Управата за заштита на културното наследство во рамките на активностите за одбележување на Европската година на културното наследство, а по повод 27-ми октомври, светскиот ден на аудиовизуелно наследство на УНЕСКО, во соработка со Кинотека на Македонија организира проекции на филмскиот опус на браќата Манаки за ученици од средните училишта.

На 22-ри октомври, понеделник, во 11.00 часот се одржа проекција за ученици од гимназијата „Орце Николов“ од Скопје, а следните настани се: на 24-ти октомври, среда, во 12.00 часот – проекција за ученици од повеќе средни училишта во Центарот за култура во Битола; на 25-ти октомври, четврток, во 11.30 часот, проекција за ученици од гимназијата „Никола Карев“од Скопје; и на 26-ти октомври, петок, во 10.00 часот, проекција за ученици од гимназијата „Георги Димитров“од Скопје.

Пред секоја проекција краток вовед за одбележувањето на Европската година на културното наследство ќе даде м-р Мими Ѓоргоска Илиевска, советник за аудиовизуелни, библиотечни и фонотечни добра во Управа за заштита на културно наследство.

Проекциите во Кинотеката на Македонија во Скопје се проследени со музичка придружба на дуото Маротови, а пред проекциите ќе говори д-р Атанас Чупоски, виш филмолог во Кинотека на Македонија, кој ќе ги запознае средношколците со биографските податоци за браќата Милтон и Јанаки Манаки и нивниот филмски опус.

Пред проекцијата во Битола, пак, ќе говори м-р Игор Старделов, раководител на филмскиот архив во Кинотека на Македонија.

 

 

 

Leave a comment