Филмската, телевизиска и театарска актерка Мајда Тушар почина денеска во Скопје на 72 години, соопшти нејзината матична куќа Драмски театар. Тушар беше членка на ансамблот на Драмски од 1972 до 2015.

Мајда Тушар има завршено Висока музичка школа – Отсек за драмски актери, како членка на првата генерација актери образувани кај нас.

Од 1972 година е член на артистичкиот ансамбл на Драмскиот театар во Скопје. Како филмска актерка дебитира со ИСТРЕЛ на Бранко Гапо во 1972. Нејзината филмографија ги содржи и филмовите:
1977Исправи се, Делфина ( Споредна улога, )
1980Оловна бригада ( Споредна улога, )
1982Јужна патека ( Споредна улога, )
2000Хофманова 13 ( Актер, )

Од бројните театарски улоги се издвојуваат Рут во „Дејството на гама зраците врз сенишните невени“ (1973), Лисјена во „Болва во уво“ (1974), Дафина во „Јане Задрогаз“ (1974), Неда во „Црнила“ (1977), Ленче во „Ослободување на Скопје“ (1978), Орсолина во „Рибарски караници“ (1979), Невестата во „Чудото на Свети Ѓорѓи“ (1981), Клодија во „Тетовирани души“ (1986), Кристина во „Сили во воздухот“ (1988), Медеја во „Медеја“ (1988) и Блага во „Кула Вавилонска“ (1990).

Добитничка е на наградата „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на театарот, како и наградите Актер на годината за улогата на Ленче во претставата „Ослободувањето на Скопје“, за која ја освои и наградата на МТФ „Војдан Чернодрински“.