МЕСЕЦ ДЕКЕМВРИ ВО КИНОТЕКА

 

Последиот месец од оваа календарска година – декември – во Кинотека ќе бидат прикажани незаборавни филмски остварувања. Всушност, тоа е сржта, суштината на работата на оваа институција. Секогаш кога е можно пред гледачите да бидат прикажани неодминливите, култни остварувања. Такви кои интелектот го креваат на високо рамниште, тераат на размислување, заземање став, анализирање. Можеби повторно, а сигурно не и последен пат, привилегија е да се проследат филмски ракописи потпишани од великани на седмата уметност.

На самиот почеток на месецот ќе му се оддаде пиетет на бардот на глумиштето, незаборавниот Мето Јовановски. Ќе биде прикажан филмот АНГЕЛИ НА ОТПАД, последниот целовечерен филм на Димитрие Османли, во кој нашиот Мето бравурозно, впрочем како и секогаш, било во театар, било на филм, ја одигра главната ролја.

Исто така самиот почеток на месецот декември ќе го означи и крајот на настанот „Месец на европски филм“ кој треба да заврши на 9 декември. Потоа, ќе има неколку проекции на веќе познатиот ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ, во режија и по сценарио на Горан Столевски. Неговата филмска приказна е за универзалните вредности на семејството како општествена единка.

Полскиот режисер Јержи Сколимовски има кариера која трае повеќе од 60 години, чии филмови од шеесетите години на минатиот век се сметаат за најава на новите естетски тенденции во полската кинематографија. Токму во тоа ќе можат да се уверат филмофилите гледајќи ги неговите филмови во првата половина на месецов. Она што е за одбележување е проекцијата на можеби најценетиот филм на Сколимовски РАЦЕТЕ ГОРЕ, за товарот на сталинистичкото минато на Полска, забранет за прикажување во земјата цели 18 години. Би го споменале и неговиот последен филм, ИО, еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови со кој Сколимовски покажува дека има уште што да каже.

ЧУВАРИ НА ФОРМУЛАТА, дело на познатиот Драган Бјелогрлиќ, ги пренесува вистинските случувања од крајот на педесеттите години во институтот „Винча“ во Србија. Гледачите ќе можат да изберат која од двете проекции во средината на месецот ќе ја проследат. Во истата временска отсечка ќе биде промовиран новиот хрватски филм ЕСКОРТ, по сценарио и режија на Лукас Нола. Станува збор за интересен жанровски филм во кои се вплеткани ескорт дама, фамилијарен човек-успешен бизнисмен, и вработените во хотелот каде што се одигрува дејствието на филмот.

Потресните воени настани во Украина, поточно на самата граница со Русија, се доловени во КЛОНДАЈК, храбриот филм на сценаристката и режисерка Марина Ер Горбач. Оваа украинско-турска копродукција е програмска содржина на Кинотека на 18 декември. Проекцијата е во соработка со филмскиот фестивал „Киненова.“

Самото финале на месецот, односно годинава, е резервирано за великаните, големите авторски имиња Скорсезе, Питер Вир, Фелини, Ингмар Бергман. Што да се каже за нивните култни остварувања, а што не е кажано досега. Скорсезе ќе биде претставен со неговиот филм УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА, три и пол часовен епски вестерн, токму од оваа година. Филмот е екранизација на истоимениот роман на Дејвид Ган од 2017 година и во него повторно актерски брилјираат Роберт Де Ниро и Леонардо Ди Каприо. Истиот збор може да се употреби за австралискиот значаен режисер Питер Вир и неговиот ГОДИНА НА ОПАСНО ЖИВЕЕЊЕ, филм што ја отвори вратата на светската кинематографија за австралиската филмска сцена. На светската филмска сцена, пак, со децении неприкосновени се режисерските великани Федерико Фелини и Ингмар Бергман. Од опусот на италијанскиот филмски маг е избран ОСУМ И ПОЛ, ремек-дело кое е меѓу првите во абецедата на светскиот филм. Во неа бездруго свое место има и ФАНИ И АЛЕКСАНДЕР на прочуениот швеѓанец Ингмар Бергман. Кинотека брилијантно ќе ја заврши годинава токму со избор на легендарни автори и филмови, а на кино љубителите им останува задоволството да ги видат.

 

 

ПРОГРАМА ДЕКЕМВРИ 2023

 

 

1 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.
2 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 18:00 ч.
4 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
5 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
6 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 18:00 ч.
ТЕЛО
(Тelo / Body)
Документарен филм, Словенија / Хрватска / Македонија
2023, 92 мин., колор, ДЦП
Режија: Петра Селишкар (Petra Seliškar)
Сценарио: Бранд Феро, Петра Селишкар (Brand Ferro, Petra Seliškar)
Улоги: Уршка Ристиќ, Бојан Ристиќ, Мија Ристиќ (Urška Ristič, Bojan Ristič, Mija Ristič)

Трогателна долгометражна приказна на режисерката Петра Селишкар која опфаќа две децении од чудесниот живот на Уршка, блиска пријателка на режисерката Селишкар, додека се бори со ретки автоимуни болести. Поранешен модел, а денес професионална пијанистка, Уршка се соочува со огромни предизвици, но никогаш не го губи својот нескротлив дух. Приказната обединува интимни разговори, лични архиви и креативни визуелни елементи за да ги истражи мистериите на човечкото тело и да ја разбере неговата суштина преку моќта на уметноста и пријателството. Бурно патување кон исцелување и самоприфаќање.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

1 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.
АНГЕЛИ НА ОТПАД
(Angels of Waste)
Игран филм, Македонија
1993, 114 мин., колор, 35мм
Режија: Димитрие Османли (Dimitrie Osmanli)
Сценарио: Томислав Османли (Tomislav Osmanli)
Улоги: Мето Јовановски, Мери Бошкова, Катина Иванова, Јосиф Јосифовски (Meto Jovanovski, Meri Boshkova, Katina Ivanova, Josif Josifovski)

Проектцијата на АНГЕЛИ НА ОТПАД е во чест Мето Јовановски, големиот бард на македонското глумиште. Во неговата богата петдецениска актерска кариера, Јовановски остави траен белег во македонскиот (и блаканскиот) театар, филм и телевизија. Добитник е на бројни награди, меѓу кои и „Златната клапа“ во Белград, четирикратен лауреат на наградата „Милтон Манаки“, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, наградата за животно дело на филмскиот фестивал „Балкан Панорама“ во Измир, во 2022, итн. Зад себе има оставено незаборавни улгои во повеќе класици на нашата кинематографија, како што се СРЕЌНА НОВА’49 (1986), ТЕТОВИРАЊЕ (1991), ТАТКО / КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА (1973), ПРЕД ДОЖДОТ (1994), МАКЕДОНСКА САГА (1993), ГОЛЕМАТА ВОДА (2004), ДЕЦА НА СОНЦЕТО (2014), ТАЈНАТА КНИГА (2006), како и во многу копродукциски филмски проекти во регионот. Еден таков класик е и АНГЕЛИ НА ОПТАД, последниот филм на еден друг великан на нашата кинематографија, режисерот Димитрие Османли. Филмот е трагикомедија за бездомниците во времето на транзицијата од 90-тите години. Тоа се луѓе (претежно од циркускиот свет) кои не успеале да се снајдат во новите прилики и се отпадници од општеството. Кога циркусот изгорува и „последната изведба“ завршува со трагедија, вината за загуба е на корумпираните службеници и ситните гангстери.

Возрасна категорија: 16 години
бесплатен влез

 

2 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.
4 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
5 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
11 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
12 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
13 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ
(Housekeeping for Beginners)
Игран филм, Македонија / Хрватска / Косово / Полска
2023, 108 мин., колор, ДЦП
Режија: Горан Столевски (Goran Stolevski)
Сценарио: Горан Столевски (Goran Stolevski)
Улоги: Анамариа Маринка, Алина Сербан, Самсон Селим, Владимир Тинтор, Миа Мустафа, Џада Селим, Сара Климоска, Розафа Целај, Ајше Усеини (Anamaria Marinca, Alina Serban, Vladimir Tintor, Mia Mustafa, Džada Selim, Rozafa Celaj, Sara Klimoska, Ajse Huseini)

Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

6 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
ИО
(ЕО)
Игран филм, Полска / Италија
2022, 88 мин., колор, ДЦП
Режија: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Сценарио: Јержи Сколимовски, Ева Пјасковска (Jerzy Skolimowski, Ewa Piaskowska)
Улоги: Саднра Джималска, Лоренцо Зурзоло, Избел Ипер, Матеуш Кошчукјевич (Sandra Drzymalska, Lorenzo Zurzolo, Isabelle Huppert , Mateusz Kościukiewicz)

ЕО е последниот филм на Јержи Сколимовски, легендата на полското и Европското кино. Тој со овој филм покажува дека има уште што да каже. ЕО е еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови во неговата шеесетгодишна кариера. Филмот ја освои наградата од жирито на 75-то издание на Канскиот филмски фестивал и влезе во потесниот избор на наградата „Оскар“ за најдобар странски филм во 2023та година.
ЕО е инспириран од филмскиот класик на Роберт Бресон (Robert Bresson) од 1966 година БАЛТАЗАР, СЛУЧАЈНО (Au Hasard Balthazar). Приказната го следи животот на магарето Ео. Откако ќе биде избркано од патувачки циркус, Ео го започнува своето патување низ кое наидува на секакви луѓе, вклучувајќи италијанска грофица и полски фудбалски тим, доживува радост и болка и се обидува да го најде доброто во животот. За разлика од филмот на Бресон, Сколимовски додава уште една димензија на приказната и ја истражува визијата за модерна Европа низ очите на магарето кое си ја бара слободата.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: бесплатен влез

 

7 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
9 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 18:00 ч.

ЛЕНА И ВЛАДИМИР
(Lena and Vladimir)
Игран филм, Македонија / Србија
2023, 95 мин., колор, ДЦП
Режија: Игор Алексов (Igor Aleksov)
Сценарио: Александар Русјаков (Aleksandar Rusjakov)
Улоги: Тони Наумовски, Сара Климоска, Дениз Абдула, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Петре Арсовски (Toni Naumovski, Sara Klimovska, Deniz Abdula, Petar Mirchevski, Blagoja Chorevski, Petre Arsovski)

Судбината спојува двајца бегалци, Владимир, 40-годишен маж кој ја изгубил сета своја љубов, и Лена, 16-годишна девојка која никогаш немала љубов. Тие си помагаат еден на друг да ја откријат љубовта кон животот.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

7 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
БЕЛЕЗИ НА ИДЕНТИФИКАЦИЈА
(Rysopis / Identification Marks: None)
Игран филм, Полска
1965, 71 мин., колор, ДЦП
Режија: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Сценарио: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Улоги: Елжбиета Чижевска, Јержи Сколимовски (Elżbieta Czyżewska, Jerzy Skolimowski)

БЕЛЕЗИ НА ИДЕНТИФИКАЦИЈА е деби на прочуениот полски режисер Јержи Сколимовски како и првиот филм од цикусот за судбината на Анджеј Лешчиќ – млад, чувствителен човек, изгубен во комунистичкото полско општество кој очајнички бара излез од безнадежното и бесцелно секојдневие. Анджеј е алтер егото на Сколимовски, и самиот режисер го игра главниот лик. Приказната започнува кога Анджеј се буди рано наутро и ја остава девојка му која уште спие. Тој решава да се откаже од студентскиот живот и да се пријави за регрутација. Филмот ги следи неговите преостанати часови од животот на обичен граѓанин.
Во времето кога се појави, БЕЛЕЗИ НА ИДЕНТИФИКАЦИЈА отвори нови естетски перспективи за полската кинематографија. Составен од само 29 кадри, филмот дава портрет на млад човек од генерацијата млади Полјаци во средината на 1960-тите. Заглавен меѓу различни можности, неконзистентен во своите постапки, со внатрешен немир, главниот лик очајно се обидува да си го најде своето место во светот.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: бесплатен влез

 

8 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.
БАРИЕРА
(Bariera / Barrier)
Игран филм, Полска
1966, 77 мин., колор, ДЦП
Режија: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Сценарио: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Улоги: Јан Новицки (Jan Nowicki)

БАРИЕРА е третиот филм на Јержи Сколимовски од 1966 г. во кој тој продолжува со својата опсесија со животите на младите луѓе во комунистичка Полска.
Филмот е психолошка драма чиј херој – еден мад, модерен човек – се обидува да ги надмине бариерите во својот живот: возраста, парите, конвенциите и хиерархијата. Главниот лик ги напушта студиите и животот во студентскиот дом. Неговиот сон е да се ожени со богата жена, да има вила во предградие и автомобил „Јагуар“ во гаража. Сепак, тој запознава девојка која има различни идеали од него. Тоа го принудува да го ревидира својот став кон животот и кон себе си.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: бесплатен влез

 

9 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.
ЛЕСНА ПОБЕДА
(Wаlkower)
Игран филм, Полска
1965, 70 мин., колор, ДЦП
Режија: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Сценарио: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Улоги: Александра Завјерушанка, Јержи Сколимовски (Aleksandra Zawieruszanka, Jerzy Skolimowski)

Во својот втор игран филм ЛЕСНА ПОБЕДА, Сколимовски ја продолжува приказната за неговото алтер его, Анджеј Лешчиќ.
Младиот Анджеј, ги напушта студиите и доаѓа во мало гратче каде ја среќава својата поранешна соученичка Тереза, која сега е менаџер во енергетската централа. Таа му наоѓа работа во фабрика, но, Анджеј исто така е и аматерски боксер кој дошол во гратчето да учествува на локалниот, аматерски боксерски турнир.
ЛЕСНА ПОБЕДА е едно од ремек-делата на полскиот нов бран од средината на шеесеттите години на минатиот век. Тоа е егземпларен пример на филмскиот модернизам кој во дрскоста, отфрлањето на авторитетите и револтот има доста заедничко со филмовите од францускиот нов бран.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: бесплатен влез

 

10 ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.
РАЦЕТЕ ГОРЕ
(Ręce do góry / Hands Up!)
Игран филм, Полска
1981, 76 мин., црно бел, ДЦП
Режија: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)
Сценарио: Јержи Сколимовски, Анджеј Костенко (Jerzy Skolimowski, Andrzej Kostenko)
Улоги: Јержи Сколимовски, Јоана Шчербиц, Тадеуш Ломницки (Jerzy Skolimowski, Joanna Szczerbic, Tadeusz Lomnicki)

Петмина млади луѓе повторно се среќаваат во товарен воз, десет години по нивното дипломирање на медицинскиот факултет. Тие се навраќаат на нивното заедничко минато, кога Полска била под сталинизмот.
РАЦЕТЕ ГОРЕ е четвртиот филм од серијата автобиографски филмови во кои познатиот полски режисер Јержи Сколимовски го игра своето алтер его – Анджеј Лешчиќ. Поради прикажувањето на сталинистичкото минато, филмот 18 години беше забранет во комунистичка Полска, што е и главна причина зошто Сколимовски набрзо потоа ја напушта земјата. Новата верзија на филмот е премонтирана и додадени се нови архивски снимки.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: бесплатен влез

 

11 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
15 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.
ЧУВАРИ НА ФОРМУЛАТА
(Čuvari formule / Guardians of the Formula)
Игран филм, Србија / Црна Гора / Словенија / Македонија
2023, 120 мин., колор, ДЦП
Режија: Драган Бјелогрлиќ (Dragan Bjelogrlić)
Сценарио: Вук Ршумовиќ, Драган Бјелогрлиќ, Огњен Свиличиќ (Vuk Ršumović, Dragan Bjelogrlić,Ognjen Sviličić)
Улоги: Радивоје Буквиќ, Алексис Маненти, Лајонел Абелнаски, Ан Сера (Radivoje Bukvić, Alexis Manenti, Lionel Abelansky, Anne Serra)

Во октомври 1958 година, во екот на кризата од Студената војна, група на комунистички научници од Институтот „Винча“ во Србија спроведуваат таен проект предводен од професорот Драгослав Поповиќ. Поради непредвидени околности, тие се изложуваат на смртоносна доза на радиоактивно зрачење од ураниум, поради што југословенската тајна полиција ги носи на лекување во Клиниката „Кири“ во Париз.
Францускиот медицински тим предводен од професорот Жорж Мате заклучува дека нивната состојба е критична и дека нивните денови се избројани. Иако професорот Мате целиот свој живот го има посветено на борбата против нуклеарното оружје и длабоко го презира проектот на кој работеле југословенските научници, тој предлага за прв пат во историјата да се спроведе деликатна и неизвесна интервенција за замена на коскената срцевина на озрачените пациенти.
Дали е тоа експеримент врз живи луѓе или навистина сака да им помогне – станува мачно прашање за југословенските научници. Филмот е заснован на вистинска приказна.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

12 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
БЕССОНИ ВО СИЕТЛ
(Sleepless in Seattle)
Игран филм, САД
1993, 105 мин., колор, 35мм
Режија: Нора Ефрон (Nora Ephron)
Сценарио: Нора Ефрон, Дејвид С. Вард, Џеф Арч (Nora Ephron, David S. Ward, Jeff Arch)
Улоги: Том Хенкс, Мег Рајан, Бил Пулман, Рита Вилсон (Tom Hanks, Meg Ryan, Bill Pullman, Rita Wilson)

Откако неговата сопруга ќе почине, Сем Болдвин и неговиот 8-годишен син се преселуваат од Чикаго во Сиетл. Осумнаесет месеци подоцна Сем сè уште тагува и има несоници. Иако на синот му недостига мајка му, тој сака неговиот татко да биде среќен и да најде нов љубовен партнер. На Бадник, Сем (на иницијатива на син му) се јавува во ноќна радио програма каде си ја отвора душата колку сè уште му недостига неговата почината жена. Меѓу многуте кои ја слушаат приказната на Сем е и Ени Рид, новинарка од Балтимор, која, и покрај тоа што е свршена, се вљубува во Сем.
БЕССОНИ ВО СИЕТЛ е романтична комедија од 1993 година во режија на Нора Ефрон (Nora Ephron). Се смета за една од најдобрите романтични комедии кога била направени, со приказна која балансира помеѓу хуморот и меланхолијата и неверојатна хемија помеѓу актерската двојка Мег Рајан и Том Хенкс. Тоа е еден од егземпларните холивудски филмови од 1990-тите години. Но, освен што буди носталгија, филмот го прикажува влијанието на медиумите врз нашите чувства. Се открива како љубовта може да се роди и да расте преку етерот, а не само преку личен контакт. Во тој контекст, БЕССОНИ ВО СИЕТЛ може да се гледа како пророчка приказна, најавувајќи ја новата ера на виртуелните врски.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

13 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 18:00 ч.
16 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 18:00 ч.
18 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
19 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
ЕСКОРТ
(Escort)
Игран филм, Хрватска / Македонија / Косово
2023, 120 мин., колор, ДЦП
Режија: Лукас Нола (Lukas Nola)
Сценарио: Лукас Нола (Lukas Nola)
Улоги: Живко Аночиќ, Крешимир Микиќ, Никша Бутијер (Živko Anočić, Krešimir Mikić, Nikša Butijer)

Миро за прв пат во животот преноќува со проститутка која некој му ја испратил во хотелот по деловна вечера. Откако имаат секс, тој ја наоѓа девојката мртва во бањата. Успешен, среќно оженет татко на две деца ќе ја прикрие оваа епизода со помош на двајца вработени во хотелот, кои потоа почнуваат да бараат мали, а потоа сè поголеми услуги. Учесниците во неговото „злосторство“ стануваат незаменливи сопатници во неговиот живот, кој никогаш повеќе нема да биде ист.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

15 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.
КАФЕ
(Café)
Игран филм, Иран
2023, 96 мин., колор, ДЦП
Режија: Навид Михандуст (Navid Mihandoust)
Сценарио: Навид Михандуст (Navid Mihandoust)
Улоги: Рамин Сајар Дашти, Сетарех Малеки, Махса Махџур (Ramin Sayar Dashti, Setareh Maleki, Mahsa Mahjoor)

Парадоксален сон извира од длабочините на филмографијата на Кишловски, што го разбудува осудениот ирански режисер Сохраб, кому му е забрането да снима филмови и ги поминува деновите во своето локално кафуле. Меѓутоа, љубезното барање на една млада жена да направи настап во живо во кафулето доведува до нови компликации, што дополнително го оптоварува неговиот и онака проблематичен брак и ги зголемува тензиите со властите, кои бараат „сочни“ информации во замена за полесен живот. Преку автобиографското КАФЕ, Навид Михандуст нè поканува да уживаме во новиот и несомнено неконвенционален спој на иранската кинематографија, со долготраен вкус на сатирична критика насочена кон длабоко конзервативниот и репресивен режим на неговата татковина.
Неповратно кинефилична камерна драма, која ја изнесува бескомпромисниот протагонист кој потсетува на Нани Морети по спокојноста на својот карактер, со остра смисла за хумор наспроти сето она што е системски ирационално.
Денешната проекција е меѓунардна премиера на филмот.

 

 

16 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.
ФАТАЛНА ЖЕНА
(Femme)
Игран филм, Велика Британија
2023, 99 мин., колор, ДЦП
Режија: Сем Фримен, Нг Чун Пинг (Sam H. Freeman, Ng Choon Ping )
Сценарио: Сем Фримен, Нг Чун Пинг
Улоги: Нејтан Стјуарт-Џерет, Џорџ Маккеј, Џон МекКеј, Арон Хефернан (Nathan Stewart-Jarrett, George MacKay, Aaron Heffernan, John McCrea)
Со своите изведби како Афродита Бенкс, Џулс е познат и славен меѓу лондонските „драг“ уметници. После својот настап една ноќ, тој оди да си купи цигари и тогаш е брутално нападнат од едно момче, излезено заедно со банда млади од соседството. И покрај тоа што потоа Џулс заздравува физички, сепак се повлекува од јавноста и од надворешниот свет, видно трауматизиран. Месеци подоцна, тој случајно го препознава својот напаѓач во сауна за геј лица. Без шминка, наметнат само со пешкир, Џулс има можност да му пристапи инкогнито и да дознае кој е тој.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

18 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
КЛОНДАЈК
(Klondike)
Игран филм, Украина / Турција
2022, 100 мин., колор, ДЦП
Режија: Марина Ер Горбач (Maryna Er Gorbach)
Сценарио: Марина Ер Горбач (Maryna Er Gorbach)
Улоги: Оксана Черкашина, Сергеј Шадрин, Олег Шчербина (Oksana Cherkashyna, Sergey Shadrin, Oleg Shcherbina)
Приказна на едно украинско семејство кое живее на границата помеѓу Русија и Украина за време на почетокот на војната. Ирка одбива да ја напушти сопствената куќа дури и кога селото е окупирано од воените сили…
Филмот е добитник на наградите за најдобра режија и најдобро сценарио на годинешново издание на МФФ „Киненова“.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

19 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
20.000 ВИДОВИ ПЧЕЛИ
(20.000 Especies de abejas / 20.000 Species of Bees)
Игран филм, Шпанија,
2022, 125 мин., колор, ДЦП
Режија: Естибалиц Уресола Солагурен (Estibaliz Urresola Solaguren)
Сценарио: Естибалиц Уресола Солагурен (Estibaliz Urresola Solaguren)
Улоги: Софија Отеро, Патриција Лопез Арнаиз, Ане Габараин (Sofía Otero, Patricia López Arnaiz, Ane Gabarain)
Осумгодишно дете страда, бидејќи сите околу него упорно му се обраќаат на начин што него го иритира. Тие инсистираат да му се обраќаат со неговото крстено име, Аитор. Дури и прекарот Коко, што за него не е толку грешен, сепак не му изгледа по мерка. За време на летниот период во едно Баскиско село, детето им ги доверува своите грижи на роднините и пријателите. Но, како една мајка може да се справи со прашањата на нејзиното дете за неговиот идентитет, кога и таа самата сè уште се справува со своето амбивалентно родителство?

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

20 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА
(Killers of the Flower Moon)
Игран филм, САД
2023, 186 мин., колор, ДЦП
Режија: Мартин Скорсезе (Martin Scorsese)
Сценарио: Ерик Рот, Мартин Скорсезе (Eric Roth , Martin Scorsese)
Улоги: Леонардо Ди Каприо, Роберт Де Ниро, Лили Гледстон (Leonardo DiCaprio, Robert De Niro, Lily Gladstone)

УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА е последното филмско остварување на еден од најголемите живи режисери, Мартин Скорсезе. Тоа е 3 ипол часовен епски вестерн кој е адаптација на истоимената документарна книга од 2017 година на Дејвид Гран (David Grann). Приказната е сместена во 20-тите години од минатиот век во Оклахома, и се фокусира на вистински настан – серија на мистериозни убиства на членовите на племето Осиџ откако била откриена нафта во нивниот резерват, што покренува голема истрага од ФБИ со Едгар Хувер.
Овој епски филм е еден од поангажираните филмови на Скорсезе. Тој тука прави вивисекција на односот на Америка кон домородното население и дава критика на шовинизмот и алчноста за пари во американското општество. Филмот е отрезнувачка критика која никого нема да остави рамнодушен.
Скорзезе сè уште го владее занаетот. Филмот трае повеќе од три часа, но ритамот на приказната и балансирањето со емоциите, сликите и звуците се беспрекорни. Кога на тоа ќе ја додадеме импресивната актерска екипа составена од неговите проверените соработници Леонардо ди Каприо и Роберт де Ниро, како и извонредната Лили Гладстон, тогаш добиваме уште еден филмски триумф на големиот мајстор.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

21 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
22 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.
АНИМАФЕСТ

 

23 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.
ГОДИНА НА ОПАСНО ЖИВЕЕЊЕ
(The Year of Living Dangerously)
Игран филм, Австралија /САД
1982, 186 мин., колор, 35мм
Режија: Питер Вир (Peter Weir)
Сценарио: Дејвид Вилијамсон, Питер Вир, Кристофер Кох (David Williamson, Peter Weir, Christopher Koch)
Улоги: Мел Гибсон, Сигурни Вивер, Линда Хант (Mel Gibson, Sigourney Weaver, Linda Hunt)

Питер Вир (Peter Weir) е еден од клучните режисери на австралискиот нов бран, кој кон крајот на 1970-тите години го издигна австралискиот филм во светски призната кинематографија. ГОДИНА НА ОПАСНО ЖИВЕЕЊЕ се смета за едно од неговите најдобри остварувања. Тоа е еден од последните филмови од Австралискиот нов бран, кулминација на неговото творештво во Австралија, кој на Питер Вир му ги отвори вратите во Холивуд.
ГОДИНА НА ОПАСНО ЖИВЕЕЊЕ, адаптација на истоимениот роман на Кристофер Кох (Christopher Koch), е политички трилер кој се случува во Индонезија, 1965-та година, за време на државниот удар против претседателот Сукарно. Гај Хамилтон, младиот австралиски репортер (Мел Гибсон) ј е испратен во Џакарта за да известува за политичките превирања. Тој се обидува да се движи низ хаотичното и опасно политичко опкружување во Индонезија, а за снаоѓање во непознатата земја му помага локалниот фотограф Били Кван (Линда Хант). Но, додека Џакарта и цела Индонезија запаѓаат во хаос, Хамилтон има страствена афера со британското аташе Џил (играна од Сигурни Вивер). За маестрално одиграната улога на Били, актерката Линда Хант доби „Оскар“ за споредна улога.
Питер Вир во овој филм ја третира својата омилeна тема, судирот помеѓу новите и старите општества и култури. Во случајов, тоа се Индонезија (земја од стариот свет) и Австралија (нова култура од западниот свет). Вир и тука ја потврдува својата репутација како еден од најстилизираните автори од австралискиот нов бран. Тој ја прикажува Индонезија, нејзиниот пејзаж и културните необичности на таа земја преку широка палета на светли, контрастни бои како контраст со нечистотијата и мрачните слики на сиромаштијата во Индонезија.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

25 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч
8 1/2
(8 1/2)
Игран филм, Италија / Франција
1963, 138 мин., колор, ДЦП
Режија: Федерико Фелини (Federico Fellini)
Сценарио: Федерико Фелини, Тулио Пињели, Енио Флајано, Брунело Ронди (Federico Fellini, Tullio Pinelli, Ennio Flaiano, Brunello Rondi)
Улоги: Марчело Мастројани, Клаудиа Кардинале, Анук Аме, Сандра Мило (Marcello Mastroianni, Claudia Cardinale, Anouk Aimée, Sandra Milo)
Еден од најдобрите филмови за снимањето филмови, 8½ на великанот Федерико Фелини (Federico Fellini), се појавува во еден деликатен момент од неговата кариера, кога по снимени 7 и пол филови запаѓа во креативна криза. Насловот е во склад со личната агонија на Фелини – снимањето на неговиот осми и пол филм по ред.
Марчело Мастројани го игра Гвидо Анселми, режисер чиј нов проект е на работ на пропаста, исто како и неговиот приватен живот, додека тој се бори против креативната блокада и беспомошно жонглира со жените во неговиот живот. Филмот ги прикажува неговите лични борби во креативниот процес и но и борбата да ги задоволи големите очекувања од јавноста.
Работниот работен наслов за 8½ бил „Убава конфузија“, а ремек-делото на Фелини е токму тоа: светкав сон, циркус и магична конфузија. Филмот е раскажан нелинеарно, во форма на тек на свест (за тоа време пионерска постапка), преку флешбекови, надреални секвенци на сон и карневализација на реалноста. 8½ е филмско ремек-дело во кое уметничката криза се преобразува во филмски проект од огромно значење.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

26 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч
ФАНИ И АЛЕКСАНДЕР
(Fanny och Alexander)
Игран филм, Шведска / Франција / Западна Германија
1983, 188 мин., колор, ДЦП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Улоги: Пернила Алвин, Бертил Гуве, Јан Малмсјо, Борје Ахлштет (Pernilla Allwin, Bertil Guve, Jan Malmsjö, Börje Ahlstedt)

ФАНИ И АЛЕКСАНДЕР го следи животот на две деца, брат и сестра, и нивното големо семејство во Шведска за време на првата деценија на дваесеттиот век. Преку очите на десетгодишниот Александер, се прикажуваат среќните, но и конфликтните моменти на семејството. По смртта на таткото на децата, нивната мајка повторно се мажи за истакнат епископ кој станува насилен кон Александер поради неговата жива имагинација. Приказната е полуавтобиографска. Ликовите на Александер, Фани и очувот Едвард се базирани на Бергман, неговата сестра Маргарета и неговиот татко Ерик Бергман.
Филмот е тестаментално дело, своевидна лебедова песна на големиот мајстор на филмот, Ингмар Бергман. Тоа е најтоплиот и најличниот филм на легендарниот режисер, кој ја комбинира неговата препознатлива меланхолија и силните емоции со радоста (на детското растење) и сензуалноста.
ФАНИ И АЛЕКСАНДЕР е едно од ремек-делата на седмата уметност, задолжителна филмска лектира која мора да се види на филмска лента.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари