Истражување

Кинотека на Република Северна Македонија преку своите истражувачки проекти досега успеала да собере голем квантум податоци за појавата и развојот на македонската кинематографија. Уште повеќе, преку таквите проекти во Кинотеката е собрана значајна емпириска граѓа, документи и филмови кои се снимени во Македонија или се однесуваат за Македонија во периодот до крајот на Втората светска војна.

Овој тип истражувачки проекти, можат да се поделат во две групи: едната е организирање на домашни и меѓународни симпозиуми (од кои потем се публикуваат зборници на трудови), а втората е истражувачки престои во сродните институции и архивите во земјата и во светот. Во првата група т.н. симпозиуми, се: домашните „Почетоците и првата етапа на повоената македонска кинематографија“ и „Вториот почеток на македонскиот филм“ (интердисциплинарно и тимско истражување на македонската играна продукција преку организирани симпозиуми), како и меѓународните: „Кинематографиите на малите народи“, „Бегалците и филмот“ и „Филмот во балканскиот културен контекст”.

Во втората група истражувањата за развојот на репродуктивната кинематографија во периодот од 1897 до 1947 година, дејноста на Хигиенскиот завод од Скопје и неговиот снимател Стеван Мишковиќ помеѓу двете светски војни, како и истражувањата во филмските архиви во Софија, Белград, Загреб, Букурешт, Будимпешта, Рим, Виена, Париз, Лондон, Кобленц, од каде се добиени интересни филмови и документација за Македонија, снимени од странски филмски сниматели, до крајот на Втората светска војна.

Освен ова, Кинотеката на Македонија, секоја година, презема и краткорочни и долгорочни истражувачки проекти. Меѓу другите краткорочни истражувања се снимените разговори/сеќавања, и прибирањето на мемоарска граѓа, од доајените на македонската кинематографија, меѓу кои и Трајче Попов, Благоја Дрнков, Кочо Недков, Киро Билбиловски, Мишо Самоиловски, Бранко Михајловски, Глигор Паковски, Илија Милчин, Никола Лазаревски, Војне Петковски, Нада Гешовска, Мери Бошкова, Драгомир Фелба, Коле Ангеловски, Франце Штиглиц, Никола Христовски, Љубиша Георгиевски и други.

Меѓу долгорочните истражувачки проекти, по своето значење, се издвојуваат: „Филмолошка библиографија”, којшто треба да опфати библиографски единици за филм од весници и периодични изданија од 1897 до 1944, „Метаморфозите и стилските особености на македонскиот игран филм”, „Историја на фотографијата во Македонија”, „Аматерскиот филм во Македонија“ и „Репродуктивна кинематографија во Македонија (1897-1947).

Поголем број трудови што се резултат од истражувањата спроведени во Кинотеката се појавуваат во списанието Кинопис што го издава Кинотеката.