Денеска Филмската училница ја одржа четвртата сесија. На почетокот, филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева дебатираше со посетителите за нивните синопсиси со методот на опсервација, изработени минатата недела.

Посетителите потоа беа запознати со неколку правци и авторски кругови во светската кинематографија од 30-те, 40-те и 50-те години од минатиот век: францускиот реализам и надреализам, германскиот експресионизам и пропаганден филм, италијанскиот неореализам и неговиот развој…

Вишиот филмолог Владимир Ангелов одржа интерактивно предавање чија тема беше трајните митови во светскиот филм низ примерот на филмот БОГАТСТВОТО НА СИЕРА МАДРЕ (The Treasure of the Sierra Madre, 1948) на режисерот Џон Хјустон.

Десеттина средношколци и бруцоши, на возраст од 15 до 19 години, кои конкурираа за учество на оваа уникатна филмска школа, се запознаваат со основите на филмската историја и теорија, режија, сценарио, монтажа, продукција, филмска камера, актерство, сценографија, костимографија на филм…

ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА е проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. Часовите се одржуваат во сабота, а проектот ќе трае 10 недели.

Проектот е замислен како интерактивна филмска училница, каде младата популација ќе може да се запознае со нематеријаното богатство, пред сè, аудио-визуелното, и ќе добие филмска едукација од областа на историјата на филмот, запознавање со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување и можност за креирање на авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија. Мотото на проектот е „Гледај филмови, учи и создавај!“.

Во реализација на проектот учествуваат и филмолозите: Александар Трајковски, Александра Младеновиќ, Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христовa, Миле Миленковски, Владимир Ангелов, Александар Василевски, Тихомир Кашмицовски, Игор Старделов, Петар Волнаровски… 

Проектот е финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија.

Leave a comment