(22. III. 1928 – 2. IV. 2024)

Можеби најпознатиот и еден од наценетите југословенски филмски режисери, Вељко Булајиќ, е роден во 1928 година, во малото место Вилуси крај Никшиќ во Црна Гора. Неколку години подоцна, неговата фамилија се сели во Сараево. Во 1943 г. се придружува на партизанските чети во НОБ, а една година подоцна бива тешко повреден. Од 1946 живее во Загреб, каде што интензивно започнува да ја проучува филмската уметност. Како стипендист, запишува филмска режија на ценетиот институт Centro Sperimentale di Cinematografia во Рим. За време на студиите, работи и како асистент на филмовите на Федерико Фелини и Виторио де Сика. По враќањето во родната земја, му асистира на југословенскиот и хрватски филмаџија Ватрослав Мимица на филмот ВО ОЛУЈА. Режира и неколку краткометражни и документарни остварувања. Дебитира како режисер на долгометражен игран филм со проектот ВОЗ БЕЗ ВОЗЕН РЕД. Во 1959 г., филмот беше прикажан на филмскиот фестивал во Пула, а беше и официјално селектиран на филмскиот фестивал во Кан. Креиран под очигледно влијание на италијанскиот неореализам и на американскиот вестерн, филмот на режисерски план се одликува со масовни сцени и со прецизна контрола на мизансценот. Влијанието на италијанската кинематографија и неореализмот е забележливо и во остварувањето ЗОВРИЕН ГРАД од 1961 година, добитник на наградата за најдобар филм и сценарио на фестивалот во Пула. Токму оваа декада, шеесеттите години од минатиот век, го означува професионалниот зенит на Булајиќ како филмски автор. Во средиштето на неговиот опус остануваат со големи букви запишани филмските епови КОЗАРА, добитник на Златна Медаља на фестивалот во Москва, и – се разбира – неговото светски познато дело БИТКАТА НА НЕРЕТВА, номиниран за престижната статуетка Оскар во категоријата за најдобар странски филм во 1969 година. Токму ова остварување и ден-денес важи за врвен продукциски дострел на тогашната југословенска кинематографија. Иако бил склон претежно кон покласичниот режисерски пристап и наративното-реалистично проседе, направил излет и во помодерните кино трендови, со апстрактниот и модернистички ПОГЛЕД ВО ЗЕНИЦАТА НА СОНЦЕТО. Работел и како ТВ режисер. За телевизиската продукција ги осмислил и ги реализирал  серијалите ЦРНА ГОРА и МЕМОАРИТЕ НА ТИТО. По распаѓањето на поранешната држава, Булајиќ го режира историскиот биографски филм ЛИБЕРТАС, посветен на животот и делото на Марин Држиќ.

Вељко Булајиќ е, ако не најценетиот и највлијателниот, тогаш најгледаниот и најпрепознатливиот југословенски филмски режисер. За време на својата повеќедецениска кариера, соработувал со такви величини како Орсон Велс, Кристофер Пламер, Сергеј Бондарчук, Франко Неро, Јул Бринер, Чезаре Заватини.

За својот особен придонес кон седмата уметност, Вељко Булајиќ во 2008 г. ја доби специјалната награда Златна Камера 300 од интернационалниот филмски фестивал БРАЌА МАНАКИ во Битола.

 

23-ти Мај во 20:00 часот.

СКОПЈЕ 63

На 26 јули 1963, во 5 часот и 17 минути, Скопје го погоди катастрофален земјотрес со јачина од 6.1 степен по рихтеровата скала. Само три дена подоцна, режисерот Вељко Булајиќ со својата екипа пристигнува во разурнатиот град. Следните неколку месеци се снима материјал, сведоштво за потресната судбина на градот. Булајиќ, по завршувањето на првата етапа од реализацијата, цели 12 месеци го монтира и синхронизира снимениот материјал. Монументалниот документарен проект е прикажан на фестивалот во Кан во 1964, а на венецијанското филмско биенале ја добива наградата за најдобар долгометражен документарен филм. Од неколкуте филмски прикази на скопскиот земјотрес, се чини дека филмот на Булајиќ најдобро се носи со тестот на времето. Делото не е само документ на настанот, туку е и креативен, оригинален, па и универзален приказ. Осврт кон едно време, еден одлучувачки настан и многу човечки судбини. Најбитниот слој на филмот е изборот на авторот филмот да не се фокусира исклучиво на земјотресот, туку и на реакцијата на луѓето, заедницата и односот на системот кон оние кои ги загубиле своите најблиски и своите домови. СКОПЈЕ 63 е сведоштво за моќта на филмот како медиум, сведоштво и за битната авторска визија. Филмот е во продукција на тогашниот Вардар Филм и Јадран Филм, а при реализацијата Булајиќ соработувал со нашите познати автори и филмски дејци – Јован Бошковски, Матеја Матевски, Ѓорѓи Старделов, Љубе Петковски, Драган Салковски. За потребите на филмот е снимен и еден од првите концерти на Есма Реџепова и нејзината изведба на Chaje Shukarije.

Во 2020 година хрватските филмски критичари го прогласија токму ова остварување за еден од најдобрите хрватски документарни филмови на сите времиња.