Неговиот авторски потпис стои на шпиците на повеќе од 50 филмски и телевизиски проекти во Полска и интернационална продукција, има освоено 60 награди на најпрестижните филмски фестивали во светот и речиси уште толку номинации.

 

Стојан Синадинов

Обично велат дека некому треба да му се стемни, за на друг да му се раздени. А ако некому му се се стемнило засекогаш, како на Јосиф В. Сталин во 1953 година, тогаш тоа значело дека на многу филмски автори од некогашните земји од т.н. „источен блок“ под идеолошкиот чадор на СССР, во кои спаѓала и Полска, барем малку им се разденило во нивните творечки аспирации. Впрочем, со низа прекини и „пушти-стегни периоди“ на политичка цензура, некако убаво се наредени коцките во хронолошкиот мозаик: по смртта на Сталин живнува и полската кинематографија, а Анджеј Витолд Вајда (Andrzej Witold Wajda), како што гласи неговото целосно име и презиме, во 1955 година го снима својот дебитантски долгометражен игран филм ПОКОЛЕНИЕ (Pokolenie / A Generation), кој според филмските критичари и историчари на филмот – спаѓа во неговите најдобри остварувања.

Вајда таткото, за жал, не ја преживеал сенката на советскиот „Дарт Вејдер“ на почетокот на Втората светска војна, кога по поделбата на Полска од здружените сили на Хитлеровата Германија и Советска Русија, е ликвидиран заедно со 20-тина илјади други полски офицери во Катинската шума. Но, и за тоа подолу во текстот.

Шесте наслови од филмската недела посветена на Анджеј Вајда, хронолошки ги опфаќаат неговите рани (црно-бели) трудови: КАНАЛ (Kanal) од 1957 година, ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ (Popiól i diament / The Ashes and Diamonds) од 1958, НЕВИНИ ВОЛШЕБНИЦИ (Niewinni czarodzieje / Innocent Sorceres) од 1960, ПЕПЕЛТА (Popioly / The Ashes) од 1965 година (епска сага за полските легии во Наполеоновите војски од почетокот на 19-ти век), и двата иконични наслови од зрелото доба на авторот: ЧОВЕК ОД МЕРМЕР (Czlowiek z marmuru / Man of Marble) од 1977 и ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО (Czlowiek z zelaza / Man of Iron) од 1981.

Каков режисер е Анджеј Вајда (1926-2016)?

Неговиот авторски потпис стои на шпиците на повеќе од 50 филмски и телевизиски проекти во полска и интернационална продукција, има освоено 60 награди на најпрестижните филмски фестивали во светот и речиси уште толку номинации. Меѓу останатите награди, во 1990 година ја добива „Европската филмска награда за животно дело“, на Берлинале во 1996 година ја добива наградата „Сребрена мечка“ за посебен придонес во филмската уметност, на Филмскиот фестивал во Венеција во 1998 година добива „Златен лав“ за животно дело, во 2000 година и почесен „Оскар“, а во 2006 година и почесна награда „Златна мечка“ на Берлинале.

Роден нa 6 март 1926 година во Сувалки (Suwalki), Полска, починал на 9 октомври 2016 година во Варшава. Мајка му Аниела била учителка во украинско училиште, татко му Јакуб бил капетан во полската армија (пешадија).

Детството со брат му пред Втората светска војна го паметел како среќно, бидејќи со почетокот на војната го губи таткото, а во 1942 година станува член на движењето на отпорот. По војната се сели во Краков и студира сликарство на Академијата за применети уметности. Во периодот од 1950 до 1954 студира филмска режија на Филмската академија во Лоѓ, а веднаш потоа го снима и споменатиот дебитантски филм ПОКОЛЕНИЕ, воена драма, која со КАНАЛ и ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ, ја сочинуваат неговата трилогија за Полска за време на Втората светска војна.

Со КАНАЛ започнува и долгата низа награди од најзначајните филмски фестивали во Европа и светот: „Специјална награда“ на жирито во Кан за КАНАЛ, ФИПРЕСЦИ (FIPRESCI) во Венеција за ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ… Во 1959 г. го снима првиот филм во боја ЛОТНА, кој подоцна самокритично ќе го оцени како неуспешен. Потоа, со филмот НЕВИНИ ВОЛШЕБНИЦИ ѝ се навраќа на црно-белата фактура – со Јиржи Анджејевски и Јиржи Сколимовски како сценаристи и Роман Полански како актер – па следуваат епските драми САМСОН (1961) и СИБИРСКАТА ЛЕДИ МАГБЕТ (1962) во југословенска продукција, а и ВРАТИ НА РАЈОТ (Gates to Paradise; 1968) во југословенско-англиска копродукција, како и воениот спектакл ПЕПЕЛТА во 1965. Во средината на шеесеттите години, често престојувал во тогашна Југославија, посебно во Белград, па бил заинтересиран да сними филм според два раскази на нобеловецот Иво Андриќ, „Приказни за везировиот слон“ и „Мара милосницата“, а ја развивал идејата за филм инспириран од Гаврило Принцип и другите атентатори на автроунгарскиот принц Фердинанд во Сараево 1914 година.

Кон крајот на шеесеттите им се враќа на актуелните полски теми, па го снима СÈ Е НА ПРОДАЖБА (Wszystko na sprzedaź, 1968) како омаж на нему омилениот актер Збигњев Цибулски, кој трагично загинал во сообраќајна несреќа. Следуваат романтичната комедија ЛОВ НА МУШИЧКИ (Polowanie na muchy, 1969), воената драма ПЕЈЗАЖ ПО БИТКА (Krajobraz po bitwie, 1970), а со новиот заштитен знак на неговите филмови, актерот Даниел Олбрицки, ги снима и БРЕЗОВАТА ШУМА (Brzezina, 1970) и историската драма ВЕТЕНАТА ЗЕМЈА (Ziemia obiecana, 1975), која постигнала голем успех: номинација за „Оскар“ за најдобар странски филм и најдобар полски филм таа година.

Паралелно со филмот поставува и успешни претстави во полските театри, често користејќи го методот да ја „провери“ темата на театсрките штици, а потоа пред филмските камери. Таков е случајот со ВЕТЕНАТА ЗЕМЈА, СВАДБА (Wesele, 1973) и ГОСПОЃИЦИТЕ ОД ВИЛКИ (Panny z Wilka, 1979), а подоцна и БЕСОВИ (Les possédés, 1988) според Достоевски и ДАНТОН (Danton, 1983) – обата во француска продукција.

Во седумдесеттите години од минатиот век, историјата на филмот сведочи на зрелата фаза во творештвото на Вајда, кога се нижат: БЕЗ АНЕСТЕЗИЈА (Bez znieczulenia, 1978) со „Награда на екуменското жири“ во Кан; ЧОВЕК ОД МЕРМЕР со наградата ФИПРЕСЦИ во Кан; ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО со „Златната палма“ и „Наградата на екуменското жири“ на Канскиот фестивал во 1981, како и со номинација за „Оскар“, кога тогашните комунистички власти во Полска го повлекуваат филмот од компетиција.

Во осумдесеттите години Вајда повторно снима европски копродукции. Со ДАНТОН (Danton 1983), со Жерар Депардје во главната улога – ја освојува националната филмска награда на Франција „Цезар“ за режија; во Германија го снима ЉУБОВ ВО ГЕРМАНИЈА (Eine Liebe in Deutschland, 1983), во Полска го реализира ХРОНИКА НА ЉУБОВНИТЕ НАСТАНИ (Kronika wypadków milosnych, 1986), а во Франција го снима БЕСОВИ (1988).

И покрај годините, Вајда и на преминот на векот снима филмови, речиси до самиот крај на животот. Неговата филмографија е збогатена со биографската драма КОРЧАК (Korczak, 1990), па следуваат НАСТАСЈА ФИЛИПОВНА според „Идиот“ на Достоевски (1994), воената драма ГОСПОДИН ТАДЕУШ (Pan Tadeusz, 1999), како и ОДМАЗДА (Zemsta, 2002), според неговата театарска претстава, во која повторно соработува со Роман Полански.

Во 2007 година го реализира КАТИН (Katyn), историската драма за масакрот на полските офицери во Катинската шума во 1940 година, кога настрадал и татко му, и кој бил прогласен за филм на годината во Полска, а добил и номинација за „Оскар“ за најдобар странски филм. Меѓу последните реализирани филмски наслови се: СЛАТКО ЗНАМЕ (Tatarak, 2009) со Кристина Јанда; потоа биграфската драма ВАЛЕНСА: ЧОВЕК НА НАДЕЖТА (Walensa. Czlowiek z nadziei, 2013) за водачот на полското движење Солидарност, и повторно биографската драма ПОСЛЕДОВАТЕЛНИ СЛИКИ (Powidoki / Afterimage, 2016) – за животот и творештвото на полскиот сликар Владислав Стржемински (Wladyslaw Strzeminski).

Меѓу општествените активности на Вајда забележани се политичката активност како член на Сенатот на Полската Република од 1989 до 1991 и член на Советот за култура на полскиот претседател од 1992 до 1994. Вајда го основал и Јапонскиот центар за уметност и технологија во Краков (1994), а во 1997 е примен во француската Академија на уметностите (Académie des Beaux Arts).

Во книгата „Антонио Митриќески: Хроника на еден филмски сон“ има едно сеќавање на нашиот филмски режисер додека студирал на прочуената Филмска академија во Лоѓ, Полска. Од таа филмска школа потекнуваат и Анджеј Вајда и Роман Полански, па неретко биле гостувачки професори. Митриќески во книгата ги опишува различните „методологии“ на тие часови на филмските магови. Наспроти темпераментниот и вечно разбушавен Роман Полански, кој знаел и да се скара со студентите и слушателите од другите школи кои присуствувале на неговиот мастерклас, Вајда најпрвин на катедрата подредувал, како под конец, неколку пенкала и нотес, а потоа започнувал со предавањето.

Има некој таков ред и естетска дисциплина и во неговата филмографија. Неговиот дебитантски долгометражен игран филм носи наслов ПОКОЛЕНИЕ: толкувањето на овој термин во македонскиот речник како генерација или потомство, луѓе речиси на иста возраст со слични сфаќања и што живеат во еден временски период, некако совршено одговара на едно авторско пледоаје, кое одново и одново ќе се потврдува во наредните шеесеттина години во полската кинематографија. Вајда заминува на 90-годишна возраст, но неговите последни наслови, два документарни филмови, се промовирани по неговата смрт во 2017 и 2019. Не случајно еден од посмртно објавените филмови е документарецот МОИТЕ ИНСПИРАЦИИ (Andrzej Wajda: Moje inspiracje / Andrzej Wajda: My Inspirations), чиј наслов е повеќе од сигнификативен.

И не може, а да не се забележи една силна и темелна политичко-социјална ангажираност во неговите филмови. Како го постигнувал тоа?

Во антологиското интервју од 1987 година со Лика Лукиќ, авторка на култната емисија „Учесник и сведок“, која своевремено се емитуваше на белградската телевизија, Вајда, меѓу другите битни моменти во дејствувањето на еден филмски режисер, кажа две работи: „Денес веќе нема филмови што се наменети за сите гледачи, а да правиш филм за поединци и избрани, за мене – воспитан на старата филмска традиција – е неприфатливо. Тоа го сметам за голем и потполн пораз“, велеше Вајда.

Тоа интервју е печатено во некогашното српско издание на неговата книга „Филм наречен желба“ („Powtórka z całości“), чие оригинално нецензурирано издание излегува како самиздат во 1986 година, а подоцна неколку пати е препечатувана и преиздавана. Мала по обем, „книшката“ на Вајда за филмот е повеќе од прирачник – таа е вистинска „библија“ за сите млади режисери. Во неа Вајда вели вака: „Се прашував што би можел да го советувам младиот режисер-почетник, чии проблеми не се врзани само за уметноста, туку и за комуникацијата со луѓето со кои работи на филмот: со актерите, со снимателската екипа, со луѓето кои го финансираат филмот. Тие релации се ретко опишувани во прирачниците за младите режисери, а јас лично ги сметам за фундаментални, бидејќи да се биде режисер не значи само да се има талент, или стручно знаење, нити општа култура – туку е потребна и одредена психичка отпорност, која му овозможува на младиот човек да биде режисер. Приметив дека многу талентирани режисери ја немаат таа кондиција, и потклекнуваат на тоа место, бидејќи не размислуваат за тие проблеми. Затоа помалку талентираните снимаат филмови, а поспособните си заминуваат, не можејќи да ја издржат пресијата…“.

Се чини дека нема поверодостојна порака за младите филмаџии, но и поверодостојна оценка за еден опус како тој на Вајда.

Вајда им се одолжува на сите полски жртви во Катинската шума со КАТИН, еден од неговите последни филмови. И покрај трагичната судбина на татко му, кој бил сурово ликвидиран од руско-советската војска во Катинската шума во 1940 година – а и покрај тоа што во интервјуата и излагањата често споменувал дека тој и неговата генерација немале надеж дека некогаш ќе ја видат Полска слободна и самостојна земја надвор од советското влијание – Вајда не си дозволил да „не ја гледа шумата од дрвата“, како што гласи библиската мудрост, кога станува збор за уметноста. Таа мудрост ја користи и Фјодор М. Достоевски како мото на еден негов роман.

За Достоевски, Вајда во својата книга „Филм наречен желба“ – ќе напише: „Кај Достоевски барам нешто свое. Тој е писател кој надлабоко ги сфатил и проникнал во болестите на општеството. Тие болести и нас нè стигнаа, и допрва ќе боледуваме од нив. Достоевски еднаш рекол дека целата иднина на човештвото ќе се разреши во следниот век, а тоа е токму овој во кој живееме – 20-тиот век…! Сакам да работам според романите на Достоевски токму затоа што ја дава визијата на настаните кои се случуваат во нашиот век и пред нашите очи“.

Страст на Вајда, освен филмовите, бил и театарот, каде што се забележани неколку негови исклучително успешни поставки на полските и европските театарски сцени, од Стариот театар во Краков до Париз. Токму драматизациите на Вајда на романите „Злосторство и казна“, „Бесови“ („Зли дуси“; снимил и истоимен филм) и „Идиот“ (под насловот „Настасја Филиповна“) од Достоевски, се користени и од разни режисери на разни меридијани – како многу инспиративни и податни за инсценација. (Мала дигресија: ако сеќавањето не ме лаже, и Златко Славенски, прерано починатиот мајстор на театарската режија и професор на ФДУ, ја користеше токму драматизацијата на Вајда во неговата поставка на „Бесови“ во Македонскиот народен театар пред десетина години).

Вајда секогаш го истакнувал компактниот тим со кој работел филмови во одредени периоди – од кинематографери, монтажери, сценографи и костимографи, меѓу другите – а секако и актери со кои имал честа соработка. Најмалку тројца актери ги одбележаа неговите филмови, или, обратно, може слободно да се каже дека Вајда низ неговите филмови создаде неколку извонредни актери: Збигњев Цибулски, Даниел Олбрицки, Јежи Радзивилович, итн. Во тој авторски „хабитус“ на Вајда има и една исклучителна актерка, Кристина Јанда.

Во книгстс „Филмот наречен желба“ – Вајда во кратки цртички ги опишува соработниците. За писателот и сценарист Јежи Анджејевски забележува „Пистаел, моралист, перфекционист“. За Збигњев Цибулски, кого нагалено го нарекува Збишек, пишува: „Ме задолжи со најуспешниот лик во мојот филм, Мачеј Хелмицки во ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ. Идол на младите Полјаци, стана легендарна личност. Неговата трагична смрт во 1967 беше инспирација за мојот филм СÈ Е НА ПРОДАЖБА“.

За Даниел Олбрицки пишува: „Играше во многу мои филмови. Секогаш сакаше да стане наследник на Цибулски – и тоа, без сомнение, го постигна. Неговата голема популарност кај публиката никогаш не ја ослаби неговата професионална одговорност“. За Јежи Радзивилович вели вака: „Неговата дарба и неговото лице, кое веднаш ја изразува волјата и вистинитоста, ги открив уште додека беше студент по глума во Варшава“. За Јежи Ставински: „Му должам за сценариото на КАНАЛ… Како млад офицер на Армија Крајова учествувал во варшавското востание. Ја инспирираше целата моја генерација полски синеасти“.

За Кшиштоф Зануси вели дека е на чело на колоната на полските синеасти кои ја наследиле неговата генерација: „Интелектуалец, рационалист, прагматичар, стратег и тактичар, полиглот: ги има сите квалитети што мене ми недостасуваат“.

За Ањешка Холанд го пишува следново: „Режисер, сценарист, го напиша за мене сценариото на БЕЗ АНЕСТЕЗИЈА и соработувавме на мојот филм ЉУБОВ ВО ГЕРМАНИЈА. Авторка на исклучителните филмови ПРОВИНЦИСКИ ГЛУМЦИ, ТРЕСКА, ОСАМЕНА ЖЕНА… Затвореноста на нејзиниот карактер е исклучителна (само жена е кадра за такво нешто)“. А за Кристина Јанда вели: „… Уште беше студентка кога ја открив нејзината животност, нејзината жестина, нејзината динамичност, нејзината неисцрпна енергија“.

Навистина, ваквите оценки за соработниците можат да бидат само – бесценети. Впрочем, како и кариерата на Анджеј Вајда која одбележа цел еден век на полската кинематографија.

На неговото филмско поколение…