Јавна дејност

Одделот за јавна дејност изведува активности од областа на презентирањето, промоцијата и прикажувањето на филмовите што ги поседува Кинотеката – преку издавање на филмови, филмски и други материјали, како и преку организирање на разни ретроспективни ревии, манифестации и изложби – како во државава, така и во странство.

Фототека

Неразделен дел од филмското производство се и филмските фотографии, плакатите и другиот пропаганден материјал кој се чува во фототеката. Во неа се прибрани и обработени над 45.000 фотографии, 607 плакати, над 34.000 примероци пропаганден материјал (каталози, програми, афиши итн.), 4.800 фото негативи, 1.270 слајдови, 390 костимографски скици, 155 сценографски скици и 380 фолии. Тоа се над 80.600 единици – само од националната продукција. Исто така, фототеката при Кинотеката на Македонија располага и со голем број плакати и пропаганден материјал од странската продукција.

Kонтакт: Силвана Јовановска silvanaj@maccinema.com

Пишана документација

Одделението за пишана документација е задолжено да ги собира, заштитува и обработува пишаната граѓа и придружната документација од областа на филмот: синопсиси, сценарија, книги на снимање, дијалог листи и други документи (авторски договори, договори за копродукции, лични документи на филмските автори и сл.). Досега, во овој оддел се собрани и обработени повеќе од 400.000 единици на разни документи и материјали, сместени во архивски кутии на околу 200 должни метри.

Kонтакт: Милка Капсарова-Зоксимовска milkakz@maccinema.com

Издавачка дејност

Меѓу другите активности на Кинотеката спаѓа и публикувањето и печатењето на книги од областа на историјата и теоријата на филмот. Досега, Кинотеката има издадено 26 наслови. Кинотеката го издава и периодичното списание за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности КИНОПИС, кое излегува двапати годишно. Освен тоа, од областа на електронското издаваштво, во 2000 година Кинотеката го издаде и мултимедијалниот ЦД-РОМ „Векот на филмот во Македонија“.

Kонтакт: Петар Волнаровски petarv@maccinema.com

Кино сала

Во 2006 година Кинотеката го прослави својот 30-годишен јубилеј во новите простории во објектот на библиотеката „Другарче” со киносала, видеотека и филмолошка книжарница, постојана музејска поставка, изложбена галерија, библиотека, фототека…

По целосното реновирање и опремување со 35мм. филмски проектори и сараунд аудио систем, и 136 места за седење, на 10 октомври 2006 година започнува редовната филмска програма во кинотечното кино. Се одржуваат повеќе циклуси меѓу кои и: „Македонски филм”, „Авторски филм”, „Чаплин-идентитет на филмот”, „Висконти”, „Исток-Запад”, „Недела на францускиот филм” и т.н.

Во годините што следуваат се одржуваат голем број циклуси на познати автори, режисери и директори на фотографија, потоа претставување на голем број национални кинематографии, како и фестивали, премиери и промоции. Гости во Кинотеката, покрај другите беа и: Јиржи Менцл, Наталија Бондарчук, Маноло Де Оливеира, Тиери Арбогас, Лордан Зафрановиќ, Желимир Жилник и други.

Во 2015 година, кино салата беше реновирана, односно се постави нова опрема за дигитални проекции, ДЦП проектор, медиа, Блу-реј и ДВД плеер, а беше поставено и ново проекционо платно.

 

ПОДАТОЦИ ЗА ПОСЕТЕНОСТ НА КИНОТЕЧНИТЕ ПРОЕКЦИИ 

ВО ПЕРИОД ОД 2015 ДО 2018 ГОДИНА

 

Година Проекции Наслови Посетители
2015 276 207 8811
2016 363 267 13275
2017 255 362 9198
2018 (1–6 месец) 248 240 9522

 

Контакт: Бојан Станишиќ bojans@maccinema.com