Почина Борис Ноневски, долгогодишен директор на Кинотеката на Македонија. Ноневски беше погребан воПретор.

Борис Ноневски (1948-2021, Претор), по завршувањето на Факултетот за политички науки во Белград, работи во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Од 1976-та пак, е во Белград, како уредник во списанието „Социјализам“.Во 1985 се враќа во Скопје и е избран за директор на Кинотеката на Македонија. Ноневски беше директор на Кинотеката до 1998, па повторно од 2002 до 2007.

Ноневски беше истраен истражувач, посветен аналитичар и голем вљубеник во филмот. За време на неговото раководење со Кинотеката беа формирани два оддели, филмски архив и јавна дејност, а потоа и оддел за документација, воведување на систематско и аналитичко обработување на филмовите (одделно документарни и играни) формирање и воспоставување на принципите на обработка, систематизирање, каталогизирање, организирање на фототека и одделот за музејски експонати.

 

За време на неговото раководење, Кинотеката ја збогати научно-истражувачката и издавачката дејност преку организирање симпозиуми со интернационален карактер..  Воспоставени се методологии по кои до ден-денес се работи во Кинотеката и започнати се и завршени бојни проекти. Исто така започнати се и повеќе видови на каталози и каталогизирање на филмовите. Не смее да се заборави дека под негово раководство започнаа и првите сериозни проекти за заштита на филмската историја преку изработка на нови филмски копии. .

 

Во 2006, Кинотеката го прослави својот 30-годишен јубилеј во нови простории во библиотеката „Другарче“, со кино, видеотека и специјализирана филмска библиотека, постојана музејска изложба, изложбена галерија, библиотека, фототека, итн… По комплетно реновирање и опремување со 35 мм филмски проектори и „сараунд“ аудио-систем и 136 седишта – на 10 октомври 2006 година започна редовна филмска програма во киното. Во годините што следуваат се одржуваат голем број циклуси на познати автори, режисери и директори на фотографија, потоа претставување на голем број национални кинематографии, како и фестивали, премиери и промоции.

 

Ноневски, како директор на Кинотекатаво 1993 го организираше и првото интернационално издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола (дотогаш: Фестивал на југословенската камера „Милтон Манаки“, а претходно манифестација „Манакиеви средби“). Кинотеката беше организатор на фестивалот и наредната 1994 година.

Во 2009 година, Владата на Република Франција – на Ноневски му додели високо одликување: тогашниот француски амбасадор во земјава, Бернар Валеро, му го предаде одликувањето „Витез во редот на уметностите и литературата“. Во таа прилика, Ноневски даде и едно од неговитеретки ипоопширни интервјуа, каде, во таа прилика, тој изјави:

„Кинематографските релации помеѓу Франција и Македонија се врсници со филмот како појава –бидејќи, само година и половина по првата јавна проекција на браќата Лимиер во Париз (28 декември 1895 година), со која започна светската историја на филмот, првите живи слики на платно, што ги виде овдешната публика (во Битола, во 1896 година),беа од француска продукција…“

Сумирајќи, пак, дел од активностите на Кинотеката во тој период, Ноневски ќе ги наброи најважните достигнувања:

„И во оваа прилика сакам да искажам почит и признание кон Ацо Петровски, основачот и првиот директор на Кинотеката и кон луѓето кои ја покренаа и поддржаа иницијативата за нејзиното основање. Надградувајќи ја нивната замисла, Кинотеката бележеше подем и разгранување во својата дејност.Во соработка со колегите и во зависност од материјалната и финансиската поддршка на Министерството за култура, како и со повремени донации од домашни и странски фондации, настојував да ги поттикнувам и да одржувам избалансиран однос на традиционалните кинотечни дејности (истражувањето, прибирањето, заштитата, обработката и презентирањето на филмовите и филмските материјали). Како резултат на таквиот ангажман, во Филмскиот архив на Кинотеката се собрани и депонирани над 15.000 копии на играни, документарни и анимирани филмови, филмски журнали и други видови на аудио-визуелни материјали од домашната и светската продукција.Заштитено е, обработено и јавно презентирано домашното и голем дел од светското филмско наследство. Во Одделението за пишувана документација се систематизирани над 70.000 документи од личните фондови на творци и збирки на документи од кинематографските институции, а во Фототеката се прибрани и обработени 38.185 филмски фотографии, како и над 30.500 филмски плакати, афиши, каталози и други видови пропаганден филмски материјал. Формиран е и Кинотечен музеј со збирка од околу 500 експонати, а дел од нив се изложени во постојаната поставка.Врз основа на постигнатите резултати, Кинотеката на Македонија во 1997 година е примена за редовен член на ФИАФ (Меѓународна федерација на филмските архиви) и сега соработува со 132 кинотеки и филмски архиви во светот. Кинотеката, во 2005 година, дефинитивно доби свој дом – и со поддршка на Министерството за култура го адаптира објектот за оптимално одвивање на своите дејности…“ –посочи тогаш Ноневски.

Во таа прилика –Ноневски направи и своевиден портрет на Кинотеката:

„Кинотеката се издвојува меѓу сродните институции со истражувачката дејност. Кинотеката се профилира и како институт за филм. На колегите и на надворешните соработници постојано им велев: ако ние не го истражуваме и регистрираме минатото, ако ние не ја напишеме, никој нема да ни ја напише историјата на нашата кинематографија. Постојана преокупација ми беше да ја институционализираме филмолошката наука во Македонија и врз нашата продукција да обликуваме сопствена кинестетска свест. Во таа смисла, иницирав краткорочни истражувања (во домашните и странските архиви) и долгорочни интердисциплинарни проекти.На трагата на таквата замисла во Кинотеката се одржаа над 20 симпозиуми со учесници од разни научни дисциплини од земјата и странство. Од тие екипни истражувања произлезе едицијата Филмолошки студии за македонската играна продукција во која до сега се објавени посебни книги за седум играни остварувања со прилози од 100-тина автори.Ние сме меѓу ретките земји во светот во кој е изготвена и објавена интегрална филмолошка студија за целокупната национална играна продукција (Мирослав Чепинчиќ, ‘Македонскиот игран филм’, во два тома) и општа историја на светскиот филм (Георги Василевски, ‘Историја на филмот’, во четири томови). Во организација на Кинотеката се одржуваа и меѓународни симпозиуми. Особено успешни беа симпозиумите: ‘Бегалците и филмот’ (1993), ‘Кинематографиите на малите народи’ (1995), ‘Филмот во балканскиот културен контекст’ (1998) и ‘Развојот и проникнувањето на балканските национални кинематографии’ (2002).Од последните два проекта во финалната фаза треба да произлезе компаративна ‘Историја на филмот на Балканот’. Иницирајќи ги стручните и научните истрачувања, секогаш настојував да придобијам пријатели и почитувачи на македонската кинематографија и култура. Тие, освен што ги афирмираа нашите уметнички достигнувања и културни вредности во странство, активно учествуваа и во истражувањето и промислувањето на нашата кинематографска ситуација. Потоа, Рон Холовеј (САД – Германија), Мирон Черњенко (Русија) и Маријан Цуцуи (Романија) објавија и обемни студии за македонскиот филм. Врз основа на истражувачките активности – Кинотеката покрена и издавачка дејност. До сега се издадени над 40 книги, а во ‘Кинотечниот месечник’, кој прерасна во ‘Кинопис’ (списание за историјата, теоријата и културата на филмот и другите уметности) се објавени повеќе од 1.700 стручни и научни прилози од домашни и странски автори. Според обемот на филмскиот фонд, структурата и содржината на филмските колекции, но и според другите референтни збирки, како и остварените стручни и научни резултати – иако Македонија е мала кинематографска земја – Кинотеката на Македонија спаѓа меѓу поголемите и респектирани кинотеки и филмски архиви во светот…“ – вели Ноневски, портретирајќи ја својата кинотечна работа, својот ангажман и насоки во Кинотеката, како и самата Кинотека –во тоа исклучително интервју пред 11 години.

Со длабока почит и благодарност – вечна му слава!

Leave a comment