Кинотеката на РС Македонија изразува длабоко жалење и искрено сочувство до семејството заради загубата на многупочитуваниот Мето Јовановски, доајен и еден од најреномираните актери во историјата на македонскиот театар и кинематографија.
Мето Јовановски беше роден во пехчевското село Панчарево, во 1946 г. Уште како средношколец, настапува на сцената на Народниот театар во Штип. По завршувањето на средното образование, дипломира актерска игра на Вишиот институт за театарска уметност во Софија, во 1971 г., како последна генерација во класата на легендарниот бугарски театролог, професорот Бојан Дановски. Истата година се вработува во Драмскиот театар во Скопје и за кусо време станува еден од водечките драмски уметници во Македонија.
Што се однесува до македонската кинематографија, Мето Јовановски остварува исклучително значајни улоги, главни и споредни, во повеќе од сто македонски и балкански играни и ТВ филмови и серии, од кои најзначајни се улогите во: „Македонскиот дел од пеколот“, „Татко (Колнати сме, Ирина)“, „Најдолгиот пат“, „Нели ти реков“, „Пресуда“, „Итар Пејо“, „Време, води“, „Оловна бригада“, „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ‘49“, „Хај-фај“, „Трст виа Скопје“, „Тетовирање“, „Македонска сага“, „Пред дождот“, „Ангели на отпад“, „Прашина“, „Зона Замфирова“, „Големата вода“, „Тајната книга“, „Мисија Лондон“, „Трето полувреме“, „До балчак“, „Деца на сонцето“, „Златна петорка“, „Ослободување на Скопје“, „Ругање со Христос“, „Бистра вода“ и многу други.
За својата исклучителна актерска игра пет пати е прогласен за „Глумец на годината“ според списанието „Екран“, седум пати е наградуван на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп каде што во 2015 г. е овенчан со награда за животно дело, четири пати е лауреат на наградата „Милтон Манаки“, добитник е на наградата на градот Скопје „13 Ноември“, на републичката награда „11 Октомври“, на државната награда на Република Македонија „Св. Климент Охридски“, на „Златен венец“ на Фестивалот на малите и експериментални сцени во Сараево (МЕСС), на „Златна маска“ од весникот „Вечер“, на две „Гран-при“ награди за улогите во филмовите „Среќна Нова ‘49“ и „Тетовирање“ и за најдобра машка епизодна улога во филмот „Црвениот коњ“ на Филмскиот фестивал во Ниш, на „Златна значка“ на Филмскиот фестивал во Врњачка Бања, на „Златна клапа“ во Белград, за придонес во филмската уметност, на наградата за најдобра машка улога на Меѓународниот фестивал на експериментални сцени во Риека, како и на Меѓународниот театарскиот фестивал „Маруличеви денови“ во Сплит, наградата на театарскиот фестивал „Ристо Шишков“, наградата „Петре Прличко“, наградата „Св. Јоаким Осоговски“, наградата „Омаж“, наградата на Филмскиот фестивал „Киненова“ за особен придонес во филмската уметност, наградата за животно дело „Златен чадор“ на „Балкан панорама филм фестивал“ во Измир, наградата на фестивалот „Јоаким Фест“ и многу други.
Мето Јовановски беше и режисер на повеќе театарски претстави во неколку театри во Македонија и професор по актерска игра на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје, каде што во 2015 г. беше прогласен за „Doctor Honoris Causa“.
Мето Јовановски беше член н УО на Кинотека и така даваше придонес и за унапредувањето на нашата дејност.
Мето Јовановски почина на 77-годишна возраст, на 16 ноември 2023 г., во Скопје.
Со неговото заминување Кинотеката на РС Македонија загуби искрен пријател и неуморен работник, а Македонија голем културен деец, кој остави траен белег во македонската култура.