Филмот КАЈМАК во режија на Милчо Манчевски, во кој Македонија е носител на проектот, како и филмовите и копродукциите ЖИВИ И ЗДРАВИ во режија на Иван Мариновиќ и ДОЛИНАТА НА ШАРКО во режија на Петра Селишкар, со македонско малцинско копродуцентско учество, се поддржани од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – ЕУРОИМАЖ, на првата сесија во 2021 година.

Милчо Манчевски

На својата редовна 162 сесија која се одржа од 16-19 март, Еуроимаж финансиски подржа 24 меѓународни филмски копродукции од вкупно 49 пријавени проекти.

Во категоријата долгометражни играни филмови, Еуроимаж највисоко го евалуираше проектот КАЈМАК на Милчо Манчевски, кој е мнозинска македонска копродукција со Данска и Бугарија.

Во оваа категорија е поддржан и проектот ЖИВИ И ЗДРАВИ во режија на Иван Мариновиќ, копродукција помеѓу Црна Гора, Србија, Хрватска, Чешка, во кој Македонија е малцински копродуцент.

Во категоријата документарен филм исклучително висока оценка доби проектот ДОЛИНАТА НА ШАРКО во режија на Петра Селишкар, копродукција меѓу Франција и Словенија, во кој Македонија, исто така, е малцински копродуцент.

Татјана Ќурчинска-Пепељугоска

Поддршката за македонски филм и за два проекти во кои Македонија има копродуцентско учество е многу важно за  македонската кинематографија, зашто европската поддршка пристигнува и во тешкиот и неизвесен период на „ковид пандемијата“. Морам уште еднаш да потенцирам дека долгометражниот КАЈМАК, во кој Македонија е носител и документарниот ДОЛИНАТА НА ШАРКО, во кој е малцински учесник, добија највисоки оценки при евалуацијата, и тоа во конкуренција со значајни имиња на светската кинематографија – како што се браќата Жан-Пјер и Лик Дарден, Џесика Вудворт, Мишел Хазанавикиус, Роберт Бергер, Кристина Гросан, и други. Ова е особено значајно поради тоа што, и покрај извонредната конкуренција, на годишно ниво се пријавуваат по 250-260 нови филмски копродукции и навистина е тешко да се добие поддршка. Од друга страна, финансиските средства се ограничени, па често се случува дел од солидните филмски наслови и проекти – да не добијат финансиска поддршка – изјави Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, македонски национален претставник во Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуроимаж.

Европскиот фонд Еуроимаж – од своето основање во 1989 година, до денес поддржал 2.160 копродукциски проекти, со вкупен буџет од околу 625 милиони евра.

Leave a comment