен филм зад чија визуелна естетика се потпишале.

Меѓу овие десет кинематографери чија креативност ќе ја прославиме на 42-то издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ имаме неколку познајници и пријатели кои и претходно гостувале во Битола и освојувале награди на фестивалот. Финскиот кинематографер Јани-Петери Паси во 2016 година беше на „Браќа Манаки“ со филмот НАЈСРЕЌНИОТ ДЕН ВО ЖИВОТОТ НА ОЛИ МАКИ, во режија на Јухо Куосманен и ја освои главната награда на фестивалот, „Златна камера 300“. Тандемот Паси-Куосманен ќе биде дел и од овогодинешната компетиција Камера 300, со филмот КУПЕ БР.6/COMPARTMENT No.6, кој е своевиден „роуд“ филм кој се случува во воз кој патува од Москва до Мурманск. Снимен е во вистински воз кој патува на редовната линија и прикажува една симпатична пријателска врска помеѓу девојка од Финска и момче од Русија, кои се запознаваат во купето број 6 и кои иако не се одалечуваат од стереотипите за своите култури, развиваат топол однос како антипод на студенилото внатре во луѓето и надвор од возот.

Во главната програма на „Браќа Манаки“ се враќа и кинематограферот Рубен Импенс, кој ни е познат од гостувањето во Битола во 2016 г. со филмот БЕЛЖИКА/BELGIKA, на режисерот Феликс Ван Гронинген, за кој ја доби „Сребрената Камера 300“. Овој пат сигурното око на Импенс стои зад камерата на филмот ТИТАН/TITANE, во режија на Жулиа Дукорно, кој ја доби Златната палма на последниот филмски фестивал во Кан. Филмот е секако едно од највозбудливите дела кои се појавија во кино салите оваа година, со многу провокативни сцени на насилство, сексуална фетишизација, но и неочекувани пресврти по кои во преден план избиваат темите за мајчинството, родовата флуидност, кризата на машкоста/мачоизмот итн. Кинематограферот Рубен Импенс ефектно ја доловува доминантно темната визуелна атмосфера, со повремено флуоросцентна треш естетика, во која огнените јазици делуваат како единствена светлост. Дукорно и Импенс се режисерско-кинематограферски тандем кој веќе создаде една екстремно крвава визуелна приказна во филмот СУРОВО од 2016, кој предизвика многу контроверзности, но и прилично забележлив успех на многу филмски фестивали.

Меѓу поискусните кинематографери присутни во компетицијата оваа година се и Хелен Лувар, Каспер Туксен и Ашкан Ашкани, кои имаат зад себе веќе завиден број долгометражни филмови, а со тоа и поголема препознатливост во филмската индустрија и критика. Во филмографијата на Хелен Лувар се запишани над 100 филмови, од кои над 50 се долгометражни, а меѓу нив и неколку филмови на Вим Вендерс, Агнес Варда, Клер Дени, Алис Рорвахер итн. На „Браќа Манаки“ оваа година ќе можеме да видиме едно од нејзините најнови дела, филмот МУРИНА/MURINA во режија на Антоанета Аламат Кусијановиќ. Снимен на хрватските острови, ова е филм за една тинејџерка која минува низ секојдневна фрустрирачка борба со строгиот татко, што ја доведува до искушение да го напушти местото на нејзиното страдање, кое милиони туристи го доживуваат како место за уживање. Кинематограферски маестрално спакуван, исполнет со сјајот и привлечноста на јадранските бои, овој филм ја доби наградата „Златна Камера“ на последниот филмски фестивал во Кан.

Реномираниот дански кинематографер Каспер Туксен исто така има солидна филмографија од над 50 филмски наслови, меѓу кои и неколку комерцијално успешни филмови од кино репертоарите (последниот од нив е ЈАВАЧИ НА ПРАВДАТА, со Мадс Микелсен во главната улога). Филмот со кој Каспер Туксен ќе ни се претстави на фестивалот „Браќа Манаки“ е НАЈЛОШАТА ЛИЧНОСТ НА СВЕТОТ/ THE WORST PERSON IN THE WORLD, кој е всушност последен од „Трилогијата од Осло“ на норвешкиот режисер Јоаким Триер, по филмовите РЕПРИЗА од 2006 г. и ОСЛО, 31 АВГУСТ од 2011 г. Во филмот НАЈЛОШАТА ЛИЧНОСТ НА СВЕТОТ следиме неколку епизоди од животот на една шармантна и интелигентна млада жена. Пред неа се можностите за речиси се’ што може да посака, живее во едно од најнапредните општества, но сепак изгледа дека почнува да ги испушта шансите кои ѝ ги дава животот и времето почнува да ја притиска. Ова е филм кој лесно ве вози низ приказната, нудејќи доволно содржини за забава и за тага, а прекрасно фотографираните интериори и екстериори на еден од врвните архитектонски градови, Осло, ја дополнуваат пријатната атмосфера на убавините и удобствијата на средната класа во напредните општества.

Иранскиот кинематографер Ашкан Ашкани и режисерот Мохамад Расулоф со филмот НЕ ПОСТОИ ЗЛО/THERE IS NO EVIL го создадоа едно од највознемирувачките дела во поновата светска кинематографија. Низ четири, навидум неповрзани, епизоди од денешниот живот во Иран, филмот споро, на почетокот суптилно, а потоа и експлицитно не’ соочува со една од најтешките морални дилеми на човештвото – смртната казна. Филмот ја доби главната награда „Златна мечка“ на филмскиот фестивал во Берлин во 2020 г.

Од истиот континент, но многу поисточно, доаѓа уште едно врвно дело на современата јапонска кинематографија, филмот ТРКАЛО НА СРЕЌАТА И ФАНТАЗИЈАТА/WHEEL OF FORTUNE AND FANTASY, режиран од веќе широко препознатлив мајстор на филмското раскажување Рјусуке Хамагучи, чиј чист стил и импозантна силина на дијалози му донесоа речиси култен статус во филмскиот свет. Иако има неколку долгометражни филмови, меѓу кои и неговото најново дело, извонредниот тричасовен филм ВОЗИ ГО МОЈОТ АВТОМОБИЛ, ретроспективите на неговите дела (кое вклучува и кратки и документарни филмови) се доживуваат како големи културни настани во метрополите каде се прикажуваат. Филмот ТРКАЛО НА СРЕЌАТА И ФАНТАЗИЈАТА, кој освои Сребрена мечка на Филмскиот фестивал во Берлин во 2021 година, е збирка на три релативно кратки приказни за меланхолични љубовни авантури кои поради некоја среќна или несреќна околност водат кон неочекувани пресврти. Во средиштето на приказните се емотивно кревки женски ликови кои се оставени да се соочат со тагата или потребата за искупување поради некоја своја грешка во минатото. Кинематограферот Иока Јукико во овој филм одлично ги комбинира светлините на урбаната јапонска архитектура со повремено анемичните бои на ентериерите во склад со психолошките пресврти кај поголемиот дел од ликовите.

Филмот СТРАХИЊА БАНОВИЌ (ДОДЕКА МОЖАМ ДА ОДАМ)/STRAHINJA BANOVIC (AS FAR AS I CAN WALK) на српскиот режисер Стефан Арсенијевиќ е умешно реализиран како поетска приказна за вечната тема на патувањето во потрага по подобар живот, но на моменти и како документарен приказ на судбините на бегалците од африканските и блискоисточните земји кои во современиот свет се придружени со неверојатно суров и трагичен елемент. Главниот лик на овој филм, иако е бегалец од Африка кој решава да остане во Србија, сепак повторно влегува во ризична авантура и поаѓа на патот на бегалската рута кон Западна Европа, решен да ја најде својата љубов. Кинематограферката Јелена Станковиќ е заслужна за прекрасната визуелизација на оваа хуманистичка љубовна приказна, за што беше наградена од жирито на филмскиот фестивал во Карлови Вари.

Едно од најголемите филмски откритија годинава е и филмот МАГНЕТСКИ ТАКТОВИ/ MAGNETIC BEATS на режисерот Винсен Маел Кардона и кинематограферот Брис Панко. Филмот ја претставува извонредната младешка енергија од почетокот на 80-те години, не само во Франција, каде што се случува дејството, туку и во поширокото европско пространство под влијание на музичкиот нов бран. Приказната е лоцирана во француската провинција, каде една пиратска радио станица внесува нова енергија во животот на младите луѓе, а креативните џинглови и експериментирањето со звуците од страна на диск-џокеите го навестуваат подемот на електронската музика. Динамично фотографски реализиран, во склад со ритамот на дејството и одличната музичка пост-панк подлога, МАГНЕТСКИ ТАКТОВИ е романтизиран филм за бурното созревање на една генерација во заднината на драматични историски и културни собитија. И како таков наидува на многу добар прием не само кај „аналогната“ генерацијата која го сведочеше, или следеше понепосредно по овој битен период, туку и кај денешната млада „дигитална“ генерација која се развива со своја особена страст за животот и уметноста.

Од најновата египетската кинематографија големо внимание предизвикува надреалистичката драма ПЕРДУВИ/FEATHERS на дебитантот Омар Ел Зохаири. Во соработка со кинематограферот Камал Сами создаваат прилично шарена, разиграна апсурдна комедија во која луѓето живеат мачен и тежок живот, но кога се веселат се забававуваат како да нема утре, па некој човек во таквото опуштање може да се претвори во кокошка, на пример. А кога покрај за трите деца, безгласната сопруга мора потоа да се грижи и за изискувачкото пердувестото суштество, оваа воведна комедија преминува во тешка егзистенцијална драма, која повремено преминува во навидум неверојатни, но сепак сурово реалистични ситуации од секојдневието на луѓето кои некако чудно преживуваат во светот на алчните и измамниците.

Македонскиот филм СЕСТРИ/ SISTERHOOD е прв долгометражен филм за режисерката Дина Дума и за кинематограферот Наум Доксевски, тинејџерска драма сместена во денешното Скопје, во кое животот на младите е главно посветен на сликата за себе и другите која се одржува на социјалните мрежи, каде, како и во останатата интеракција, се води немилосрдна борба преку игрите за доминација и понижување, со цел барем привидно да се одржува посакуваниот статус во друштвото. Визуелизацијата е една од најсилните страни на овој филм, особено во сцените снимени во водата, a зрнестата структура која доминира во фотографијата со својот ретро шмек како да се спротиставува на дигиталната острина на милионите филтрирани хиперреалистични фотографии од мобилните телефони кои младите дневно ги објавуваат на социјалните мрежи.