Режисерот, сценаристот и продуцентот Карен Шахназаров, едно од назначајните имиња на советската и руската кинематографија од крајот на минатиот век до денес, одржа мастер-клас во киносалата на Кинотеката на Македонија. На отворањето на РУСКА ЗИМА: МЕСЕЦ НА КЛАСИЧЕН И СОВРЕМЕН РУСКИ ФИЛМ Шахназаров беше прогласен за почесен доктор (Doctor Honoris Causa) на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА.

Лилјана Котевска-Плевнеш, доцент на ЕФТА, Карен Шахназаров, Јордан Плевнеш, ректор на ЕФТА и Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на Македонија

Со неговиот најнов филм АНА КАРЕНИНА: ПРИКАЗНАТА НА ВРОНСКИ (Анна Каренина. История Вронского/Anna Karenina: Vronsky’s Story, 2017) беше отворен МЕСЕЦОТ НА КЛАСИЧНИОТ И СОВРЕМЕН РУСКИ ФИЛМ, а со ИСЧЕЗНАТА ИМПЕРИЈА (Исчезнувшая империя/Vanished Empire), филм на Шахназаров од 2008, ќе биде затворена оваа манифестација на 28 февруари.

Мастер-класот на Карен Шахназаров ја наполни киносалата на Кинотеката со љубопитните професори и студенти од ЕФТА, како и со филмофили заинтересирани за неговите погледи на филмот. Шахназаров веќе две децении е и директор на „Мосфилм“, едно од најголемите филмски студија во Русија и во светот, па сподели многу моменти од неговото искуство во филмската продукција.

Карен Георгиевич Шахназаров (Краснодар, 1952) е еден од живите наследници на познатото ерменско семејство Мелик-Шахназариан од областа Нагорно-Карабах на Кавказ, чии корени досегаат до Средниот век. Припадниците на семејството Мелик-Шахназариан владееле со Нагорно-Карабах од Средниот век до модерното доба.

Како млад, Шахназаров се занимавал со сликарство и најпрвин сакал да се запише на Ликовната академија во Москва. Сепак, животот го однел во филмот: завршил филмска режија на престижната московска школа ВГИК, и ги поминал сите нивоа на филмската продукција пред да започне да режира долгометражни играни филмови. Меѓу поголемите успеси во неговата режисерска кариера се издвојуваат насловите: ЏЕЗЕРИ (Мы из джаза / Jazzman) од 1983, КУРИР (Курьер / Courier) од 1986, ГРАДОТ ЗЕРО (Город Зеро / Zerograd) од 1988, БЕЛИОТ ТИГАР (Белый тигр) од 2012, кој беше и руски кандидат за наградата Оскар…

 

Leave a comment