За изданиево…
70 ГОДИНИ ОД ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ УМЕТНИЧКИ ФИЛМ
Владимир Ангелов
Директор на Кинотеката на Северна Македонија

 

Со право можам да кажам дека сме особено горди што на самата 70-годишнина од филмот ФРОСИНА, ви го претставуваме новото блуреј издание на првиот македонски уметнички филм.

70 години подоцна, можеме да го погледнеме ФРОСИНА во нова дигитална верзија, што е особено значајно бидејќи ФРОСИНА е лектира за сите времиња и возрасти, за сите заинтересирани за нашата историја, политичка и филмска.

Ако во 1952 година, потфатот на снимање филм се чинел тежок и напорен, сосема јасно било дека тоа ќе претставува настан што означува нова епоха во македонската кинематографија. Да се има плодна културна сцена, по разорната војна на средината на минатиот век, значи прогрес – успех на народот, а со тоа приближување кон светот. Не случајно играниот филм се појавува на крајот на првата петолетка, односно петгодишниот план за развој на новото социјалистичко општество во Народна Република Македонија. Играниот филм како круна на индустријализацијата и електрификацијата (како основни предуслови што требаа да нè однесат во комунизам).

Неодамна, прегледувајќи ја пишаната граѓа за овој филм, особено во таа 1952 година, преку дневниот весник „Нова Македонија“ успеав да ѕирнам во дневните вести што биле актуелни во таа 1952 година и да го почувствувам духот на тоа време. Дневниот печат пренесувал за премиерата на првиот македонски филм ФРОСИНА на која присуствувале челниците во тоа време, а истовремено во новата земја се граделе нови патишта, железници, се искоренувала  неписменоста и се воведувала хигиена во градот и кај населението, борба со заразни болести… Новите времињаноселе нови потфати, а тоа полека се прелевало во сите сфери на општеството па иво културата. Со невиден ентузијазам. Ентузијазам својствен на едно општество излезено од урнатини на голема светска војна. Во таа 1952 година се чувствувале одгласите од војната во Кореја, но генерално светот не го потресувале кризи како 10-тина години претходно. И во едни такви услови на раст и полет, создаден е првиот македонски уметнички филм. Можеби предоцна, можеби анахрон, можеби десет години по ГРАЃАНИНОТ КЕЈН, со соцреалистичка естетика, но сепак првиот македонски уметнички филм со кој започнува македонската долгометражна филмска продукција која по само 42 години ќе го достигне сегашниот врв.

Ова блуреј издание е можност и да се препогледне, но и превреднува првиот „македонски уметнички филм“, да се спореди со остварувањата од неговото време, да се стави во локален и глобален историски контекст. Затоа што ФРОСИНА останува не само како прв македонски игран филм туку и како документ за едно време.

 

Преземи: БУКЛЕТ ФРОСИНА