Сите со сите се во конфликт за сè и сешто, само нема конфликт меѓу најбогатите и сиромашните

Општествата функционираат само кога има правила на игра со кои мнозинството се согласило. Денес овде локално играта на чии правила не сме се согласиле е – ние плаќаме даноци, тие ги пљачкаат

Разговарал: Стојан Синадинов

 

Кристијан Ристески (Скопје, 1969 година), во 1991 дипломира Филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Во неговата филмографија ги бележи среднометражниот филм „Amaro, ma non troppo“ (Горко, ама не многу, 1997, ТВ), кратките филмови „Остани исправен“ (2005), „Cut Here“ (2016), две документарни серии и преку 200 рекламни ТВ спотови како режисер, продуцент, и сценарист.

СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА (Snow White Dies at the End) е негов дебитантски долгометражен игран филм во македонско-кипарска копродукција, кој пролетва имаше светска премиера на фестивалот „Слемденс“ во Парк Сити (САД), селектиран меѓу 8.100 пријавени филмови – фестивал на филмови со буџет до милион долари кои можат да се квалификуваат за „Оскар“, и чие мото е „Од филмаџии за филмаџии“ – а македонска премиера во август на затворањето на 43. Интернационален фестивал на кинематограферите „Браќа Манаки“ во Битола. Филмот имаше европска премиера на Московскиот филмски фестивал од А категорија во август.

СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА добил финансиски сретства во 2017 година од Агенцијата за филм, во текот на развојот бил селектиран во два програми за развој на сценарио, истовремено бил селектиран на два маркети и откако завршиле груба монтажа биле селектирани на три ворк-ин-прогрес програми на филмските фестивали во Карлови Вари, Софија и Рим.

 

СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА е сторија од 3 испреплетени приказни за 3 групи луѓе, една мува, едно прасе, една клозетска шолја и Скопје. Обично во филмовите не треба да се бараат пораки, но идејата е зошто е тешко да биде добар човек во денешно време, верен на сопствените принципи, а притоа останатите да не ти се „качат“ на глава?

Тешко е зашто светот морално се распадна. Корумпираното малцинство му се „качува на глава“ на чесното мнозинство трудејќи се да го направи како себе, корумпирано. Општествата функционираат само кога има правила на игра со кои мнозинството се согласило. Денес, овде локално, играта на чии правила не сме се согласиле е – ние плаќаме даноци, тие ги пљачкаат. Ако не им е доста, ќе земат кредити и тие пари ќе ги опљачкаат, а ние ќе ги враќаме. Ете така, „све отиде у курац без ние да приметиме“. Глобално играта на која мнозинството не се согласило е слична, само што пљачкашите се олигархијата, најкрупните капиталисти. Најбогатите тројца Американци имаат повеќе пари од најсиромашните 200 милиони американци и скоро и да не плаќаат даноци. И гледате ли некаде класен конфликт? Нема. Сите со сите се во конфликт за сè и сешто, само нема конфликт меѓу најбогатите и сиромашните. Тој наратив е најстрого контролиран.

Ова е ера на психопати, на тие што по цел ден лажат, крадат, манипулираат, сплеткарат, им прават „зулум“ на другите и вечерта мирно спијат. Тие најлесно се искачуваат во корпоративните и политичките хиерархии. Ние останатите мора да пружаме отпор, зашто ако дозволиме да нè принудат да ја играме нивната игра – ниту ќе бидеме среќни, ниту ќе спиеме мирно, зашто не сме направени од истиот материјал. За жал, добар дел од чесното мнозинство од егзистенцијални причини е принудено да ја игра нивната игра и од таму доаѓа и сета оваа несреќа околу нас.

И во претходните (краткометражни) остварувања како „Cut Here“ и „Остани исправен“ се фокусиравте на конфликтот на личностите и социјалната фрустрација. Што најмногу ве мотивира во раскажувањето?

Да, таа една тема се провлекува низ сценаријата што ги пишувам, а и низ мојот приватен живот – како да останеш чесен и верен на сопствените принципи и вредности, како да останеш добар човек во општество во кое тие принципи и вредности ти создаваат само проблеми. Во вакво општество таа тема е скоро совршен драматуршки „мотор“, затоа што во скоро секоја ситуација произведува конфликт и драма. Затоа што целото општество е антагонист кој стои на патот на протагонистот.

Кон крајот на 80-те бевте еден од најмладите студенти по филмска и ТВ режија на скопскиот ФДУ и важевте за голема надеж на македонскиот филм. Но, зошто требаше да поминат 30 години до вашето играно филмско деби?

На некој начин само што Ви одговорив на ова прашање. Исклучиво моја вина е што сум одбрал да живеам во некоја своја реалност, исто како ликовите во филмот. Во Македонија немаш никаква шанса ако некој не ургира за тебе, ако не „фатиш врски“, ако не се јават од партија, ако не подмитиш, да не кажам – ако не потрошиш повеќе енергија да лобираш за својот филм отколку на самата продукција на филмот. Јас некако не сум скроен за таа работа, „погрешно“ сум воспитан, не ми се прави тоа, па си почекав. Како куриозитет, во две држави во кои аплициравме за финансиска поддршка за малцинска копродукција вработени во нивните филмски фондови ни побараа мито. Двата пати одбивме, иако тие пари многу ќе ни ја олеснеа продукцијата на филмот, дури може ќе останеше и некој денар за мој хонорар. Ама решивме да не му ја кршиме „кармата“ на филмот. Многу македонци кога ќе го прочитаат ова веројатно ќе мислат дека сум многу глуп човек.

Во вашата филмографија имате повеќе наслови како продуцент отколку како режисер. Бевте дел од продуцентските екипи и на филмовите „Време на кометата“, „Мируш“ Требаше ли СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА да биде снимен многу порано, барем на почетокот на овој век?

Не, идејата за „Снежана на крајот умира“ тогаш не постоеше. Го снимивме точно кога требаше, ама на почетокот на веков имав некои други идеи и веројатно тогаш требаше да снимам некој друг филм. Нема поента сега да се вртиме кон минатото и да жалиме за неродените „деца“. Ова што го донесовме на свет е здраво, право, убаво. На „тоа“ му се радуваме. И на тие што доаѓаат.

Што се однесува на работата како продуцент, па и како режисер, во меѓувреме јас своето место си го најдов во комерцијалниот свет, каде што пипците на нашата високо корумпирана и морално банкротирана држава помалку дофаќаат. Двата филма што ги спомнавте беа сервис продукции, странски филмови што се снимаа во Македонија без македонско финансиско учество. Парадоксално, во Македонија е полесно да функционирате во светот на бизнисот (капиталистите) без да го загубите моралниот интегритет, отколку во светот на државно финансираната култура.

Филмот е снимен од двајца кинематографери, Севдије Кастрати  и Димо Попов. Кастрати ги снимила исклучиво ноќните сцени, Попов дневните. Зошто овој метод на работа, како е да се работи со двајца кинематографери? Иако таа пракса му се случувала и на Милош Форман во „Лет над кукавичјото гнездо“ (морал да смени тројца кинематографери) или, пак, Сидни Полак во „Мојата Африка“, кој имал четворица монтажери…

Тоа не беше намерно. Менувањето на таков клучен соработник на сред продукција е голем стрес и компликација и никој тоа не го посакува. Финансиските услови создадоа ситуација да бидеме принудени да снимаме на таков начин. Кога се снима со толку малку пари, сите клучни луѓе во проектот треба да задоволат многу повеќе параметри, за да не се „пробие“ буџетот. За разлика од писателите или сликарите, кои по природата на својата професија имаат комоција да си дадат онолку време колку што е потребно (во рамките на разумното) за делото да го доведат до ниво со кое ќе бидат апсолутно задоволни, филмските автори во фазата на продукција ја немаат таа комоција. Ние мораме да го снимиме филмот во одреден број снимачки денови и работни саати, во нашиот случај околу 300 саати, и тоа е тоа. Сакал-нејќел, мора да се вклопиш во таа рамка.

Филмските критики главно благонаклоно гледаат на вашиот филм, истакнувајќи ја урбаната приказна и атмосфера воопшто, бележејќи ги цитатите на „Clerks“ на Кевин Смит (маалските другари-денгуби), „Trainspotting“ на Дени Бојл (хероинската „култура“), можеби и на „Реквием за еден сон“ на Дарен Аронофски (телевизиските сапуници)… Кои, освен овие, се вашите омилени автори?

Да, имавме среќа со критиките и локално и надвор.

Не сум сигурен дека сум ги цитирал „Clerks“ и „Trainspotting“. Цитат е кога авторот има јасно изразена намера да му оддаде почит на друг автор со реферирање на дел од негово дело, истовремено реконтекстуализирајќи го. Мислам дека овие „цитати“ беа спомнати во контекст на ликовите и локацијата (другарите-денгуби и видеотеката) и реквизитата (клозетска шолја), ама тоа е толкување на прв поглед. Седењето „пред гранапче“ со другарите постоело во нашиов регион многу пред Кевин Смит да се роди. Видеотеката во нашиот филм е бесмислица зашто во неа не влегува ниеден муштерија. Во времето на „Clerks“ видеотека беше легитимно работно место. Референца на „Trainspotting“ има во филмот, ама на друго место – постерот на „Trainspotting“ виси на ѕидот во видеотеката.

Омилени автори ми се Виторио Де Сика (во своите најдобри години, по Втората светска војна до раните ’50-ти), Вим Вендерс, Акира Куросава, Јасуџиро Озу, Алфред Хичкок, раниот Тарантино… Многу ги има, многу сакам филмови, можам да набројувам до утре.

На прес-конференцијата во Битола пред прикажувањето на филмот изјавивте дека верувате во ставот на режисерот Пол Томас Андерсон, кој вели дека сценаристот не треба да се занимава со темата на почеток, треба да си ја напише приказната, а темата ќе излезе низ процесот сама од себе. СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА го дефиниравте како филм за добрината, но колку е наивно да веруваме во неа?

Длабоко верувам дека не е наивно. Дури мислам дека е неопходно сите да се преиспитаме и да го побараме доброто во себе. Живееме во време кога сме на раб на нуклеарна катастрофа, а пола планета навива за ескалација на конфликтите. Ескалација која може истите тие луѓе кои навиваат за неа за еден ден да ги збрише од планетава. Нема логика. Не остана грам здрав разум. Како викаше Андриќ? Дојдоа времиња кога паметниот замолчи, будалата проговори, а фукарата се збогати? Епа дојдоа уште полоши времиња. Денес будалата добива милион лајкови, а фукарата е побогата од сто милиони паметни.

И музиката во филмот (Влатко Стефановски, Кирчо Арсовски и Васко Атанасоски…), нормално, го носи тој урбан дух. Омилената плеј листа?

Додека го пишував сценариото направив список со дваесетина македонски песни на кои сакав да им најдам место во филмот. Фајлот го крстив „шпалта“, нашиот збор за плеј листа, иако и тој не е наш, ама постар е. Шест од тие песни филмот „ги прифати“, си го најдоа местото во него и му го збогатија тој урбан дух што го спомена.

Исто многу сакам и музика, ама не слушам толку како порано пошто имам тинитис, па избегнувам да користам слушалки, во кола се поретко седнувам, се трудам секаде каде што можам да одам пешки, па така си ги редуцирав опциите за места за слушање музика соло, без мојот музички вкус да влијае на луѓето околу мене, кои веројатно имаат поинаков вкус.

Во контекст на филмот, музика која е блиска до духот на филмот и дел од која во фазата на монтажа ја користевме како темп (привремена) музика се некои песни на Daft Punk, Radiohead, Air, Mogwai, MGMT, Moby, Stranglers, French 79, Beach House, The Residents…

За актерската поделба во филмот. Дали таа беше вашиот прв избор, и колку сте задоволен од соработката?

Апсолутно. Актерите кои ги играат седумте главни улоги беа апсолутно прв избор и си ги добија улогите на кастинг по сите прописи. Една дигресија – морам да кажам дека кастингот е еден многу неправеден процес за актерите. Многу често актери кои биле одлични на кастинг нема да добијат улога поради еден елемент од физичкиот изглед кој недоволно се вклопува во она што е некаква визија на режисерот за тој лик, или поради тоа што некој друг актер или актерка има подобра хемија со партнерот или партнерката… Ова го кажувам затоа што на кастинг дојдоа барем уште пет актери кои беа фантастични, ама поради некој од овие параметри кои не се однесуваат на квалитетот на изведбата не ги добија улогите.

Од соработката исто така сум апсолутно задоволен, презадоволен. Кога се поклонувавме по скопската премиера го кажав тоа што го мислам за соработката со овие прекрасни луѓе – дека беше привилегија да се работи со нив, дека не знам како сум ги заслужил и дека не верувам дека уште еднаш ќе ми се повтори ваква актерска екипа со која вака ќе „кликнеме“ и од професионален аспект и од човечки. Некако имам впечаток дека станавме како мини „секта“, дека филмот не поврза на некој подлабок начин, како што се поврзуваат војниците кои поминале заедно низ некоја заебана битка, како да станавме пријатели за цел живот.

 

Податоци за филмот:

Животите на една хикикомори уметница, радио водител со Аспергер синдром, сопственик на видеотека, филозоф од пред гранапче, креативен директор и гинеколог анти-наталист се испреплетуваат низ три откачени приказни за љубов, пријателство и посветеност.

СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА е социјална драма во амбалажа на комедија на апсурд, која се занимава со тоа колку е ужасно тешко да се остане чесен и верен на своите вредности во морално корумпирана средина. Филмот е составен од 3 испреплетени приказни за 3 групи луѓе, една мува, едно прасе, една клозетска шолја и еден град, чии патишта се допираат и влијаат еден на друг.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Верица Недеска, Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Давид Јанакиев и Тино Костадиновски.

Сценарист и режисер на филмот е Кристијан Ристески, продуцент е Дарко Попов, кинематографери се Димо Попов и Севдије Кастрати, монтажер е Горан Вуќиќ, композитори се Александар Пејовски и Ставрос Макрис, сценограф е Сашо Блажевски, костимограф е Емилија Ивановска Атанасовска, дизајнер на звук е Грег Малканџи, маскер е Мојца Горогранц Петрушевска, кастинг директор е Мони Дамевски.

 

Режисерот Ристески филмот го дефинира вака: „Нашиот филм е приказна за човечката добрина, пристојноста, интегритетот, надежта и радоста на животот.“

 

 

Извадоци од критиките што ги објавија американските медиуми по светската премиера:

 

„Прекрасен мозаик што ме потсети на „Магнолија“ на Пол Томас Андерсон, напишан со уште поисчашена комедиографска рака“ – SLUG MAG

„Беше навистина инспиративно искуство да се види како филмот успева да исцеди од приказната толку многу надеж и љубов“ – ANTICRITIC

„Ристески умее да ја намириса блескавата необичност во баналното секојдневие како свиња што бара тартуфи“ – FILM THREAT

„Оваа приказна сигурно нема да ве потсети на ништо што до сега сте го виделе, што е препорака сама по себе“ – MOVIE BOOZER

„Прекрасно исчашен филм кој поседува уникатно чувство за реалноста“ – UNSEEN FILMS