Има една стара изрека која тврди дека најмногу се лаже пред секс, за време на политичка кампања и по лов. А, како тoа изгледа кога во прашање се филмовите?

Американските продуценти, на пример, пред триесеттина години ловеа (и) политички поени со ЛОВОТ НА ЦРВЕНИОТ ОКТОМВРИ (The Hunt for Red October, 1990) на Џон МекТирнан (John McTiernan), со Шон Конери, Алек Болдвин и Скот Глен (Sean Connery, Alec Baldwin, Scott Glenn) во водечките ролји. Во овој одличен акциски трилер, првата ставка отпадна – сите јунаци беа мажи во две атомски подморници на некогашниот СССР, и една американска – втората „возеше“ на фонот на советската „Перестројка“ и прекројување на тогашниот биполарен свет на суперсилите, а по брканицата под водите на Атлантикот, Американците на крајот ја добија руската подморница со напредна технологија.

Ако, пак, тргнете во лов на добри филмови, како ние за октомвриската кинотечна програма, еве како ќе изгледа таа: во октомври почнуваме со ревијата на филмови од годинешниот Филмски фестивал на Североисточна Европа (Southeast European Film Festival – Paris-Berlin-Washington 2021) на Универзитетот за аудиовизуелни уметности EUROPA PRIMA од Скопје. Оваа ревија ќе ги презентира најдобрите филмски остварувања од годинешната селекција на програмата на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа, Париз-Берлин-Вашингтон, 2021.

Една вечер во Кинотеката ќе биде посветена на кратките документарни и анимирани филмови продуцирани од „5+“ и ОХО, а потоа следува Фестивалот на филмови за деца „Џифони“.

Во октомври се потсетуваме и на неодамна починатата француска и европска актерска легенда Жан-Пол Белмондо (Jean-Paul Belmondo) со иконичниот наслов на францускиот „нов бран“ ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ (À bout de souffle / Breathless) на Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard).

На 19 октомври (вторник) на програмата е еден редок бисер од филмските архиви. Станува збор за италијанскиот нем филм ИНФЕРНО (L’Inferno / Dante’s Inferno) од 1911, во траење од 71 мин., црно-бел, во режија на Франческо Бертолини, Адолфо Падован и Џузепе де Лигуро (Francesco Bertolini, Adolfo Padovan, Giuseppe de Liguoro). ИНФЕРНО се смета за прв долгометражен игран филм во светската кинематографија и е снимен според ПЕКОЛОТ (L’Inferno), првиот дел од епот „Божествената комедија“ (La Divina Commedia) на Данте Алигиери (Dante Alighieri), кој е фундамент на модерниот италијански јазик и на новоевропската книжевност и култура.

Филм по избор на ГЕТЕ ИНСТИТУТ овој месец ќе биде ЧЕТИРИ КРАЛЕВИ (4 Könige / 4 Kings) на режија на Тереза фон Елц (Theresa von Eltz).

Од 21 до 26 октомври ќе се одржи НЕДЕЛА НА АЛБАНСКИ ФИЛМ, во соработка со Филмскиот центар на Албанија. Можноста да се види дел од современата продукција на албанската кинематографија на кинотечната програма не треба да се пропушта…

На 27 октомври (среда), во 12:00 ч., како и секоја година, ќе го одбележиме СВЕТСКИОТ ДЕН НА АУДИОВИЗУЕЛНОТО НАСЛЕДСТВО. Крајот на октомвриската филмска програма е резервирана за новото издание на КИНЕНОВА – Интернационален филмски фестивал посветен на дебитантски филмови.

Во октомвриската програма ќе ве потсетиме и на два филма кои го привлекоа вниманието на филмската публика изминативе месеци: се работи за британскиот МИНАМАТА (Minamata) на Ендрју Левитас (Andrew Levitas) и австралискиот кино-хит ДОЛГА КРАТКА ПРИКАЗНА (Long Story Short)на Џош Лоусон (Josh Lawson).

Стојан Синадинов

 

1 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

2 ОКТОМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

3 ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.

 

БАЛКАНОФИЛМОФИЛИЈА: SEE FF РЕВИЈА 2021

Ревија на филмови од годинешниот Филмски фестивал на Североисточна Европа (Southeast European Film Festival –Paris-Berlin-Washington 2021) на Универзитетот за аудиовизуелни уметности EUROPA PRIMA од Скопје. Ревијата ќе ги презентира најдобрите филмски остварувања од годинешната селекција на  програмата на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа Париз-Берлин-Вашингтон 2021. SEE FF е меѓународен филмски фестивал на 15 земји од југоисточна Европа. На фестивалот се прикажуваат играни, кратки, документарни и анимирани филмови од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Унгарија, Косово, Македонија, Црна Гора, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција.

Фестивалот на Југоисточна Европа е организиран од страна на Интернационалниот универзитет ЕУРОПА ПРИМА – Скопје и нејзината подружница „ЕФА Продукција“ во партнерство со Универзитетот Хумболт од Берлин, Универзитетот ИНАЛКО – Париз, и Асоцијацијата SEE од Париз.

Новата манифестација на Балканот под името БАЛКАНОФИЛМОФИЛИЈА предизвика голем интерес на француската и германската публика. Во 2019 година Фестивалот почна со реализација на идејатата на професорот Боро Драшковиќ, филмски режисер и педагог од Нови Сад, Србија, кој предложи прикажување на неговите филмови во повеќе балкански градови, под името БАЛКАНОФИЛМОФИЛИЈА. Првата ваква манифестација се одржа во Нови Сад во декември 2019, а во текот на 2020 следуваа и други слични манифестации во повеќе градови од регионот на Југоисточна Европа.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: Бесплатен влез

 

 

6 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

15 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

– ВЕЧЕР НА КРАТКИ ФИЛМОВИ –

 

ТАЈНИОТ ИЗУМ

(The Secret Invention)

ТВ филм за деца

2021, 61 мин., ХД

Сценарио: Билјана Црвенковска

Режија: Дина Дума

 

ПРАСЕТО ШТО САКАШЕ ДА БИДЕ ПТИЦА

(The Piglet Who Wanted to be a Bird)

Анимиран филм

2014, 5 мин., ХД

Сценарио: Елеонора Венинова

Режија: Елеонора Венинова

 

ЧОВЕКОТ ШТО ГО УКРАДЕ СОНЦЕТО

(The Man Who Stole the Sun)

Анимиран филм

2014, 6 мин., ХД

Сценарио: Елеонора Венинова

Режија: Елеонора Венинова

 

СЛОБОДА НА ДВИЖЕЊЕ – ПРИКАЗНАТА НА САФВАТ

(Freedom of Movement – Safwat Story)

Документарен филм

2017, 6 мин., ХД

Сценарио: Сашко Потер Мицевски

Режија: Сашко Потер Мицевски

 

ПОДЕЛЕНО ОПШТЕСТВО

(A Divided Society)

Документарен филм

2021, 26 мин, ХД

 

 

6 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

15 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

 

СИТЕ ЌЕ УМРЕМЕ

(We Are All Going to Die)

Документарен филм

2020, 25 мин., ХД

Сценарио: Сашко Потер Мицевски

Режија: Сашко Потер Мицевски

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

7 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 12:00 ч.

8 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 12:00 ч.

9 ОКТОМВРИ (САБОТА), 12:00 ч.

10 ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА), 12:00 ч.

11 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 12:00 ч.

12 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 12:00 ч.

– ЏИФОНИ – ФЕСТИВАЛ НА ФИЛМОВИ ЗА ДЕЦА –

Возрасна категорија: за сите возрасти  

Влезница: бесплатен влез

 

13 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 18:00 ч. 

14 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч. 

14 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

18 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

22 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

 

МИНАМАТА

(Minamata)

Игран филм, В.Британија / САД / УАЕ

2021, 115 мин., колор, ДЦП

Режија: Ендрју Левитас (Andrew Levitas)

Сценарио: Дејвид Кеслер, Ендрју Левитас (David Kessler, Andrew Levitas)

Улоги: Џони Деп, Хиројуки Санада, Бил Најтли, Таданобу Асано, Минами (Johnny Depp, Hiroyuki Sanada, Bill Nighy, Tadanobu Asano, Minami)

 

Јуџин Смит (W. Eugene Smith), славен воен фотограф од Втората светска војна, по завршување на војната се осамува и отуѓува од другите луѓе. Кога ќе дојде поканата од уредникот на магазинот „Лајф“ („Life “), еден од највлијателните печатени медиуми во 50-тите и 60-тите години од минатиот век, да отпатува во Јапонија и да го истражи масовното труење на жителите на рибарското место познато како Минамата, Смит најпрвин ќе ја одбие. Но, кога ќе го повика упорната преведувачка Ејлин, Смит сепак ќе замине за Јапонија да направи сторија. Во Минамата ќе ги открие разорните последици на корпоративната политика која ја загадува животната средина и населението, и корумпираноста на полицијата и власта. Смит ја има само фото-камерата наспроти моќната корпорација, но ќе мора да ја стекне и довербата на локалната заедница, која е сомничава кон сè. Смит ќе мора да направи фоторепортажа што ќе ја пренесе приказната за труењето со опасни хемиски елементи во светот…

МИНАМАТА е сниман според животната приказна на фотографот Јуџин Смит (1918-1978), чија жена била Јапонката Ејлин Миоко (Aileen Mioko). За неговиот фотографски труд е снимен краткиот документарен филм ОБЈЕКТИВНА КАМЕРА, СУБЈЕКТИВНА ВИСТИНА (Objective Camera, Subjective Truth, 1975). Филмските критичари ја истакнуваат извонтердната актерска креација на Џони Деп, за кого се вели дека „исчезнал во ликот што го толкува“.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

16 ОКТОМВРИ (САБОТА), 17:00 ч. – 22:00ч.  

– ЕТНОФ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ – Меѓународен студентски фестивал на етнографски филм

Во организација на Македонското студентско етнолошко друштво на 17 октомври (недела) од 17:00 ч. започнува 7-то издание на фестивалот ЕТНОФФ.

Програма на фестивалот:

17 – 17: 20 – ОТВАРАЊЕ НА НАСТАНОТ

* Поздравен говор на член од Македонското Студентско Етнолошко Друштво
* Отворање изложба на фотографии- Реинкарнација од авторот Бојан Петковски

17:20 – 21:30 ПРОЕКЦИЈА НА ФИЛМОВИ

*Спомени од тутунот – Манца Филак (Словенија)
*Тохоху Моногатари: Приказна од Североисточна Јапонија- Иларија Веки (Обединето Кралство, Јапонија)
*Село на небото- Рамеш Лаксманрао Холбол (Индија)
*Чуварот на мојот брат- Марк Тимоти Болин (САД)
*Изедено од оган- Цезар Колман (Холандија)
*Моја крв, мој лек- Фрауќе ван дер Велде (Холандија)
*(Не) спијам- Катарина Лукец (Србија)

21:30-22:10 ФРАГМЕНТИ (филмови произлезени од летната школа: Патувачки филмски камп, вонпрограмска активност на Фестивалот на нов европски филм BEACH FILM FESTIVAL

*ЉУБОВ ПО НОТИ
*ЗАДУШНИЦА
*ЗАНАЕТЧИИ
(Македонија)

 

Капацитет на салата – до 36 луѓе. Сите протоколи ќе бидат запазени.

Влезница: бесплатен влез

 

18 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч. 

IN MEMORIAM: ЖАН-ПОЛ БЕЛМОНДО –

ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ

(À bout de souffle / Breathless) 

Игран филм, Франција

1960, 90 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard)

Сценарио: Жан-Лик Годар, Франсоа Трифо, Клод Шаброл (Jean-Luc Godard, François Truffaut, Claude Chabrol)

Улоги: Жан-Пол Белмондо, Џин Сиберг, Даниел Буланже, Анри-Жак Уе (Jean-Paul Belmondo, Jean Seberg, Daniel Boulanger, Henri-Jacques Huet)

 

Мишел (Белмондо) е млад гангстер и бунтовник кој вози украден автомобил со голема брзина поради што го брка полициска потера. Притоа, тој убива еден полицаец, а потоа заминува во Париз каде се крие кај познајници. Таму ја среќава Американката Патриша (Сиберг) и се сместува во нејзината хотелска соба. Во меѓувреме, весниците известуваат за убиството на полицаецот, полицијата го идентификува Мишел како сторител и започнува потрага по него. Еден случаен минувач на улицата го препознава Мишел и го пријавува и полицијата, која ја испрашува Патриша. Таа успева да му побегне на полицискиот агент (Буланже) и го предупредува Мишел. Тој краде неколку автомобили, а потоа се среќава со Антонио (Уе) кој треба финансиски да му помогне да побегне во Рим. Мишел и Патриша се кријат во еден стан, но Патриша се јавува во полицијата и потоа му кажува на Мишел дека го предала. Иако има можност да побегне, Мишел решава да остане. Полицијата пристигнува во мигот кога Антонио му ги предава парите на Мишел и пука во него. Смртно ранет, Мишел трча по улицата, следен од Патриша…

ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ е еден од најмаркантните наслови на францускиот „нов бран“, чие сценарио го потпишува феноменалната тројка автори Годар, Трифо и Шаброл, најзначајните изданоци на естетиката на списанието „Cahiers du Cinéma “ („Филмските тетратки“) и нивниот патрон, филмскиот критичар и теоретичар Андре Базен (André Bazin). Филмот бил награден со „Сребрена мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал (за режијата на Годар) и е сметан за еден од иконичните наслови на 1960-ите години, кој извршил огромно влијание на подоцнежните филмски автори.

Заминувањето на актерот Жан-Пол Белмондо (9 април 1933 – 6 септември 2021), популарниот „Бабел“, кој беше икона на европската кинематографија, инспирација и модел за многу генерации, е уште една прилика да се потсетиме на оваа актерска легенда.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

19 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

ИНФЕРНО

(L’Inferno / Dante’s Inferno)

Игран филм, Италија

1911, 71 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Франческо Бертолини, Адолфо Падован, Џузепе де Лигуро (Francesco Bertolini, Adolfo Padovan, Giuseppe de Liguoro)

Сценарио: според „Божествената комедија“ (La Divina Commedia) на Данте Алигиери (Dante Alighieri)

Улоги: Салваторе Папа, Артуро Пировано, Џузепе де Лигуро (Salvatore Papa, Arturo Pirovano, Giuseppe de Liguoro)

 

Немиот филм ПЕКОЛОТ од почетокот на минатиот век е екранизација на делот „Пеколот“ (L’Inferno) на епот „Божествената комедија“ (La Divina Commedia) на Данте Алигиери од почетокот на 14 век (затоа филмот бил дистрибиуиран и под насловот ДАНТЕОВИОТ ПЕКОЛ), и е најпознат како првиот сочуван долгометражен игран филм во историјата на светската кинематографија. ПЕКОЛОТ во Кинотеката ќе биде прикажан со пијано придружба. Режиран од тројца автори, ПЕКОЛОТ е филм од жанрот на фантастичниот хорор и е составен од 54 сцени чија визуелизација е главно инспирирана од илустрациите на познатиот графичар Гистав Доре (Gustav Doré), француски сликар од 19 век. „Божествената комедија“ на Данте Алигиери е инспирирана и посветена на неговата голема љубов Беатриче Портинари (Beatrice Portinari). Епот на  Данте Алигиери се смета за фундаментално дело на европската книжевност во Средниот век, а неговиот јазик подоцна станал основа на создавање на модерниот италијански јазик.

Филмот е сниман во филмското студио во Милано и во пејзажите на Ломбардија: за неговата реализација биле ангажирани стотина статисти и продуциската куќа „Милано филмс“ (Milano Films) користела напредни специјални ефекти за тој период, па филмот доживеал голем публицитет во јавноста и пред неговата премиера. Конкурентската продукција „Хелиос филмс“ (Helios Film) сакала да го искористи тој момент, па набрзина снимила кратка и финансиски поскромна верзија на Дантеовиот еп, но ПЕКОЛОТ доживеал огромен финански успех. Филмските хроничари како најзаслужен за успехот ги посочуваат тогаш иновативните методи на дистрибутерот Густаво Ломбардо (Gustavo Lombardo), кој продавал ексклузивни авторски права за поединечни територии во Италија и во европските земји. ПЕКОЛОТ се смета за прво големо класично дело на италијанската кинематографија, а како куриозитет се наведува дека е едно од ретките визуелни остварувања во кое е прикажан исламскиот пророк Мухамед. ПЕКОЛОТ имал долгогодишна прикажувачка историја. Некои негови атрактивни сцени подоцна биле инспирација (некои биле и копирани) во низа холивудски и европски филмови и во звучниот период на филмот. Во 2002 г. ПЕКОЛОТ е реставриран, а една негова верзија е дистрибуирана со музиката на електронскиот бенд „Tangerine Dream“ од Германија, основан во 1967 од музичарот Едгар Фрезе (Edgar Froese). Бендот постоел до смртта на единствениот негов постојан член Фрезе во 2015 г.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

20 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

ФИЛМ ПО ИЗБОР НА ГЕТЕ ИНСТИТУТ

ЧЕТИРИ КРАЛЕВИ

(4 Könige / 4 Kings)

Игран филм, Германија

2015 г., 98 мин., колор, ДСП

Режија: Тереза фон Елц (Theresa von Eltz)

Сценарио: Естер Бернсторф, Тереза фон Елц (Esther Bernstorff, Theresa von Eltz)

Улоги: Паула Биер, Јела Хазе, Јанис Ниевенер (Paula Beer, Jella Haase, Jannis Niewöhner)

 

Божиќ е празник на мирот и празник посветен на семејството. Овој Божиќ нема да биде таков за четворица млади луѓе во одделението за психијатрија за адолесценти. Алекс, Феѓа, Тимо и Лара се четворица тинејџери со проблематично социјално однесување за кои претстојниот Божиќ не е време на мир и радост. Бидејќи сите четворица имаат растечки конфликти во семејствата, празниците нема да ги минат дома, туку во психијатриска болница. Тие се адолесценти различни по карактери, но се ставени пред предизвикот да се приспособат еден кон друг, но и да се конфронтираат меѓусебно во исцрпувачките терапевтски сесии. Благодарение на неконвенционалниот психијатар д-р. Волф, нивните сесии добиваат неочекуван правец, па четворицата тинејџери ќе доживеат Божиќ што никогаш нема да го заборават. Лековитото самооткривање започнува со посветување внимание на другите. Божиќната забава на станицата води до добри и лоши изненадувања. Сепак, и покрај горчливиот пораз, дава причина за надеж.

Режисерката на ЧЕТИРИ КРАЛЕВИ, Тереза фон Елц, доби награда на Филмскиот фестивал во Брауншвајг, а филмот освои и неколку национални филмски награди во Германија.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

21 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

22 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

24 ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.

25 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

26 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

НЕДЕЛА НА АЛБАНСКИ ФИЛМ

 

 

22 ОКТОМВРИ (САБОТА), 18:00 ч.

ДОЛГА КРАТКА ПРИКАЗНА

(Long Story Short) 

Игран филм, Австралија

2021 г., 90 мин., колор, ДСП

Режија: Џош Лоусон (Josh Lawson)

Сценарио: Џош Лоусон (Josh Lawson)

Улоги: Рафе Спал, Захра Њуман, Џош Лоусон, Рони Чиенг (Rafe Spall, Zahra Newman, Josh Lawson, Ronny Chieng)

 

Теди, главниот јунак во оваа романтична комедија, се буди утрото по неговата венчавка и открива дека на секои неколку минути скока напред кон следната година од својот живот. Теди има сè помалку време од својот живот и мора мудро да го искористи секој скапоцен момент за да не ја загуби љубовта на својот живот и да научи да го сака животот што го губи. Заробен во циклусот на временските скокови кои го пренесуваат уште една година напред на секои неколку минути, Теди се соочува со трка со времето додека неговиот живот се распаѓа околу него. Со помош на неговиот најдобар пријател Сем, Теди се обидува да ги исправи работите што тргнале наопаку и, додека неговиот живот буквално му минува пред неговите очи, мора да научи како да ги проживее драгоцените моменти од животот, за да ја врати жената што ја сака, дури и ако тоа е само за секунда…

ДОЛГА КРАТКА ПРИКАЗНА е снимен според сценариото и во режија на Џош Лоусон, популарен австралиски филмски и телевизиски актер кој последниве години е и успешен како режисер. Критичарите веќе се изјаснија дека ДОЛГА КРАТКА ПРИКАЗНА е одлична романтичната комедија во австралиска продукција пос долго време.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

25 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

26 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

МАРЕ

(Mare) 

Игран филм, Швајцарија / Хрватска
2020, 84 мин., колор, ДЦП
Режија: Андреа Штака (Andrea Štaka)
Сценарио: Андреа Штака (Andrea Štaka)
Улоги: Марија Шкаричиќ, Горан Навојец, Матеуш Кошчукиевич, Мирјана Карановиќ, Ивана Рошчиќ (Marija Škaričić, Goran Navojec, Mateusz Kosciukiewicz, Mirjana Karanović, Ivana Roščić)

Рутински, но со посветеност, Маре го води скромното домаќинство на своето мало семејство во Конавле, покрај аеродромот Ќилипи крај Дубровник, иако новата машина за перење не е единственото што недостасува. Со сопругот Ѓуро имаат три деца и навидум складен брак. Но, Маре е незадоволна жена, маж ѝ боледува од пострауматски воен синдром, децата се во бурен пубертет. Маре е невработена и зависи од примањата на сопругот. Кога случајна средба ќе го разгори нејзиното либидо, таа не се воздржува долго. Во соседната куќа се доселува Пјотр, градежен работник од Полска, и Маре ќе се впушти во сексуална врска со него, без обврски. Но, дали токму без никакви обврски? Нејзиното секојдневие се менува и Маре сè повеќе ја запознава непознатата жена во себе…

Шкаричиќ ги освои наградите за најдобра актерка на филмските фестивали во Сараево и во Пула за насловната улога во МАРЕ, а авторката Штака имаше три номинации за националните филмски награди на Швајцарија, нејзината родна земја.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

 

 

27 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 12:00 ч.

– СВЕТСКИ ДЕН НА АУДИОВИЗУЕЛНОТО НАСЛЕДСТВО –

 

 

27 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

28 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

29 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

30 ОКТОМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

31 ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.

– КИНЕНОВА – ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ПОСВЕТЕН НА ДЕБИТАНТСКИ ФИЛМОВИ –