Утрово во Скопје по кратко боледување ненадејно почина филмскиот продуцент Горјан Тозија.

Општо познат и по прекарот Медо, Горјан Тозија во својата обемна професионална биографија беше филмски продуцент, но и поранешен државен секретар во Министерството за култура и советник во Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски.

Тозија кариерата ја започнал на снимањето на филмот МАКЕДОНСКИОТ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ (1971), по што заминал на студии во Загреб, а потоа две децении работел во „Јадран филм“: меѓу другото и на мегапроекти како ТВ сериите ВЕТРИШТА НА ВОЈНАТА (The Winds of War, 1983) и ВОЈНАТА И СЕЌАВАЊАТА (War and Remembrance, 1988–1989) . По враќањето во Македонија беше директор на „Вардар филм“ во периодот од 1994 до 1998 година, кога беа снимени ПРЕД ДОЖДОТ (кој доби номинација за Оскар во 1995), АНГЕЛИ НА ОТПАД (1996), ЏИПСИ МЕЏИК (1997), ПРЕКУ ЕЗЕРОТО (1997)… а во 1995 и директор на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

Со искуството од загрепски „Јадран филм“, Тозија беше поборник за учество на македонската филмска продукција во интернационални проекти, па во неговиот мандат „Вардар филм“ беше и сервис на високобуџетните МИРОТВОРЕЦ (The Peacemaker, 1997) и ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО САРАЕВО (Welcome to Sarajevo, 1997), кои делумно беа снимани на локации во Македонија.

Горјан Тозија беше продуцент во повеќе од 50 филмски и телевизиски проекти, меѓу кои и ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ (2016), ТРЕТО ПОЛУВРЕМЕ (2012), ЛИВАДА (1998), а од странските продукции се издвојуваат „Undercover“ (1991), „Sidney Sheldon’s Memories of Midnight“ (1991), „The Forgotten“ (1989), „A time of destiny“ (1988)…

Тозија беше и претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) во два наврати. Во периодот од 2017 до 2020 година беше директор на Агенцијата за филм на РСМ, а минатата година Владата го именува да раководи со телото за развој на Преспанскиот Регион.

В петок, 14.01.2022 во 11:00 часот во Кинотеката на Македонија ќе биде одржана комеморативна средба.