Историјат

Кинотеката на Република Северна Македонија е национален филмски архив формирана со Закон во 1974 година како Кинотека на Македонија, и се занимава со прибирање, чување, заштита, обработка, истражување и презентирање филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго значење, особено на националното филмско наследство. Покрај тоа, Кинотеката ги прибира и филмовите и филмските материјали кои се однесуваат за Македонија а се снимени од странски филмски сниматели, како и филмови од светската продукција.

Извршниот совет на Собранието на СР Македонија, на 25 март 1976 година, го именува Атанас-Ацо Петровски, филмски работник од Скопје, за прв директор на Кинотеката.

Во Кинотеката постојат 3 оддели. Филмски архив или Оддел за заштита, чување и обработка на филмови и филмски материјали, потоа Оддел за документација, составен од Одделение за пишувана документација, Фототека и Библиотека, како и Одделот за јавна, истражувачка, и издавачка дејност.

Кинотеката располага со фонд од над 16.000 филмски копии,  82.000 парчиња пропаганден материјал, фотографии и плакати, како и повеќе од 200 метри должни пишувани документи. Во состав на Кинотеката е и специјализираната библиотека со повеќе од 4.500 книги и списанија за историјата и теоријата на филмот и околу 35.500 прес-клипинзи. Кинотеката располага и со музејска колекција на стари кинематографски артефакти.

Кинотеката во 2005 година се пресели во нови простории (во зградата на библиотеката „Другарче“ каде располага со киносала и депоа за чување на националната кинематографија, изградени по најсовремени стандарди за чување на аудиовизуелното наследство), а истовремено располага и со комплексот Хавзи-пашини конаци, во с. Бардовци, за чување на филмови и филмски материјали од странска продукција и дел од архивската граѓа.

Во текот на своето над 40-годишно работење, Кинотеката постојано се грижеше за целото аудио-визуелно наследство преку спроведување на бројни значајни проекти за заштита и реставрација на македонската филмска продукција. Исто така, Кинотеката е иницијатор и повеќегодишен организатор на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола; издавач е на списанието „Кинопис“, како и на околу 40 значајни филмолошки изданија (книги, каталози и брошури); Кинотеката е издавач на ЦД-РОМ-от „Векот на филмот во Македонија“, а го менаџира кинотечниот и филмски веб-сајт „Македонски информациски филмски центар“ (http://www.maccinema.com), каде се презентирани сите значајни информации за македонската кинематографија; Кинотеката континуирано се грижи за развојот на филмската култура кај нас преку редовната кинотечна филмска програма во Скопје, но и со гостувања низ Републиката; Кинотеката е организатор и на повеќе значајни меѓународни научни симпозиуми.

Kинoтеката е членка на Меѓународната федерација на филмски архиви (FIAF) и на Асоцијацијата на европски кинотеки (АСЕ).

Благодарение на статусот што Кинотека го има на меѓународно ниво, во 2014 година беше организатор и домаќин на јубилејниот 70-ти Конгрес на ФИАФ, кој се одржа во Скопје со учество на 200 делегати од целиот свет.

Во 2019 година, согласно уставните промени, Кинотеката на Македонија го промени своето име во Кинотека на Република Северна Македонија.