Режисерското деби во долгометражната играна продукција на косовската авторка Блерта Башоли (Blerta Basholli), УЛИШТЕ (Hive), освои три награди на штотуку завршениот фестивал на независниот филм Санденс во САД.

УЛИШТЕ, кој е копродукција меѓу Косово, Албанија, С. Македонија и Швајцаријаги освои наградите Најдобар филм, Најдобра режија и Награда од публиката во светската конкуренција на Санденс. Македонскиот копродуцент на УЛИШТЕ е Томи Салковски(“Црна мачка продукција”).

Башоли е и сценарист на УЛИШТЕ, приказна за Фахрије, чиј сопруг e исчезнат уште за време на војната во Косово (1999). Таа започнува мал земјоделски бизнис за да го прехрани своето семејство во традиционалното патријархално опкружување. Нејзината амбиција да биде еманципирана не е добредојдена во средината. Бизнисот започнува добро, освен пчелите во нејзиното улиште, кои се агресивни кон неа. Настојувајќи да се помири со пчелите, таа се помирува и со самата себе, за да може да живее и да биде силна во новата ситуација…

Кинематографер е Алекс Блум, а главните улоги ги толкуваат Јилка Гаши, Аурита Агуши, Кумрије Хоџа и Адриана Матоши.

Изминативе години на Санденс учествуваа краткиот игран филм ВИДИ ЈА ТИ НЕА (2018) на Горан Столевски (наградата Најдобар интернационален игран филм во категорија на кратки филмови), долгометражниот документарен филм МЕДЕНА ЗЕМЈА (2019) на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска (Големата награда на Жирито, Најдобар документарен филм и Награда за најдобра кинематографија) и краткиот игран филм НАЛЕПНИЦА (2020) на Георги Унковски, кој ја имаше светската премиера на овој престижен фестивал.

Leave a comment