1 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 Ч.

1 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 Ч.

ВРБА

(Willow)

Игран филм, С. Македонија / Унгарија / Белгија

2019, 101 мин., колор, ДЦП

 

Режија: Милчо Манчевски

Сценарио: Милчо Манчевски

Улоги: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ

 

ВРБА е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски, и во него се испреплетуваат три приказни за љубовта и довербатa: едната од македонското средновековие, a другите современи. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во ВРБА имаат слични грижи, радости и соништа.

ВРБА е љубовен филм за денешни и дамнешни души, приказна за три македонски жени кои не го менуваат светот или општеството, но нивната борба да станат мајки ги прави хероини во филмот. Трите приказни се огледуваат една во друга и се надополнуваат, истражувајќи теми на љубов, доверба и мајчинство. Во приказната за Донка, сместени во Средниот век, актерите зборуваат на дијалект, па така гледачите имаат можност подиректно да го доживеат македонскиот архаичен јазик полн со народни умотворби, баења, клетви  и магии. Руралната атмосфера е прикажана преку филмските кадри со пејзажите на мариовски села Штавица, Дуње и Зович, потоа Трескавец и Преспанскиот Регион…

Музиката ја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

3 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 Ч.

4 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 Ч.

КОБРА

(Cobra)

Документарен филм, Македонија

2018, 55 мин., колор, ДЦП

Режија:  Игор Иванов (Igor Ivanov)

Сценарио: Сашко Насев, Игор Иванов, Томи Салковски (Sashko Nacev, Igor Ivanov, Tomi Salkovski)

КОБРА е документарен филм за Шабан Трстена, борач во дисциплината слободен стил, единствениот македонски спортист носител на олимписко злато. Животна сторија за излегувањето од калта и искачувањето до врвот, за планетарниот подем и падот, приказна чии крај е мошне неизвесен…

По монографијата „Патот на олимпискиот шампион“, освојувачот на златниот медал од Олимписките игри во Лос Анџелес во 1984 година Шабан Трстена е овековечен и во докоментарен филм под режисерката палка на Игор Иванов – Изи. КОБРА ни го прикажува животниот и спортски пат на детето од скопски Чаир кое ќе ги покори боречките арени низ целиот свет. За возврат од државата нема да добие ништо, но ќе има сè – пријателите и обожавателите се неговото најголемо богатство.

За патот на Шабан Трстена до олимписките висови во филмот КОБРА говорат и сведочат Зоран Михајлов, спортски коментатор и боречки експерт, Насе Насев, поранешен селектор на боречката репрезентација, Ајруш Синани, тренер, Милош Вучидолов, доктор, Васил Тупурковски, поранешен претседател на Македонскиот Олимписки комитет (МОК), Зоран Шоров, борач од Македонија, Ванчо Чифлиганец, поранешен претседател на Федерацијата на боречки спортови на Македонија (ФБСМ), Назми Али – Боречки клуб „Тефејуз“, Анатолиј Белоглазов, борач од Русија, Ахмет Ак, борач од Турција, Ферид Мухиќ, филозоф и универзитетски професор, Агим Касаполи и Антон Серечи, спортски новинари, како и членови на семејството Трстена.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

3 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 Ч.

4 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 Ч.

НЕЗАБОРАВНА ПРОЛЕТ ВО ЗАБОРАВЕНО СЕЛО

Игран филм, Македонија/Косово/Албанија

2019, 110 мин., колор, ДЦП

Режија: Куштрим Бектеши

Сценарио:  Куштрим Бектеши

Улоги: Осман Ахмети, Адем Карага, Амернис Нокшиќи Јовановска, Флора Кадриу, Блерим Дардишта

 

Спокојниот и нормалниот живот на едно „заборавено“ село го нарушува носењето на три проститутки во илегалната кафана на браќата макроа Џинго и Мурсел. Одзивот за пристигнувањето на проститутките веднаш наоѓа на голем интерес кај мажите. Тие со сета нивна сиромаштија ги остават и последните пари на пиење и сексуален однос со проститутките. Во кафаната веднаш се истакнуваат и најголемите „мангуп“ и излегува на видело и љубомората помеѓу нив. Кицо не може никако да го трпи самобендисаниот Ѕајо, нивната постојана вербална провокација завршува со остра физичка пресметка, но подоцна секој со секого се смирува и пак кафаната продолжува со работа. Меѓу редовните клиенти во кафаната се истакнува и невработениот Џаро кој со неговата скоро бремена жена Хана имаат три мали деца. Кафаната станува атрактивно место и за децата од селото кои секоја ноќ скришно следат што се случува надвор и внатре во кафеанта.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ

5 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 19:00 Ч.

ФИЛИП ГЛАС: ГЛЕДАЈЌИ ГО ГЛАС

(Philip Glass: Looking Glass)

Документарен филм, Франција

2005 г., 60 мин., колор, блуреј

Режија: Ерик Дармон (Éric Darmon)

Сценарио: Ерик Дармон, Франк Маје (Éric Darmon, Franck Mallet)

 

Овој документарен филм ги прикажува прекумерната енергија и активностите на еден од најголемите композитори на денешницата, Филип Глас, и ни овозможува да го следиме како патува од Њујорк во Лондон и од Париз во Бостон.

Глас во филмот зборува за неговите почетоци, за неговата селидба во Париз на две години на интензивни студии кај Надја Буланже, за средбата со индискиот музичар Рави Шанкар и за режисерот Роберт Вилсон, кои имале големо влијание врз неговата кариера. Филмот исто така го прикажува како работи на завршните детали од неговата опера „ The Sound of a Voice“, во режија на Роберт Вудруф и под диригентство на Алан Џонсон. Камерата на режисерот Ерик Дармон, со неговите поетски кадри, нè носи на музичко патување во неколку месеци од животот на овој композитор кој се издигнал од андерграунд сцената на 1970-те години и направил револуција во модерниот театар.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ

5 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:30 Ч.

ВИЗИЈАТА НА РАЈОТ НА ЛИ СКРЕЧ ПЕРИ

(Lee Scratch Perry’s Vision of Paradise)

Документарен филм, Германија

2015, 100 мин., колор, блуреј

Режија: Фолкер Шанер (Volker Schaner)

Сценарио: Фолкер Шанер (Volker Schaner)

 

„Визијата на рајот“ е уникатен проект на повеќе начини. Тој ја прикажува животната приказна на легендарниот музичар Ли Пери, но тоа не е биографски филм, туку е документарен филм за една бајка.

Режисерот го следел Ли Пери цели 13 години и открил една неверојатна приказна, откровение, раскажана од еден од главните протагонисти на современата музика. Тој ја открива онаа страна од приказната која никогаш не била раскажана. Филмот може да се гледа и како водич за тоа како да се промени светот со музика, со позитивен став, со размислување или  – како што вели самиот Ли Пери – со вибрација.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ

6 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 19:00 Ч.

КВИН: ПРИКАЗНАТА ЗА БОЕМСКАТА РАПСОДИЈА

 

„Боемската рапсодија“ е еден од најголемите хитови на групата Queen. Таа отскокнува од сè што било објавено во тоа време, а со својата должина и оперска секција мала била веројатноста дека таа ќе биде хит. Но сепак, синглот ќе се искачи на топ листите во Британија цели 9 недели и ќе го трасира патот за богатата кариера на овој бенд.

Во филмот, членовите на бендот раскажуваат за снимањето на оваа песна, за околностите за снимањето на видео спотот, а професори од Оксфорд ги анализираат стиховите на песната и повторниот успех на песната во САД со филмот „Светот на Вејн”.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ

6 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 Ч.

ПОСТИГНИ ИЛИ УМРИ: ПРИКАЗНАТА ЗА ЛАНГ ЛАНГ
(Do or Die: Lang Lang’s Story)

Документарен филм, Велика Британија
2012 г., 90 мин., колор, блуреј
Режија: Метју Спрингфорд (Matthew Springford)

 

Ланг Ланг е еден најдобрите пијанисти на сите времиња и филмот ја следи неговата животна приказна од дете гениј до глобален феномен. Неговите настапи се секогаш распродадени и тој допира до публика која е далеку од традиционално класичната. Неговата популарност и способноста да се поврзе со помладите генерации одиграле значајна улога во инспирирањето на повеќе од 40 милиони деца од Кина да почнат да учат да свират на пијано. Во филмот се прикажува приказната зад феноменот Ланг Ланг.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

7 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:30 Ч.

ДЕНОВИ НА СЛОВЕНЕЧКА КУЛТУРА: 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ФРАНЦЕ ШТИГЛИЦ

НА СВОЈАТА ЗЕМЈА

(Na svoji zemlji / On Our Own Land)

Игран филм, Словенија

1948, 110 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Франце Штиглиц (France Štiglic)

Сценарио: Цирил Космач (Ciril Kosmač)

Улоги: Лојзе Потокар, Франц Пресетник, Милева Закрајшек (Lojze Potokar, Franc Presetnik, Mileva Zakrajšek)

 

НА СВОЈАТА ЗЕМЈА е првиот словенечки долгометражен игран филм, снимен според романот на Цирил Космач, и учесник во натпреварувачката селекција на Канскиот фестивал во 1949 година.

Приказната на филмот се случува на словенечкото крајбрежје на Јадранот, во втората половина на Втората светска војна. Мештаните од типичните приморски места на Истра првин биле под окупација на италијанската фашистичка војска, а по капитулацијата на Италија во 1943 година, под окупација на германските нацистички воени сили. Но, тој период бил и предизвик за мештаните да се ослободат од туѓото владение, па за време на целата војна ги помагале партизаните…

ДЕНОВИ НА СЛОВЕНЕЧКА КУЛТУРА: 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ФРАНЦЕ ШТИГЛИЦ – ПРЕШЕРНОВИ ДЕНОВИ
Програмата на Денови на словенечката култура е подготвена во соработка со Совенечкиот филмски архив при Архивот на Република Словенија, Словенечкиот филмски центар, Амбасадата на Република Словенија во Скопје, и Словенечкиот Центар во Скопје.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

8 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 Ч.

ДЕНОВИ НА СЛОВЕНЕЧКА КУЛТУРА

ЗА ДУША

(Sedmina / Funeral Feast)

Игран филм, Словенија

1969, 91 мин., колор, ДЦП

Режија: Матјаж Клопчич (Matjaž Klopčič)

Сценарио: Матјаж Клопчич, Бено Зупанчич (Matjaž Klopčič, Beno Zupančič)

Улоги: Раде Шербеџија, Снежана Никшиќ, Милена Дравиќ, Реља Башиќ (Rade Šerbedžija, Snežana Nikšić, Milena Dravić, Relja Bašić)

 

Филмот на Матјаж Клопчич се базира на истоимениот роман на Бено Зупанчич, чие дејствие се случува во Љубљана за време на Втората светска војна и окупацијата од италијанската фашистичка војска. Војната ја пореметува безгрижната младост на Нико (Шербеџија) и неговата средношколска симпатија Марија (Никшиќ).

Во станот на Нико се вселува италијанскиот офицер Карло. Сестрата на Нико, Филомена, флертува со офицерот. Нико е левичар и одлучува да му се приклучи на движењето на отпорот, но е ранет во една акција. Се крие во домот на Марија, од каде што треба да замине во партизани. Но, Нико е пред предизвикот да употреби оружје и за прв пат во животот да убие човек, макар тоа бил и непријателот. Во јазот меѓу љубовта и смртта, Нико е пред неговата последна акција во Љубљана која претставува премин од раната младост во сурова борба за место под сонцето…

ДЕНОВИ НА СЛОВЕНЕЧКА КУЛТУРА: 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ФРАНЦЕ ШТИГЛИЦ – ПРЕШЕРНОВИ ДЕНОВИ
Програмата на Денови на словенечката култура е подготвена во соработка со Совенечкиот филмски архив при Архивот на Република Словенија, Словенечкиот филмски центар, Амбасадата на Република Словенија во Скопје, и Словенечкиот Центар во Скопје.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

ДЕНОВИ НА СЛОВЕНЕЧКА КУЛТУРА: 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ФРАНЦЕ ШТИГЛИЦ

8 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 Ч.

ДОЛИНА НА МИРОТ

(Dolina miru / Valley of Peace)

Игран филм, Словенија

1956, 82 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Франце Штиглиц (France Štiglic)

Сценарио: Иван Рибич, Франце Штиглиц (Ivan Ribič, France Štiglic)

Улоги: Џон Кицмилер, Евелин Волфајлер, Туго Штиглиц, Борис Краљ, Макс Фуријан, Јанез Чук (John Kitzmiller, Evelyne Wohlfeiler, Tugo Štiglic, Boris Kralj, Maks Furijan, Janez Čuk)

 

Дејствието на филмот се случува за време на Втората светска војна, на границата на Словенија и Австрија. Девојчето Лоти и момчето Марко останале сирачиња за време на сојузничките воздушни напади, и германските власти ги сместиле во сиропиталиште.

Откако Лоти ќе почне да му раскажува за „Долината на мирот“ каде што не паѓаат смртоносни бомби, Марко е уверен дека станува збор за местото во кое што живее неговиот чичко. Двајцата бегаат во планината, но по пат наидуваат на црномурест американски пилот чиј авион бил соборен. Тој ќе се спријатели со децата и ќе ги заштитува.

Во меѓувреме германската војска тргнува во потрага по американскиот пилот, која сака да го зароби, но по пилотот трагаат и партизаните, кои сакаат да го заштитат…

Филмот беше учесник на кансклиот фестивал во 1957 година, а американскиот актер Џон Кицмилер за улогата на пилотот ја доби „Златната палма“ за најдобра машка улога.

ДЕНОВИ НА СЛОВЕНЕЧКА КУЛТУРА: 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ФРАНЦЕ ШТИГЛИЦ – ПРЕШЕРНОВИ ДЕНОВИ
Програмата на Денови на словенечката култура е подготвена во соработка со Совенечкиот филмски архив при Архивот на Република Словенија, Словенечкиот филмски центар, Амбасадата на Република Словенија во Скопје, и Словенечкиот Центар во Скопје.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

ДЕНОВИ НА СЛОВЕНЕЧКА КУЛТУРА

9 ФЕВРУАРИ (НЕДЕЛА), 20:00 Ч.

ВИСТИНСКИ КОПИЛИЊА

(To so gadi / Real Pests)

Игран филм, Словенија

1977, 96 мин., колор, ДЦП

Режија: Јоже Бевц (Jože Bevc)

Сценарио: Јоже Бевц (Jože Bevc)

Улоги: Берт Сотлар, Даре Валич, Мајда Потокар, Борис Каваца, Радко Полич, Милада Калезиќ (Bert Sotlar, Dare Valič, Majda Potokar, Boris Cavazza, Radko Polič, Milada Kalezić)

 

Комедијата на Јоже Бевц е позната и под насловот МАНГУПИ и е еден од најпопуларните филмови во словенечката кинематографија.

Главниот лик е Штебе, возач на градски автобус,  е вдовец и живее со петте синови и куќната помошничка Рози. Неговите момчиња со своите мали шеги го прават очајно целото маалско соседство. Затоа се омаловажувани и нарекувани „копилиња“.

Рози се заканува дека ќе го напушти семејството изморена од мангупариите на петте момчиња. Кога ќе си замине, во куќата ќе пристигне нејзината внука Марија. Но, Марија не може да ги замени вештините на Рози во домаќинството.

Пријателот на Штебе, Тони, се интересира за Марија. Но, Марија е сè помалку и помалку дома, а Тони не знае што прави Марија, па затоа го организира враќањето на Рози. Сите се среќни кога Марија ќе ги открие незините „тајни отсуства“: посетувала часови во авто-школа за да стане возач на градски автобус….

ДЕНОВИ НА СЛОВЕНЕЧКА КУЛТУРА: 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ФРАНЦЕ ШТИГЛИЦ – ПРЕШЕРНОВИ ДЕНОВИ
Програмата на Денови на словенечката култура е подготвена во соработка со Совенечкиот филмски архив при Архивот на Република Словенија, Словенечкиот филмски центар, Амбасадата на Република Словенија во Скопје, и Словенечкиот Центар во Скопје.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

10 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 Ч.

ЗБОР

Игран филм, Македонија

2015, 86 мин., колор, ДЦП

Режија:  Слободан Деспотовски

Сценарио:  Слободан Деспотовски

Директор на Фотографија:  Дејан Димески

Улоги: Сенко Велинов, Диме Илиев, Игор Стојчевски, Катерина Шехтанска, Ана Стојанова, Илбер Муртези, Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски, Гораст Цветковски, Роберт Велјановски

 

Наше време. Приказна за Арно, човек без закон и вера. Тој го дал својот збор дека секогаш ќе му помага на својот пријател Горди и тоа го прави на свој крвав начин. Арно познава само еден закон – да си го одржи дадениот збор, единствено нешто по кое, според него, се разликуваат луѓето од животните… Меѓутоа, колку вреди зборот кога се во прашање парите? Многу пари?

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

10 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 Ч.

ИЛУЗИЈА

Игран филм, Македонија

2004, 103 мин., колор, 35 мм

Режија: Светозар Ристевски

Сценарио: Светозар Ристевски

Улоги: Владо Јовановски, Марко Ковачевиќ, Мустафа Надаревиќ, Никола Ѓуричко

 

Во основа на приказната е распадот на едно семејство како резултат на транзицијата и воените дејствија низ која минува Македонија (тоа може да биде и било која друга земја во регионов). Тинејџерот Марко расте во сосем нездрава средина: татко пијаница, мајката одамна изгубила контакт со реалниот свет, сестрата егоист која ги гледа само своите интереси…

Единствената личност која му дава надеж за иднината е професорот по македонски јазик кој го охрабрува Марко да пишува поезија. Но, и оваа ситуација се покажува несоодветна за очекувањата на Марко. Неговото познанство со еден платеник ќе го научи како да го земе законот во свои раце. Во овој филм, семејството и училиштето се користат како метафора за болното општество кое го уништува сето она што било добро и невино во Марко, одземајќи му ги соништата до толкава мерка што момчето, во еден момент, ќе сака да се одмазди.

Награди: 2005 Anchorage International Film Festival, најдобар игран филм.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

11 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 Ч.

МЕДЕНА НОЌ

Игран филм, Македонија

2015,  89 мин., колор, ДЦП

Режија: Иво Трајков

Сценарио:  Иво Трајков

Улоги:  Никола Ристановски, Верица Недеска

Скопје, рани 1990-ти години, прослава на Национален празник на од неодамна формираната независна држава Република Македонија, истовремено и 10-годишнина од бракот помеѓу Никола, заменик министер и неговата сопруга Ана. Приказната започнува со нивното враќање дома од приемот кај Премиерот. Во текот на линеарното дејствие кое се одвива во една ноќ во која кулминира мрачната криза на главните протагонисти, проследуваме флеш-бек секвенци од приемот кои ја следат втората наративна линија на оваа приказна каде се отсликува професионалниот живот и искушенијата на Никола, инволвиран во еден политички скандал во неговото министерство поради кој се уапсени министерот и неколку негови соработници.

Тие се свесни дека нивниот дом е прислушкуван и точно знаат во кои простории се инсталирани уреди за прислушкување. Ана, разочарана дека Никола заборавил на нивната годишнина, започнува расправија. Никола ,пак, обземен од стравот поради апсењата и дека и него го очекува истата судбина, упорно се обидува да го пронајде извештајот за приватизација на едно државно претпријатие, кој самиот го изготвил, а е причина за скандалот. Негова главна цел и преокупација е да го уништи извештајот и сите останати докази кои ги чува во својот дом, а кои го поврзуваат со случајот. На врвот на нивната расправија, тајната полиција се појавува во нивниот дом… По нивното заминување, Ана и Никола откриваат дека насекаде во куќата се инсталирани уреди за прислушкување, дури и на места каде што сметале дека ги нема. Во новонастанатата ситуација, Ана заборава на својот гнев и е обземена од страв за судбината на својот сопруг. Тие повеќе не се расправаат. По долгата исцрпувачка ноќ, Никола решава да се помири со својата судбина и да го чека утрото. Но…

Фестивали: Skopje International Film Festival, Македонија, 2015; Cottbus Film Festival – Германија, 2015; Eastern Neighbors Film Festival, Хаг, Холандија, 2015; Let’s SEE International Film Festival – Виена, Австрија, 2015; Thessaloniki International Film Festival – Грција, 2015; International Cinematographer’s Film Festival Manaki Brothers – Битола, Македонија, 2015; Macedonian Film Festival – Монтреал, Канада, 2015; Prague International Film Festival – Чешка Република, 2016

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

11 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 Ч.

ВРАЌАЊЕ

Игран филм, Македонија/Косово

2015, 81 мин., колор, ДЦП

Режија:  Кастриот Абдили

Сценарио:  Кастриот Абдили, Иса Ќосја

Директор на Фотографија:  Владимир Самоиловски

Улоги:   Делфин Депардје, Селман Локај, Хазир Хазири, Сафете Рогова, Линдона Шеху, Сефедин Нуредини

 

Настанот е сместен во Македонија, во 2000 година, време каде се преплетуваат старото со новото, традиционалното со модерното, западното со балканското, патриархализмот со глобализмот. Илир, Албанец кој мигрирал на Запад, поточно во Германија, се запознава таму со Германката Сабина и одлучува да се ожени. Поради олеснителни околности околу венчавањето одлучуваат овој чин да го извршат во Македонија, каде воедно Илир ќе ја претстави Сабина на семејството.

Чичко Суло, таткото на Илир, традиционален старец, се судира со она со што никогаш не сакаше да се судри: неговиот син единец, израснат во патриархален албански амбиент, по едно седумгодишно отсуство ги прифатил сите модерни правила на однесување кон една жена. Судирајќи се со татковата чувствителност од една страна и со традицијата од друга страна, чичко Суло прифаќа Илир со Сабина да дојдат во неговата куќа но според албанска традиција: тие не смеат да спијат заедно во куќата на чичко Суло , додека не се венчаат. Старицата, жената на чичко Суло и мајка на Илир, сместена е помеѓу триаголникот: мажот кој воедно е и нејзин господар, синот единец Илир и Сабина, која иако не е Албанка, сепак е избрана од нејзиниот син.

Враќањето на Илир по седум години му создава тешкотии не само на чичко Суло, но и на Барда, девојка од родното место на Илир, на која тој ѝ има ветено дека ќе се ожени со неа пред да замине во Германија. Од друга страна, одлуката на Илир да се ожени со Германка, сите млади од селото ја прифаќаат со восхит, затоа што сите мечтаат за таков брак како излез од социјалните проблеми. Сабина, пак, која за прв пат доаѓа во новата средина, е љубопитна како ќе биде пречекана од семејството на Илир.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

12 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 Ч.

ЖЕНАТА НА МОЈОТ ЖИВОТ

(The Woman of My Life)

Игран филм, Македонија/Бугарија/Романија/Ирак

2015, 103 мин., колор, 35мм/ДЦП

Режија:  Антониј Дончев (Филмографија)

Сценарио:  Али Талиб, Антониј Дончев, Иван Тонев

Улоги: Соран Ебраим, Виолета Марковска, Кристина Христова Николова, Блаже Димитров, Кире Ѓоревски, Селим Акгул, Јилмаз Јалцин, Михаил Билалов, Силвиа Петкова, Виолета Марковска

Петгодишниот Азад (Курд од Ирак) е верен со неговата братучетка Виан, но војната ги разделува. По 15 години, патувајќи за Европа, тој случајно ја сретнува и се вљубува во неа, не сеќавајќи се дека таа е всушност неговата вереница. Виан, пак, е вклучена во смртоносна политичка игра и не може да му го открие својот идентитет. Азад по секоја цена се обидува да ја спаси, дури и ако останат двајцата разделени засекогаш. Дали љубовта повторно ќе покаже дека е посилна од тероризмот?

Фестивали: Фестивал на филмови од југоисточна Европа (SEE Film Festival), Париз, Франција, 2016; Фестивал на филмови од југоисточна Европа (SEE Film Festival), Берлин, Германија, 2016; Меѓународен филмски фестивал ФЕБИОФЕСТ, Прага, Република Чешка, 2016; Фестивал Синеманиа, Бугарија, 2015; Меѓународен филмски фестивал, Каиро, Египет, 2015; Меѓународен филмски фестивал, Софија, Бугарија, 2015; Меѓународен филмски фестивал, Москва, Русија, 2015; Фестивал на бугарски игран филм „Златна роза“, Бугарија, 2015; Меѓународен фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, Битола. Македонија, 2015

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

12 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 Ч.

ПИЈАВИЦИ

(Pijavice/Leeches)

Игран филм, Србија/Македонија

2019, 90 мин., колор, ДЦП

Режија:  Драган Маринковиќ (Dragan Marinković)

Сценарио:  Давид Албахари, Драган Маринковиќ (David Albahari, Dragan Marinković)

Улоги: Лазар Ристовски, Никола Ѓуричко, Ива Михалиќ (Lazar Ristovski, Nikola Djuricko, Iva Mihalić)

 

Филмот се случува за време на голема социјално-политичка криза во Србија. Книжевникот Петар Мириќ јавно, по пат на локалната ТВ станица, ги изнесува своите лични ставови кои се спротивставени со принципите на некогашниот претседател Милошевиќ и неговиот политички режим. Блиска средба со „органот на безбедност“ Стјепан Штрок, предизвикува сомнеж во искреноста на своите најблиски пријатели.

Со мистериозни познанства доаѓа во допир со симболот на кружница впишана во триаголници. Со скудно познавање на семиотика, Петар ја следи трагата што му ја остава непознатата девојка. Одговорот го бара во математичките формули и теории. Скришно се вљубува во ќерката на својот познајник, таа непозната девојка, за која разбира дека се вика Маргарета. Се отвора љубовен триаголник кој го сочинува уште и долгогодишната љубовница на Петар, Светлана, една луцидна жена. Триаголникот на љубовта, страста и мистеријата го вовлекува во светот на строго чувани еврејски тајни. Маргарета, со манипулативни методи, го принудува да врши посилен политички притисок во медиумите, што резултира со физички напад врз него, со демолирање на ТВ студиото и на крај со убиство на неговиот пријател и сликар Јаша, кој е Евреин.

По откривање дека вистинските убијци на Јаша се Штрок и Светлана, Петар се крие кај Маргарета, а таа му ја покажува вистинската симболиката на „триаголниците што се отвораат“. По пат на една стара магнетофонска лента, тој го открива своето заборавено еврејско потекло.

Новиот живот во Канада Петар го започнува со професура на универзитетот. Маргарета наскоро му се придружува. По едно предавање, Петар го препознава Штрок меѓу студентите. Во серија на професионални убиства, Стјепан Штрок умира под тркалата на камион. Неговата најблиска соработничка паѓа од прозорец на еден солитер. Маргарета и Петар ѝ местат убиство и на Светлана. Неа ја убива куршум додека има сексуален однос со Петар. Се испоставува дека Маргарета е агент на МОСАД…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

ФРАНЦУСКИ КИНО КЛУБ

13 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 Ч.

ДАМЈАН САКА ДА ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ

(Damien veut changer le monde / Adopt a Daddy)

Игран филм, Франција

2018, 99 мин., колор, блуреј

Режија: Ксавиер де Шодан (Xavier de Choudens

Сценарио: Ксавиер де Шодан (Xavier de Choudens

Улоги: Франк Гастамбид, Мелиса Созен, Гринж (Franck Gastambide, Melisa Sözen, Gringe)

 

Дамјан работи во основно училиште и води тивок живот. За да го спаси Бахзад, еден од неговите млади студенти, и неговата мајка емигранти од скорешно протерување од земјата, Дамјан повторно се поврзува со милитантното минато на неговите родители и ја убедува неговата сестра Мелани – која во меѓувреме станала успешна деловна адвокатка – нејзината најдобра пријателка Руди и еден куп други ликови да го потпомогнат во неговата нова битка за опстанок. Солидаризирајќи се меѓусебно, тие ќе го прекршат законот и нивните очекувања многу бргу ќе бидат надминати…

ДАМЈАН САКА ДА ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ беше прикажан во официјалната конкуренција на фестивалот во Истанбул 2019 година.

 

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез 

 

ОМАЖ НА НЕДА АРНЕРИЌ

14 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 Ч.

ВРЕМЕ БЕЗ ВОЈНА

Игран филм, Македонија

1969, 80 мин., црно-бел. 35 мм

Режија: Бранко Ивановски Гапо

Сценарио: Симон Дракул

Улоги: Ацо Јовановски, Дарко Дамевски, Кирил Ќортошев, Неда Арнериќ, Шишман Ангеловски, Слободан Димитриевиќ

 

Фидан е млад човек кој живее и работи во градот. Неговиот татко Дичо, селанец и борец во војната и во револуцијата, по војната ја застапува идејата за колективизација и индустријализација на селото. Искрено верувајќи и работејќи на тоа, Дичо се судрува со повеќето од селаните, но најжестоко се конфронтира со својот добар пријател, соборец и побратим Лазар. По пропаѓањето на задругарството, Дичо заминува од селото. По неговата смрт Фидан, исполнувајќи ја татковата желба, го погребува во родното село.

Престојувајќи таму, Фидан се обидува да се пронајде себеси во новата средина, во новиот ангажман со сточарството, кој за него значи голем предизвик, како и во контактите со нови лица. Тука доживува и нова љубов со девојката Благуна, ќерка на Лазар, која наскоро станува негова жена. Иако изложен на недовербата на соселаните, Фидан со сиот елан се занимава со одгледувањето на овците. Но, законите на пазарот се немилосрдни и во тие услови не е можна реализација на неговата замисла. Враќањето на Фидан на татковото огниште не му го донесува бараниот мир ниту, пак, нова содржина во животот.

Награди: 1969 ФЈИФ, Пула, Специјална диплома за режија на Бранко Гапо 1969 ФФ, Ниш, Награда за млад артист за Неда Арнериќ 1969 13 Ноемвриска награда за Бранко Гапо за режија на филмот „Време без војна“ 1972 МФФ, Авелино, Сребрен медал „Тарга д’Аргенто“

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 ОМАЖ НА НЕДА АРНЕРИЌ

14 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 Ч.

ИСТРЕЛ

Игран филм, Македонија

1972, 98 мин., колор, 35 мм

Режија: Бранко Ивановски Гапо

Сценарио: Димитар Солев

Улоги: Емил Рубен, Мајда Тушар, Неда Арнериќ, Петар Арсовски, Питомир Деспотовски, Ристо Шишков, Слободан Димитриевиќ, Владимир Светиев

 

Младоста, чија храброст секогаш е без предрасуди, и во Скопје за време на бугарската фашистичка окупација во Втората светска војна, сакајќи ја слободата за својот народ, се решава на низа акции, меѓу кои најголема е – атентатот врз полицискиот началник Емануел Мане Мачков. По пристигнувањето на Емануел во началството, тој на своите агенти им наредува да обрнат големо внимание на младите од Дебар маало, Пајко маало и Чаир. Во меѓувреме, заради безбедно поминување на партизанскиот одред во близината на Скопје, во градот треба да се организираат низа помали акции кои би го свртеле вниманието на полицијата врз себе. Така другарите Дано, Доне, Игор и Боро преземаат акција на аеродромот, при што ги палат авионите. Како реакција, полицијата врши рација, собира само млади луѓе кои се изложени на големи мачења.

Истовремено, партизанскиот одред при преминувањето на Вардар упаѓа во заседа. Момчињата му помагаат на ранетиот Мите Димов да ја избегне заседата и го пренесуваат кај Анѓа, додека Никола е отсутен. Полицијата ги претресува сите сомнителни куќи и го наоѓа ранетиот партизан во куќата на Никола. По тешки измачувања, без да признае пред полицијата, Мите е убиен. Поради убиството на Мите во градот се растураат летоци, железничарите свират со сирените, се затвораат дуќаните. Месниот комитет решава да се организира атентат врз Емануел. На денот на атентатот момчињата ги заземаат своите места на улицата, пред куќата на Емануел, и по заминувањето на неговиот автомобил, тие го убиваат. По атентатот момчињата мораат да заминат од градот. Меѓутоа, при излегувањето од градот, поставена им е заседа…

Награди: 1972 ФЈИФ, Пула, Златна арена за снимателска работа на Мишо Самоиловски 1972 ФФ, Ниш, Голема повелба за актерско остварувања на Слободан Димитриевиќ

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

ОМАЖ НА НЕДА АРНЕРИЌ

15 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 Ч.

ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА)

Игран филм, Македонија

1973, 84 мин., црно-бел, 35 мм

Режија: Коле Ангеловски

Сценарио: Коле Ангеловски

Улоги: Велимир – Бата Живоиновиќ, Мето Јовановски, Неда Арнериќ, Ненад Милосављевиќ

 

Тукушто оженетиот Дамјан, единствениот син на воденичарот Витан, заминува во војска. Младата жена останува во куќата на свекорот. Упатени еден на друг, тие заеднички го носат бремето на работата во воденицата и околу имотот. Во долгите и монотони вечери младата Ирина го посакува враќањето на Дамјан. Честите наминувања на Мечето, селскиот клисар и трговец, ја вознемируваат Ирина. Таа не го поднесува поради невкусните шеги кои алудираат на нејзината младост, убавина, а сепак самотија. Додека Витан собира дрва во планината, Ирина пере на потокот. Водата ја мами и таа се бања. Од грмушките ја гледаат селските момчиња. Ја гледа и Витан обземен од нејзината убавина. Слушајќи ги гласовите на момчињата и самиот фатен во грев, бесен и на нив и на себе, ги гони, гонејќи се и себеси.

Но, и двајцата, оптоварени со грешноста на желбата која подеднакво ја чувствуваат, наоѓаат сили да ѝ се спротивстават. Не можејќи да ја контролира љубомората, Витан не само што не им допушта на селаните да носат жито за мелење во воденицата, туку и на случајните минувачи им се заканува со истрели. Една ноќ, кога Витан по изминатиот ден во планината каде што беснее сечејќи дрвја се враќа во куќата, паѓаат сите табуи, страста станува посилна од сите забрани… Доаѓа и денот на Дамјановото враќање. Тој во планината ги наоѓа татка си и својата жена кои во љубовен занес не го забележуваат неговото пристигнување. Сведок на целиот настан е и Мечето. Тој доаѓа во воденицата и го известува Витан дека Дамјан се крие во планината. Најпосле, гонет од љубомора и под бремето на неверојатниот грев, Витан се однесува како подивен ѕвер. Своето право на маж го покажува силувајќи ја Ирина. Таа му се одмаздува, убивајќи го…

Награди: 1973 ФЈИФ, Пула, Златна арена за копмпозиторот Томислав Зографски 1973 ФЈИФ, Пула, Диплома за тонска обработка и монтажа на Глигор Паковски 1973 ФЈИФ, Пула, Наградата „Кокан Ракоњац“ за најпоетичен филм на режисер дебитант

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

ОМАЖ НА НЕДА АРНЕРИЌ

15 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 Ч.

ИСПРАВИ СЕ, ДЕЛФИНА

Игран филм, Македонија

1977, 101 мин., колор, 35 мм

Режија: Александар Ѓурчинов

Сценарио: Александар Ѓурчинов

Улоги: Дарко Дамевски, Диме Илиев, Неда Арнериќ, Слободан Димитриевиќ, Столе Аранѓеловиќ

 

Приказна за девојката Делфина, која е решена да ги совлада сите оние тешкотии и разочарувања што ги носи со себе животот и да истрае во совладувањето на водите од каналот Ла Манш. Делфина се подготвува да го преплива каналот. Меѓу случајните минувачи е и Рене, инвалид во количка, кој го препливал каналот и сите пливачи ги испраќа на нивниот долг пат. Во бродот што ја придружува, покрај судиите, се нејзиниот тренер Атанас и пријателот Петко. Тоа се единствените луѓе што вистински ја сакаат Делфина и кои настојуваат да ѝ помогнат во остварувањето на подвигот. Додека плива во разбранетото и студено море, Делфина се сеќава на изминатиот живот: како се запознава со Младен, тренерот на републичката репрезентација во пливање, за првите интимни контакти со него, за наставата во угостителското училиште и за членувањето во локалниот пливачки клуб. Кога еден ден добива стипендија за школување во ДИФ, Делфина не се двоуми и заминува за Скопје, зашто очекува од животот многу повеќе, и е решена ништо да не ја спречи во намерата да го осмисли својот живот и да го најде вистинскиот пат. Сите напори, сите достигнувања, сите падови и омаловажувања, Делфина ги надминува стоички. Препливувањето на Ла Манш ќе значи единствена можност Делфина да ја врати самодовербата, желбата за нормално живеење и самопочитта. Делфина ја води последната битка, со крајни напори се исправа на своите нозе и го постигнува невозможното…

Награди: 1977 ФЈИФ, Пула, Бронзена арена за режија на Александар Ѓурчинов 1977 ФЈИФ, Пула, Награда за режијата од магазинот „Зум репортер“ на Александар Ѓурчинов 1977 ФЈИФ, Пула, Сребрена арена за главна женска улога за Неда Арнериќ 1977 ФФ, Врњачка бања, Специјална награда „Златник“ за актерот Слободан Димитриевиќ 1977 ФФ, Врњачка бања, Трета награда за сценарио на Александар Ѓурчинов 1977 ФФ, Ниш, Награда „Царица Теодора“ за најдобра женска улога на Неда Арнериќ 1978 МФФ, Париз, ЦИДАЛЦ

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

ФЕСТИВАЛ НА ИРАНСКО-МАКЕДОНСКИ ФИЛМ

17 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 Ч.

МЕДЕНА ЗЕМЈА

(Honeyland)

Документарен филм, С. Македонија

2019, 90 мин., колор, ДЦП

Режија: Тамара Kотевска, Љубомир Стефанов (Tamara Kotevska, Ljubomir Stefanov)

Улоги: Атиџе Муратова, Назифе Муратова, Хусеин Сам (Hatidze Muratova, Nazife Muratova, Hussein Sam)

 

Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, се соочува со опасност кога во околината облагородена со природен баланс ќе се насели многучлено семејство кое ќе се обиде да ѝ ја преземе трговијата со мед.

Низ супериорна визуелна нарација и маестрална монтажа, филмот за „медената земја“ нѐ опоменува дека сите наши постапки си имаат последици по човештвото во иднина. По подолго време – конечно – фантастичен филмски продукт од ова поднебје, кое како трајна вредност го препознава целиот свет.

Фестивали и награди: Sundance Film Festival 2019 – Најдобар документарен филм, кинематографери и награда „Impact and change“; DocsBarcelona 2019 – Најдобар документарен филм; DocAviv Film Festival 2019 – Најдобар документарен филм; Montclair Film Festival 2019 – Најдобар документарен филм…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

ФЕСТИВАЛ НА ИРАНСКО-МАКЕДОНСКИ ФИЛМ

17 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 Ч.

ВЛАКНЕСТА ПРИКАЗНА

(Maskhare Baz / A Hairy Tale)  

Игран филм, Иран

2019, 100 мин., колор, блуреј

Режија: Амир Хомајон Ганизадех  (Amir Homayoun Ghanizadeh)

Сценарио: Амир Хомајон Ганизадех  (Amir Homayoun Ghanizadeh)

Улоги: Сабер Абер, Бабек Хамидиан, Мохсен Хосеини (Saber Abar, Babak Hamidian, Mohsen Hosseini)

 

Данеш работи во берберница и сонува да стане актер. Манферед е агент за актери кој би го претставилл Данеш кај познат режисер, но под услов да собере доволно долги влакна за да се користат како перики. Во исто време серија убиства ги загрижуваат сите. Кој е убиецот и дали берберницата е вмешана во убиствата на кој било начин?

ВЛАКНЕСТА ПРИКАЗНА е режисерско деби на младиот Амир Хомајон Ганизадех, кој има остварувања и како филмски актер.

Фестивали: Fajr Film Festival; Minsk International Film Festival.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

ФЕСТИВАЛ НА ИРАНСКО-МАКЕДОНСКИ ФИЛМ

18 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 Ч.

ВРБА

(Willow)

Игран филм, С. Македонија / Унгарија / Белгија

2019, 101 мин., колор, ДЦП

 

Режија: Милчо Манчевски

Сценарио: Милчо Манчевски

Улоги: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ

 

ВРБА е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски, и во него се испреплетуваат три приказни за љубовта и довербатa: едната од македонското средновековие, a другите современи. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во ВРБА имаат слични грижи, радости и соништа.

ВРБА е љубовен филм за денешни и дамнешни души, приказна за три македонски жени кои не го менуваат светот или општеството, но нивната борба да станат мајки ги прави хероини во филмот. Трите приказни се огледуваат една во друга и се надополнуваат, истражувајќи теми на љубов, доверба и мајчинство. Во приказната за Донка, сместени во Средниот век, актерите зборуваат на дијалект, па така гледачите имаат можност подиректно да го доживеат македонскиот архаичен јазик полн со народни умотворби, баења, клетви  и магии. Руралната атмосфера е прикажана преку филмските кадри со пејзажите на мариовски села Штавица, Дуње и Зович, потоа Трескавец и Преспанскиот Регион…

Музиката ја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

ФЕСТИВАЛ НА ИРАНСКО-МАКЕДОНСКИ ФИЛМ

18 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 Ч.

ИНВАЗИЈА

(Invasion)

Игран филм, Иран

2017, 102 мин., колор, блуреј

Режија: Шахрам Мокри (Shahram Mokri)

Сценарио: Насим Ахмадпур, Шахрам Мокри (Nasim Ahmadpour, Shahram Mokri)

Улоги: Абед Абест, Елахе Бахши, Бабак Карими (Abed Abest, Elaheh Bakhshi, Babak Karimi )

 

Во период на едно долго затемнување (еклипса) на Сонцето, непозната болест е широко распространета. Али е обвинет за убиството на Саман во еден клуб и полицијата ќе организира реконструкција на убиството.

Полицијата го одведува младиот човек на местото на злосторството, каде што убил уште еден млад човек. Сè изгледа прилично едноставно и полицијата само треба да го реконструира чинот на убиството и да го затвори случајот. Сепак, убиецот и неговите пријатели се на локацијата и всушност планираат повторно да извршат убиство: тие сакаат да ја убијат сестрата близначка на убиениот човек. И нивниот мотив е побанален отколку што би помислил некој…

Фестивали: Berlin International Film Festival (во конкуренција за наградите C.I.C.A.E. и Teddy)

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

ФЕСТИВАЛ НА ИРАНСКО-МАКЕДОНСКИ ФИЛМ

19 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 Ч.

ИСЦЕЛИТЕЛ

(Secret Ingredient)

Игран филм, С. Македонија,

2017, 104 мин, колор ДЦП

Режија: Ѓорче Ставревски (Gjorce Stavreski)

Сценарио:  Ѓорче Ставревски (Gjorce Stavreski)

Улоги: Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет ( Blagoj Veselinov, Anastas Tanovski, Aksel Mehmet)

 

ИСЦЕЛИТЕЛ  е филм на  Ѓорче Ставрески, кој е истовремено и сценарист и продуцент на филмот, како и монтажер на звукот. ИСЦЕЛИТЕЛ е филм што балансира меѓу семејна драма, црна комедија и социјален коментар.

Веле (Благој Веселинов), механичар од железничко депо, немајќи пари да купи лекови, му дава на татко му Саздо (Анастас Тановски) колач направен од украдена марихуана за да му ги ублажи болките од рак, меѓутоа е притиснат од криминалците кои си ја бараат дрогата назад и од соседите-душкала, кои во него гледаат нова надеж, исцелител.

Исцелител е добитник на повеќе награди и признанија. На својата премиера на Солунскиот филмски фестивал во 2017, филмот ја доби наградата од публиката, со што стана прв македонски филм со ваква награда. Добитник е и на специјалната награда од жири за сценарио на 17-тото издание на Медитеранскиот филмски фестивал во Брисел.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 ФЕСТИВАЛ НА ИРАНСКО-МАКЕДОНСКИ ФИЛМ

19 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 Ч.

ОВЦИ

(Maghzhaye Koochake Zang Zadeh / Sheeple)

Игран филм, Иран

2018, 103 мин., колор, блуреј

Режија: Хоуман Сеједи (Houman Seyyedi)

Сценарио: Хоуман Сеједи (Houman Seyyedi)

Улоги: Навид Мохамадзадех, Фархад Аслани, Фарид Саџади Хосеини (Navid Mohammadzadeh, Farhad Aslani, Farid Sajjadi Hosseini)

 

Англискиот наслов на филмот „Sheeple“ означува луѓе кои се поводливи како стадо овци. ОВЦИ на режисерот Хоуман Сеједи, кој има и актерски остварувања на филм, е приказна за бандата дилери на наркотици на југот на Техеран, која била и своевидно засолниште за многу млади и сирачиња од улиците.

Браќата Шахин и Шакур се водачи на бандата, но кога таа ќе се распадне, тоа создава криза во нивното семејство и нивните животи. Двајцата браќа прават „кристал мет“ (синтетичка дрога од поновата генерација, со силно дејствие) во скриена лабораторија среде урбаната џунгла на Техеран. Меѓутоа, тие се грижат и за честа на нивното соседство. Одеднаш, мобилните снимки на телефонот на нивната сестра започнуваат да се шират насекаде, што предизвикува чудни инциденти…

Фестивали: Dubai International Film Festival; Fajr Film Festival; Hafez Ceremony

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

ФЕСТИВАЛ НА ИРАНСКО-МАКЕДОНСКИ ФИЛМ

20 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 Ч.

ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ Е ПЕТРУНИЈА

(God Exists Her Name Is Petrunya)

Игран филм, Белгија, Хрватска, Франција, С. Македонија, Словенија

2019, 100 мин., колор,  ДЦП

Режија: Теона Стругар Митевска (Teona Strugar Mitevska)

Сценарио: Теона Стругар Митевска, Елма Татарагиќ (Teona Strugar Mitevska, Elma Tataragić)

Улоги: Зорица Нушева, Лабина Митевска, Петар Мирчевски, Виолета Шапковска, Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Илија Волчески, Стефан Вујисиќ, Андријана Колевска,Владимир Тулиев

(Zorica Nusheva, Labina Mitevska, Petar Mirchevski, Violeta Shapkovska, Simeon Moni Damevski, Suad Begovski, Ilija Volcheski, Stefan Vujisic, Adrijana Kolevska, Vladimir Tuliev)

 

Во Штип, секој јануари по повод христијанскиот празник Водици, локалниот свештеник фрла дрвен крст во реката и стотина мажи се нурнуваат по него. Добра среќа и просперитет се загарантирани за оној кој ќе го фати. Овој пат, Петрунија скока по крстот и успева да го дофати пред другите. Останатите натпреварувачи се бесни, како се осмелува една жена да учествува во нивниот ритуал? Се превртуваат небо и земја, но Петрунија цврсто стои на земја – таа го фати крстот и нема да го предаде.

Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ се снимаше 6 недели во Штип во текот на јануари и февруари 2018. Монтажата се одвиваше во Белгија, а звукот, лабораторијата и музиката во Белгија, Франција и Словенија.

Филмот ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ Е ПЕТРУНИЈА се натпреваруваше во главната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал, како и на десетина престижни фестивали во светот. Филмот е добитник на дузина фестивалски награди и признанија.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

ФЕСТИВАЛ НА ИРАНСКО-МАКЕДОНСКИ ФИЛМ

20 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 Ч.

ТЕМНАТА СОБА

(Otaghe Tarik / The Dark Room)

Игран филм, Иран

2018, 97 мин., колор, блуреј

Режија: Рухолах Хејази (Rouhollah Hejazi)

Сценарио: Рухолах Хејази (Rouhollah Hejazi)

Улоги: Сарех Бајат, Саед Сохеили, Алиреза Мирсалари (Sareh Bayat, Saed Soheili, Alireza Mirsalari)

 

Халех и Фарад, заедно со нивниот петгодишен син Амир, неодамна престојувале во нов комплекс. Амир ќе се изгуби во пустината околу комплексот, меѓутоа, неговите родители наскоро го наоѓаат. Подоцна, Амир му кажува на татко му дека некој непознат го набљудувал додека бил изгубен. Тоа го прави Фарад многу вознемирен и го бара сомнителното лице кое можеби сексуално го малтретирало неговиот син…

Фестивали. Hafez Ceremony, Kerala International Film Festival (награда за најдобар филм)

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

ФЕСТИВАЛ НА ИРАНСКО-МАКЕДОНСКИ ФИЛМ

22 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 Ч.

ТУКА

(Iro / Here)

Игран филм, Иран

2018, 82 мин., колор, блуреј

Режија: Хади Мохагег (Hadi Mohaghegh)

Сценарио: Хади Мохагег (Hadi Mohaghegh)

Улоги: Махијар Аберон, Мохамад Азаракш, Хамдолах Азизи (Mahyar Aberoon, Mohammad Azarakhsh, Hamdollah Azizi)

 

Приказна за три генерации мажи во едно семејство.

Ноќ е и сè се случува во бескрајна тишина. Осамениот и уморен старец се шета наоколу. Неговата немирност докажува колку длабоко бил опседнат со неговите проблеми и агонија. Тој размислува да го спаси својот син, Сохраб. Сепак, сите врати се затворени.

Вклучен е во циклус на секојдневниот живот, но иако е одлучен, сепак не е во можност да смени ништо. Успева да го врати својот внук дома, а и покрај сите напори, неговиот синот е егзекутиран. Тој го зема телото на својот син, кој изгледа како бела топола, и го носи преку планините и реките, за да го погреба дома…

Фестивали: Beijing International Film Festival; International Film Festival of India

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

ФЕСТИВАЛ НА ИРАНСКО-МАКЕДОНСКИ ФИЛМ

22 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 Ч.

АСТИГМАТИЗАМ

(Astigmat  / Astigmatism)

Игран филм, Иран

2018, 82 мин., колор, блуреј

Режија: Маџид-Реза Мостафави (Majid-Reza Mostafavi)

Сценарио: Пајам Карами, Маџид-Реза Мостафави (Payam Karami, Majid-Reza Mostafavi)

Улоги: Мохсен Киаје, Баран Кошари, Махтаб Насирпур (Mohsen Kiayee, Baran Kosari, Mahtab Nasirpour)

 

Маж се враќа дома по неколкугодишна разделба од семејството. Сака да си ја поврати својата куќа од сопругата, синот, снаата и внукот. Неговиот син, кој одгледува пијавици во подрумот и се надева дека ќе се збогати со тоа, се обидува да ги помири татко му и мајка му, за да остане дома. Но, неговата мајка има намера да се омажи за некој друг човек. Внукот кој има само 9 години, се за вљубува во својата учителка на училиште: тоа предизвикува проблеми и кај момчето и кај семејството на учителката.

Фестивали: Hafez Ceremony

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

ФЕСТИВАЛ НА ИРАНСКО-МАКЕДОНСКИ ФИЛМ

23 ФЕВРУАРИ (НЕДЕЛА), 18:00 Ч.

РАЗВОД ЗАРАДИ МАЧКИ

(Talagham bedeh be khater-e gorbeh-ha / Divorce me because of the cats)

Игран филм, Иран

2018, 72 мин., колор, блуреј

Режија: Мохамад-Али Саџади (Mohammad-Ali Sajjadi)

Сценарио: Мохамад-Али Саџади (Mohammad-Ali Sajjadi)

Улоги: Реза Молаје, Мариам Хематиан (Reza Molaie, Maryam Hematian)

 

Филмот е базиран на вистинска приказна, за млад брачен пар кој завршува на суд со бракоразводна парница. Кога судијата ги прашува што е причината за разводот, тие ги посочуваат – мачките!

РАЗВОД ЗАРАДИ МАЧКИ е дваесеттиот долгометражен игран филм на ветеранот на иранската кинематографија Саџади. Неговата сторија е социјална драма со интригантен наслов. Дејствието на филмот е поставено во просторијата на судот, а публиката е ставена пред испитот да интерпретира што е реалност, а што е фикција во настаните кои се одвиваат пред неа. Секако, се работи и за тоа колку филмот може да ја долови сложеноста на психата на луѓето од Иран во модерното доба…

Фестивали: Cyrus International Film Festival, Toronto

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

 

ФЕСТИВАЛ НА ИРАНСКО-МАКЕДОНСКИ ФИЛМ

23 ФЕВРУАРИ (НЕДЕЛА), 20:00 Ч.

РЕЗА

(Reza)

Игран филм, Иран

2018, 94 мин., колор, блуреј

Режија: Алиреза Мотамеди (Alireza Motamedi)

Сценарио: Алиреза Мотамеди (Alireza Motamedi)

Улоги: Алиреза Мотамеди, Сахар Долатшани, Солмаз Гани  (Alireza Motamedi, Sahar Dolatshahi, Solmaz Ghani)

 

Алиреза Мотамеди дипломирал персиска литература и веќе 20 години е објавува како писател, поет, филмски критичар и сценарист. Тој има напишано сценарија за повеќе од 20 играни филмови и ТВ серии, а РЕЗА е неговиот дебитантски игран филм, во кој ја игра главната улога. Мотамеди има и други актерски остварувања на филм.

Реза и Фати се во брак девет години и одлучуваат да се разведат. Според исламските закони, тие имаат три месеци и десет дена да ја отповикаат својата одлука, во случај да се премислат. Реза е решен да започне нов живот, но Фати одбива да замине од неговиот живот – и неговиот ум. Паралелно со процесот на разводот, Реза започнува да пишува нова книга: тој ја раскажува приказната за неговите предци, кои пред многу години емигрирале во светиот град Исфахан…

Фестивали: Entrevues Film Festival, Hafez Ceremony, Mumbai Film Festival, São Paulo International Film Festival

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

24 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 Ч.

26 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 Ч.

ЖАЛ НИ Е ШТО ВЕ ПРОПУШТИВМЕ 

(Sorry We Missed You)

Игран филм, В. Британија / Франција / Белгија

2019, 101 мин., колор, ДЦП

Режија: Кен Лоуч (Ken Loach)

Сценарио: Пол Лаверти (Paul Laverty)

Улоги: Крис Хичен, Деби Ханивуд, Рис Стоун (Kris Hitchen, Debbie Honeywood, Rhys Stone)

 

Наградуваниот британски режисер Кен Лоуч е неуморен набљудувач на актуелните состојби во општеството. Во трогателната семејна драма ЖАЛ НИ Е ШТО ВЕ ЗАБОРАВИВМЕ немилосрдно го критикува неолибералниот капитализам, склопувајќи мачен групен портрет на луѓето од најзагрозените социјални слоеви.

Новиот филм на Кен Лоуч е извесна паралела на неговиот претходен наслов, ангажираната драма за проблемите во британскиот здравствен систем  ЈАС, ДАНИЕЛ БЛЕЈК, со кој освои „Златна палма“ во Кан пред три години: филмот откри дека многу луѓе во Британија, иако вработени, сепак мораат да се прехрануваат во „банки за храна“.

ЖАЛ НИ Е ШТО ВЕ ЗАБОРАВИВМЕ, кој беше учесник на Канскиот фестивал минатата година, ја истражува промената на состојбата на работничката класа. Вработените некогаш со месечните плати имале доволно пари да го издржуваат семејството, но денес веќе не е така. Главниот јунак во ЖАЛ НИ Е ШТО ВЕ ЗАБОРАВИВМЕ вози комби, нема право на боледување, нема платен одмор, а ако доживее некоја сообраќајна несреќа, нема осигурување што би ја покрило штетата, туку мора самиот да си ја плати поправката. Дневниците се сè посиромашни, а работното време сè подолго…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

24 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 Ч.

25 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 Ч.

ПРЕДАВНИКОТ

(Il traditore / The Traitor)

Игран филм, Италија / Франција / Германија / Бразил

2019, 145 мин., колор, ДЦП

Режија: Марко Белокио (Marco Bellocchio)

Сценарио: Марко Белокио (Marco Bellocchio, Valia Santella)

Улоги: Пјерфранческо Фавино, Луиџи Ло Кашио, Фаусто Русо Алеси, Никола Чали (Pierfrancesco Favino, Luigi Lo Cascio, Fausto Russo Alesi, Nicola Calì)

 

Кој ја издаде прочуената сицилијанска мафијашка организација Коза Ностра? Како во осумдесетите години на минатиот век судијата Фалконе отвори случај против стотина членови на мафијата?
Наградуваниот италијански режисер Марко Белокио во својот најнов биографски филм ПРЕДАВНИК ни дава драмски одговор на овие прашања, прикажувајќи ја приказната за судењето од 1986 година, која ја памти секој повозрасен Италијанец, судењето на најозогласените имиња од мафијата од Палермо. Белокио, автор на филмовите КИНА Е БЛИЗУ и ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ, во оваа биографска драма го прикажува животот на Томасо Бушети, првиот мафијашки доушник на Сицилија во осумдесетите, таканаречениот „Газда на два света“.

Соочен со судски истраги против него, Бушети решава да биде заштитен сведок на специјалниот обвинител Џовани Фалконе, и да сведочи против водачот на најмоќниот сицилијански мафијашки клан Салваторе „Тото“ Риина и неговите соработници. Но, дали правно-полицискиот систем може да го заштити Бушети и членовите не наговото семејство од одмаздата на неговите довчерашни колеги и пријатели, па дури и роднини?

Покрај паралелниот универзум со свои правила и вредности, Коза Ностра со застрашувања и ликвидации вкоренувала страв, а кога била донесена пред суд, самиот процес го потценува и претвора во пародија: „Тоа е единствен процес. Процес кој ја раскажува приказната за мафијата која правеше бука во судницата, ги прекинуваше судењата, имаше огромна моќ. Се служеа со сите средства . Си играа театар, но процесот не можеше да се прекине,“ вели режисерот Белокио, наведувајќи дека го заинтригирало нешто толку сериозно, што на моменти личело на театар.

Филмот е добитник на италијанската награда „Златен Глобус“ и доби безброј позитивни критики.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

25 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 Ч.

26 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 Ч.

ДВОЕН ЖИВОТ

(Doubles vies / Non-Fiction)

Игран филм, Франција

2018, 108 мин., колор, ДЦП

Режија: Оливие Асајас (Olivier Assayas)

Сценарио: Оливие Асајас (Olivier Assayas)

Улоги: Антоан Рајнарц, Криста Тере, Гијом Кане, Жилиет Бинош, Нора Хамзави, Оливија Рос, Винсент Макењ (Antoine Reinartz, Christa Theret, Guillaume Canet, Juliette Binoche, Nora Hamzawi, Olivia Ross, Vincent Macaigne)

 

Успешниот париски издавач Алан, кој се труди да се прилагоди во дигиталната револуција, се двоуми околу објавувањето на најновиот ракопис на својот долгогодишен пријател.
Леонардо, боемски автор кој во своите раце има уште една автофикција за афера со славна личност.
Додека се борат со својата средновечност, со технолошките промени и со односите со своите жени, издавачот и авторот се во поголеми проблеми отколку што претпоставуваат…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

ФИЛМ ПО ИЗБОР НА ГЕТЕ ИНСТИТУТ

27 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 Ч.

ТРИ

(Drei / Three)

Игран филм, Германија

2010, 119 мин., колор, ДЦП

Режија: Том Тиквер (Tom Tykwer)

Сценарио: Том Тиквер (Tom Tykwer)

Улоги: Софи Ројс, Себастијан Шипер, Девид Стесов (Sophie Rois, Sebastian Schipper, Devid Striesow)

 

Филмот на режисерот Том Тиквер е љубовна драма за маж и жена од Берлин, кои се вљубуваат во ист маж. Во приказната за љубовниот триаголник вљубувањето во иста личност е претставено како еден вид сексуална утопија, во која луѓето својата сексуалност и љубов ја доживуваат на многу поотворен и послободен начин отколку што е вообичаено…

ТРИ беше еден од фаворитите во трката за најценетата награда за култура во Германија во 2010 година и учествуваше во официјалната конкуренција на фестивалите во Венеција и Торонто, и се смета за еден од најдобрите филмови досега на режисерот Тиквер. На германските филмски награди „Три“ доби шест номинации за наградата„Златна Лола“ и се закити со дузина национални награди и признанија.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

28 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 Ч.

НАГРАДЕНИ КРАТКОМЕТРАЖНИ ФИЛМОВИ НА „АСТЕРФЕСТ“

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница. Бесплатен влез

 

СЦЕНАРИСТИЧКА ЛАБОРАТОРИЈА СО ДИМИТАР БАНОВ

29 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 19:00 Ч.

ГРАЃАНИНОТ КЕЈН

(Citizen Kane)

Игран филм, САД

1941, 119 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Орсон Велс (Orson Welles)

Сценарио: Херман Манкиевич, Орсон Велс (Herman J. Mankiewicz, Orson Welles)

Улоги: Орсон Велс, Џозеф Котн, Дороти Комингор, Вилијам Оленд (Orson Welles, Joseph Cotten, Dorothy Comingore, William Alland)

 

Репортерот Џери Томпсон (Вилијам Оленд), го разголува животот на мултимилионерот Кејн (маестрално одигран од самиот Велс), сопственикот на неколку влијателни медиуми и претседателски кандидат, преку пет различни искази на неговите блиски, нормално, сето тоа прикажано преку дотогаш не баш често користените флешбекови во филмската уметност. Тој прво ја посетува библиотеката на неговиот пријател, преку која се навраќа во детството на Кејн, кога тој бил напуштен од неговите родители. Потоа следат приказните на неговиот лојален асистент, па на бизнис-партнерот, како и на неговата сопруга, која во пијана состојба му кажува многу сочни детали за животот на могулот. На крајот, репортерот се соочува со приказната за смртта на Кејн, која е обвиткана со вел на мистерија…

Откритието на т.н. широкоаголен објектив, употребен во 1941 година во филмот на Орсон Велс, овозможувајќи острина на сите планови, предизвика пресврт во разбирањето на техниката на снимање.

Филмот беше номиниран за „оскар“ во девет категории, но доби само „оскар“ за сценарио. Сепак, од неговата појава до ден денешен важи за еден од најдобрите филмови на сите времиња.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

Leave a comment