МЕСЕЦ МАРТ ВО КИНОТЕКА

 

БОГАТ ИЗБОР СО КВАЛИТЕТ И ИНОВАТИВНОСТ

Март – месец кога започнува пролетта. Повеќе светлина, подолг ден, разновидни бои. Во секој случај, месец што се очекува со нетрпение. Со понудата во својата програма Кинотека се определи да соодветствува на месецот на пролетта.

На почетокот и при крајот на понудата Кинотека ќе ги прикаже филмовите кои одбележуваат три децении од премиерата. Првиот јубилеец е ЕВТИНИ ПРИКАЗНИ креиран од Квентин Тарантино. Оваа филмска класика изврши немерливо влијание врз понатамошниот тек на филмската уметност, и го воскресна тогаш заборавениот Џон Траволта. Лук Бесон, пак, со своето авторско дело ЛЕОН ПРОФЕСИОНАЛЕЦОТ ги промовираше актерските таленти на Натали Портман и Гери Олдман.

Големиот јубилеј, 60-годишнина од смртта на пионерот на подвижните слики на Балканот, Милтон Манаки, ќе биде во фокусот во почетниот дел на мартовското издание на филмскиот караван на Кинотека. Ќе биде презентирано ДВД изданието со реставрираните снимки на браќата Манаки од почетокот на 20 век. Во ДВД-то се содржани првите снимки на Манаки – од баба им, 114-годишната  Деспина, која преде во родното село Авдела, и снимки на кои нивната камера  регистрирала важни историски настани. Делото на браќата Манаки е обработено документаристички во проектот ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ, како заедничка творба на режисерот Роберт Јанкуловски и сценаристката Илинденка Петрушева. Пред проекцијата режисерот  Јанкуловски ќе има презентацијата за делото на Милтон Манаки.

Сосема следствено на ова, следуваат филмови во циклусот ЛАУРЕАТИТЕ НА МАНАКИ. Ќе се започне со популарниот филм НЕВЕРОЈАТНАТА СУДБИНА НА АМЕЛИ ПУЛЕН. Ова е можеби најпознатиот филм на големиот француски режисер Жан Пјер Жене. Веднаш по премиерата филмот ги освои симпатиите на публиката, како и на критиката, а две децении подоцна има стекнато култен статус. Ниту еден француски филмски протагонист на овој век не е толку сакан како Амели, за неа е создаден мјузикл и е именуван нов вид жаба. Омилениот филмски класик на Тарантино ДОБРИОТ ЛОШИОТ И ГРДИОТ и познатата биографска драма ЕРИН БРОКОВИЧ, со Џулија Робертс во насловната улога наградена со Оскар, го заокружуваат овој циклус. Филмовите ќе бидат проектирани на оригинална 35 мм лента.

И во месец март нема да изостанат творештвата, овој пат краткометражни, на неколку македонски режисери. Тоа се постарите филмови  ЕМБРИО НО М, ЗИМСКИ ИМПРЕСИИ, СПОМЕНИК, како и новите КУТИИ и ДАЛИ СИ МАЖ?

Кинотеката сметаше дека е потребно да бидат видени и двата филма БЕЗ СОНЦЕ и НИВО 5 на култниот експериментален француски автор Крис Маркер. Ова е одличен вовед во централната содржина за месецов. Во цилкусот наречен ДЕНОВИ НА ФРАНКОФОНИЈАТА ќе бидат прикажани остварувања од една од најквалитетните и највлијателни европски кинематографии.

Денови ќе има и за словачката кинематографија, интересна дотолку повеќе што овде, кај нас, за неа  не се знае многу. РЕТРОСПЕКТИВАТА НА СЛОВАЧКИОТ КЛАСИЧЕН ФИЛМ е навистина ретка можност за македонската филмска публика да добие суштински увид во историјата на една релaтивно блиска кинематографија, како словачката. Како што кажува и името на ретроспективата, тоа е селекција на класици на словачката кинематографија од периодот на комунистичка Чехословачка.

Кинотеката во месец март, кој календарски трае 31 ден, очигледно нема да ги изневери филмофилите, туку ќе ги направи побогати со нови сознанија и нови филмски искуства. Ова е доволно седиштата во кинотечната кино сала да бидат исполнети.

 

1 МАРТ (ПЕТОК) 18:00 ч.

2 МАРТ (САБОТА) 18:00 ч.

 

СЕЛАНИ

(The Peasants)

Игран филм, Полска, Србија, Литванија

2023, 115 мин., колор, ДЦП

Режија: ДК Велхман, Хју Велхман (DK Welchman, Hugh Welchman)

Сценарио: ДК Велхман, Хју Велхман, Владислав Рејмонт (DK Welchman, Hugh Welchman, Wladyslaw Reymont)

Улоги: Камила Урзедовска, Роберт Гулачик, Мирослав Бака, Соња Мјетелица, Ева Каспржик (Kamila Urzędowska, Robert Gulaczyk, Mirosław Baka, Sonia Mietielica, Ewa Kasprzyk)

 

Селанката Јагна е принудена да се омажи за многу постариот, богат земјоделец Мачеј Борина, и покрај нејзината љубов кон синот на фармерот Антек. Јагна станува предмет на завист и омраза на селаните и мора да се бори да ја зачува својата независност.

СЕЛАНИ e полска историска драма којa светската премиера jа имаше на  Меѓународниот филмски фестивал во Торонто. Тоа е  адаптација на истоимениот роман на добитникот на Нобеловата награда, Владислав Рејмонт, снимена во експериментална техника на насликана анимација слична на претходниот филм на ДК Велхман и  Хју Велхман, „Љубовниот Винсент“. СЕЛАНИ е еден од најгледаните полски филмови последниве десетина години.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

 

1 МАРТ (ПЕТОК) 20:00 ч.

2 МАРТ (САБОТА) 20:00 ч.

14 МАРТ (ЧЕТВРТОК) 20:00 ч.

 

ЕВТИНИ ПРИКАЗНИ

(Pulp Fiction)

Игран филм, САД

1994, 154 мин., колор, 35 мм

Режија: Квентин Тарантино (Quentin Tarantino)

Сценарио: Квентин Тарантино, Роџер Ајвори (Quentin Tarantino, Roger Avary)

Улоги: Џон Траволта, Семуел Л. Џексон, Ума Турман, Харви Кајтел, Тим Рот, Росана Аркет, Кристофер Вокен, Брус Вилис (John Travoltа, Samuel L. Jackson, Uma Thurman, Harvey Keitel, Tim Roth, Eric Stoltz, Rosanna Arquette, Christopher Walken, Bruce Willis)

 

ЕВТИНИ ПРИКАЗНИ (Pulp Fiction) својата премиера ја имаше пред точно 30 години на Канскиот филмски фестивал, каде ја освои Златната Палма за најдобар филм. Тоа е еден од највлијателните  филмови од 1990-тите кој го етаблираше Квентин Тарантино како еден од водечките имиња на американскиoт и светскиoт филм.

ЕВТИНИ ПРИКАЗНИ е  постмодерна мешавина на нео-ноар, црна комедија, полна со рефeренци од поп културата, со остри и духовити дијалози и неверојатно возбудлива музика. Приказната е сложена мрежа на преплетени приказни со ликови, харизматични антихерои и морално двосмислени карактери (играни маестрално од Џон Траволта, Ума Турман, Брус Вилис, Харви Кајтел итн.) чии животи се испреплетуваат: двајца платени убијци, боксер, гангстер и неговата сопруга и пар ограбувачи на ресторан. Навидум различните приказни се вкрстуваат и се спојуваат. Тарантино се движи по тенката линија помеѓу хуморот и нихилизмот, спојувајќи го екстремното насилство со урнебесно мрачни комични моменти.

Големиот успех на ЕВТИНИ ПРИКАЗНИ покажа дека неконвенционалното филмско раскажување, комбинирано со автентичен режисерски глас, може да резонира кај мејнстрим публиката. Ова го разбуди интересот за американскиот независен филм и го отвори патот за другите независни филмаџии, најавувајќи ги плодните 1990-ти за светскиот и американскиот филм.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

 

5 МАРТ (ВТОРНИК) 18:00 ч.

 

ПРОЕКЦИИ НА ФИЛМОВИ ПО ПОВОД 60 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА МИЛТОН МАНАКИ

ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ (Story in pictures)

Презентација на м-р Роберт Јанкуловски

Документарен филм, Македонија

2017/2018, 70 мин., црно-бел/колор, ДСП

Режија: Роберт Јанкуловски

Сценарио: Илинденка Петрушева, Роберт Јанкулоски

На 5. март, 60 години по смртта на Милтон Манаки, во киносалата на Кинотеката ќе се прикажуват документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ за фотографската дејност на Јанаки и Милтон Манаки, целокупниот опус од 42 филма кои овие балкански кинематографски пионери ги снимиле со култната Камера 300, како и филмска репортажа од 1956 година со тогаш „живата  битолска легенда“ Милтон Манаки

Кинотека на Македонија се приклучува кон одбележувањето на 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки, со две проекции во вторник, на 5 март.

Најпрвин, со почеток во 18 часот, м-р Роберт Јанкуловски, редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и основач на „Македонски центар за фотографија“, ќе одржи презентацијата под наслов „Фотографиите на Манаки, записи низ времето“.

Потоа следува проекцијата на документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ (2018, 70 мин., црно-бел/колор) во режија на самиот Јанкуловски, а по сценарио на Илинденка Петрушева и Јанкуловски.Филмот е посветен на фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански сниматели, и преку оригинални документарни фотографии го следи нивното професионално патешествие од отворањето на првото фотографско ателје во 1898 година во Јанина, се до нивната преселба во Битола каде покрај фотографско ателје, градат и киносала и почнуваат да се бават професионално со киноприкажување на филмови.

 

5 МАРТ (ВТОРНИК) 20:00 ч.

 

60 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА МИЛТОН МАНАКИ

ПРОЕКЦИЈА НА ДВД ИЗДАНИЕТО ФИЛМСКО ТВОРЕШТВО БРАЌА МАНАКИ

Подоцна, со почеток во 20 часот, ќе се одржи проекција на 42-та наслови на браќата Манаки снимени со нивната Камера со сериски бр.300, а кои помладиот брат Милтон во 1963 година, пред својата смрт, ги предал на чување во Државниот Архив на Македонија. Во 1996 година Кинотеката направи 35мм заштитна архивска копија од овие оригинални нитратни филмски ленти (кои денес се чуваат во бункер, заради лесната запаливост), а во 2012/2013 година истите беа дигитализирани и дигитално реставрирани во Унгарската филмска лабораторија во Будимпешта. Веднаш потоа дигитилизираните материјали беа објавени на ДВД и промовирани пред јавноста.

Позначајни моменти забележани со камерата на Манакиевци се снимката на 114-годишната баба Деспина како преде во родното село Авдела – која е воедно и прв филмски кадар снимен на ова тло – потоа историската посета на турскиот султан Мехмед Решад V на Битола и Солун, посетатата на принцот Александар Караѓорѓевиќ на Битола, погребот на митрополитот Емилијанос од Гревена, празнувањето на Водици во Бер и во Битола, празнувањето на Духовден на гробишта, снимки од свадби и други верски обичаи, посетата на големата романска делегација на Битола и околината, празнични поворки за време на Хуриетот, односно Младотурската револуција, итн.Пред проекцијата, професорот и советник филмолог д-р Атанас Чупоски ќе има излагање за делото на Милтон Манаки, а присутните ќе добијат примерок од ДВД изданието со дигитално реставрираните филмови на Браќата Манаки.

Милтон Манаки е роден 1880 година, во влашкото село Авдела, во близина на Гревена, денешна Грција. Тој бил две години помлад од Јанаки, но за разлика од него не покажал голем интерес за школо, туку повеќе бил авантурист и боем. Фотографскиот занает го усовршува под менторство на Јанаки, во нивното прво фотографско ателје во Јанина, а во 1905 браќата го отвораат познатото фото-ателје на битолскиот Широк сокак. Во тој период, според подоценежните раскажувања на Милтон, Јанаки ја набавил филмската камера со сериски број 300 од моделот Bioscope, произведена од компанијата Charles Urban Trading Co. Тогаш започнува и снимателската активност на браќата Манаки и тие на филмска лента ќе забележат многу настани, верски и етнографски обичаи, воени и цивилни паради, армии, политички фигури итн., денес бесценети сведоштва за историјата и на Битола и битолскиот крај, но и за целата држава.

Милтон го надживеал Јанаки за цела деценија и починал во 1964 година во Битола. Целокупното творештво браќата Манаки – и фотографското и снимателското – една година пред своето заминување Милтон ќе ги депонира во Државниот архив во Скопје и Околискиот историски архив во Битола. Оттаму денес можеме да се пофалиме дека нашите државни институции се чувари на значајното творештво на Јанаки и Милтон Манаки.

 

6 МАРТ (СРЕДА) 20:00 ч.

 

ЛАУРЕАТИТЕ НА МАНАКИ

НЕВЕРОЈАТНАТА СУДБИНА НА АМЕЛИ ПУЛЕН

(Le Fabuleux Destin d’Amélie Poulain)

Игран филм, Франција

2001, 154 мин., колор, 35 мм

Режија: Жан-Пјер Жене (Jean-Pierre Jeunet)

Сценарио: Гијом Лоран (Guillaume Laurant)

Улоги: Одри Тату, Метју Касовиц, Руфус, Лорета Кравота, Серж Мерлин (Audrey Tautou, Mathieu Kassovitz, Rufus, Lorella Cravotta, Serge Merlin)

Директор на фотографија:  Бруно Делбонел (Bruno Delbonnel)

 

Амели е млада Парижанка која поради низа несреќни околности во нејзиното детство се свртува кон фантазијата. Таа наоѓа задоволство во навидум бизарни, но всушност сосем обични работи. Како, на пример, фрлање камчиња по каналот Сан Мартан. Еден ден таа го наоѓа изгубеното богатство на непознато момче кое некогаш живеело во нејзиниот стан. Воодушевена од своето откритие, Амели решава да го најде овој млад човек и да го направи среќен. Така таа ја започнува својата мисија да ги исполни животите на луѓето околу неа со љубов и среќа. Додека им помага на другите, Амели сфаќа дека не е во состојба да си помогне себеси, дека е осамена и неостварена во љубовта. Таа се вљубува во Нино, млад човек со чудни интереси, со кого се обидува да воспостави контакт.

Ова е можеби најпознатиот филм на големиот француски режисер Жан Пјер Жене. Веднаш по премиерата филмот ги освои симпатиите на публиката, како и на критиката, а две децении подоцна има стекнато култен статус. Ниту еден француски филмски протагонист на овој век не е толку сакан како Амели, за неа е создаден мјузикл и е именуван нов  вид на жаба. Музиката за филмот ја компонираше Јан Тиерсен, а главната музичка тема на La Valse d’Amelie стана еден вид химна на градот Париз.

Подеднакво препознатлива е и кинематографијата на познатиот француски кинематограф и редовен соработник на Жан-Пјер Жене, Бруно Делбонел, со пријатните нијанси на зелената и црвената боја, како и прекрасните пејсажи на големиот град, со кои нè вовлекува во фантастичниот дух на Париз. Бруно Делбонел е еден од најеминентните современи светски кинематографи, кој освен со Жене има соработувано со режисерски имиња како Браќата Коен, Тим Бартон, Џо Рајт, Александар Сокуров.  Добитник е на  Специјалната награда Златна камера 300 на  ИФФК „Браќа Манаки“ во 2011 година за особен придонес во светската филмска уметност.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

 

7 МАРТ (ЧЕТВРТОК) 20:00 ч.

КРАТКИ МАКЕДОНСКИ ФИЛМОВИ

 

ЕМБРИО НО М.   8’ анимиран филм  

(Embrio No)

Анимиран филм, Македонија

1971, 8 мин., колор, 35 мм

Режија: Петар Глигоровски (Petar Gligorovski)

Сценарио: Петар Глигоровски (Petar Gligorovski)

 

Во вечната желба на секоја единка е да го оплоди светот, да го организира, да му даде смисла и идеја; еден човек, докажувајќи ја својата идеја, се крева до пиедестал на општествената машинерија за на крајот да стане жртва на својата идеологија.

Филм на Вардар филм – Скопје, од 1971 година, во времетраење од 8 минути. Режијата, сценариото и анимацијата се на Петар Глигоровски.

Оваа анимација е добитник наградата 1971 ФЈДКФ, Белград, Специјална диплома за режија на анимиран филм за Петар Глигоровски.

 

ЗИМСКИ ИМПРЕСИИ

(Winter Impresions)

Документарен филм, Македонија

1962, 12 мин., црно бел, 35 мм

Режија: Кочо Недков (Kocho Nedkov)

Сценарио: Кочо Недков (Kocho Nedkov)

 

СПОМЕНИК

(Monument)

Игран филм, Македонија

1968, 9 мин., црно-бел, 35 мм

Режија: Вељо Личеноски (Veljo Lichenoski)

Сценарио: Бошко Смаќоски (Boshko Smakjoski)

Улоги: Дарко Дамески ( Darko Dameski)

Приказна за еден човек, кој присвојува туѓи знаења и достигнувања и си подигнува самиот себеси споменик во чија оправданост и неопходност верува. Телоп: „Внимание. За оние што не присуствуваа утре пак ќе се откријам“.

 

КУТИИ

(Boxes)

Игран филм, Македонија, Србија

2023, 12 мин., колор, ДЦП

Режија: Ангела Димеска (Angela Dimeska)

Сценарио: Дејан Димески  (Dejan Dimeski)

Улоги: Даниела Иваноска, Билјана Јовановска, Жаклина Стевковска, Филип Трајковиќ, Димитрија Доксевски, Иле Ристески, Игор Стефанов (Daniela Ivanoska, Biljana Jovanovska, Zaklina Stevkovska, Filip Trajkovikj, Dimitrija Doksevski, Sofija Janchovska, Ile Risteski, Igor Stefanov)

 

Опасниот двоен живот на Лидија како продавачка на кутии за храна и препродавачка на дрога добива опасен пресврт кога фатална грешка ѝ го загрозува односот со нејзиниот наркобос, го става во опасност животот на ќерка ѝ и ризикува да ја изложи пред Никола, нејзиниот сопруг полицаец.

 

ДАЛИ СИ МАЖ

(Are you a man)

Игран филм, Македонија

2023, 15 мин., колор, ДЦП

Режија: Ѓорче Ставревски  (Gjorce Stavreski)

Сценарио: Ѓорче Ставревски  (Gjorce Stavreski)

Улоги: Данило Ивановски, Душица Настова, Сашко Коцев, Драган Костадиновскам Александар Микиќ, Анастасија Ласовска, Ѓорѓи Нескоски (Danilo Ivanovski, Dusica Nastova, Sasko Kocev, Dragana Kostadinovska, Aleksandar Mikic, Anastasija Lasovska, Gjorgji Neskoski)

Една темна ноќ на локалните гробишта, нежно, мудро момче, обидувајќи се да му докаже на постариот пијан сосед дека е маж, ја добива својата прва лекција за иронијата на животот.

13 МАРТ (СРЕДА) 18:00 ч.

 

ДОБРИОТ ШЕФ

(El buen patrón)

Игран филм, Шпанија

2021, 120 мин., колор, ДЦП

Режија: Фернандо Леон де Араноа (Fernando León de Aranoa)

Сценарио: Фернандо Леон де Араноа (Fernando León de Aranoa)

Улоги: Хавиер Бардем, Маноло Соло, Алмудена Амор, Оскар де ла Фуенте, Сониа Алмарка  (Javier Bardem, Manolo Solo, Almudena Amor, Óscar de la Fuente, Sonia Almarcha)

 

Хавиер Бардем го игра Бланко, харизматичен сопственик на фабрика и манипулативен „добар шеф“ кој копнее да ја добие локалната награда за достигнувања во бизнисот. За да го постигне тоа, бесрамно се меша во приватниот живот на своите вработени и ја преминува секоја етичка граница што може да се замисли…

ДОБРИОТ ШЕФ е последниот филм на Фернандо Леон де Араноа, современ шпански режисер познат по филмовите Barrio (1998), Mondays in the Sun (2002). Ова е не само неговиот најуспешен филм, туку е и еден од најуспешните шпански филмови последниве 20 години, со 20 номинации за  наградите ГОЈА, од кои шест освоени (за најдобар филм, режисер, актер, оригинално сценарио, музика и монтажа). Исто така филмот се најде на потесниот избор за Оскар за најдобар странски филм за 2022 година.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

 

8 МАРТ (ПЕТОК) 20:00 ч.

12 МАРТ (ВТОРНИК) 20:00 ч.

 

БЕЗ СОНЦЕ

(Sans Soleil)

Документарен филм, Франција

1983, 100 мин, колор, ДЦП

Режија и сценарио: Крис Маркер (Chris Marker)

 

SANS SOLEIL, во режија на експерименталниот филмограф Крис Маркер, е документарен филм, но и многу повеќе од тоа. Истовремено е и визуелна медитација, тек на свест, филм-есеј. Маркер го структуирал филмот користејќи документаристички снимен материјал, инсерти од јапонски филмови, ТВ емисии, цитати од други филмови.

 

Во 2014 г. списанието Sight and Sound го прогласи ова уникатно остварување за трет најдобар документарец на сите времиња. Влијателниот The Daily Telegraph во 2019 г. го помести филмот во листата на топ 100 најдобри филмови. Минатата година, пак, магазинот Time го прогласи за еден од најбитните филмови во 20 век. Структуиран во седмата декада од минатиот век, SANS SOLEIL е директен производ на естетиката карактеристична за тој период, но со својот некласичен приод, иновативноста и лиричноста подеднакво е актуелен и денес.

 

SANS SOLEIL е еден од клучните француски филмови произлезени од бранувањата по Новиот бран, неизбежна филмска лектира за сите вљубеници во документаристиката, а камен-темелник за истражувачите на поинаквиот пристап во седмата уметност.

 

9 МАРТ (САБОТА) 20:00 ч.

 

НИВО 5

(Level 5)

Игранo-документарен филм, Франција

1997, 106 мин., колор, ДЦП

Режија: Крис Маркер (Chris Marker)

Сценарио: Крис Маркер  (Chris Marker)

Улоги: Кетрин Белкоџа (Catherine Belkhodja)

 

Лаура е богата вдовица на починат програмер. Се обидува да го продолжи неговото дело реконструирајќи ја неговата последна стратегиска видео игра за познатата битка во Окинава. Во меѓувреме, таа започнува да го документира целиот процес со филмска и видео опрема.

 

Ниво 5 е псевдо-документарен филм на Крис Маркер, еден од неговите последни обиди за проширување на хоризонтите на документаристиката. Главната улога ја толкува мултимедијалната уметница Кетрин Белкоџа, а накратко се појавува самиот автор Маркер. Во проектот се појавува и култниот јапонски филмаџија Нагиса Ошима. Продуцент е Анатол Доман, филмски работник кој ги подржа и филмовите на Годар, Рене, Тарковски, Бресон, Вендерс и Шлендорф. Во 2014 филмот беше реобјавен, а филмскиот критичар Кит Улрих од влијателниот инернет медиум The A.V. Club го вброи во филмските наслови на годината. Toronto Star го опиша како извонредна комбинација на научна фантастика и факти, додека филмскиот теоретичар Џонатан Росенбаум го прогласи за ремек-дело во опусот на Крис Маркер. Ниво 5 со секое повторно гледање само ги потврдува ловориките од критичарите, покажувајќи го во целост раскошниот творечки дискурс на авторот. Еден од најбитните и највлијателни опскурни филмови од последната декада на минатиот век.

 

9 МАРТ (САБОТА) 18:00 ч.

(НАСКОРО!) 

 

12 МАРТ (ВТОРНИК) 18:00 ч.

14 МАРТ (ЧЕТВРТОК) 18:00 ч.

 

СЕВЕРНА УТЕХА

(Northern Comfort)

Игран филм, Германија, Исланд, Велика Британија

2023, 97 мин., колор, ДЦП

Режија: Хафстеин Гунар Сигурдсон (Hafsteinn Gunnar Sigurðsson)

Сценарио: Халдор Халдорсон, Тобиас Мунт, Хафстеин Гунар Сигурдсон (Halldór Laxness Halldórsson, Tobias Munthe, Hafsteinn Gunnar Sigurðsson)

Улоги: Лидија Леонард, Тимоти Спал, Ела Рамф (Lydia Leonard, Timothy Spall, Ella Rumpf)

 

Разновидна група луѓе со хроничен страв од летање се блокирани на зимскиот север. Премрзнати и преплашени, тие мора да најдат начин да се соочат со своите стравови и да работат заедно за да се извлечат.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

 

13 МАРТ (СРЕДА) 20:00 ч.

 

ЛАУРЕАТИТЕ НА МАНАКИ

ДОБРИОТ, ЛОШИОТ И ГРДИОТ

(Il buono, Il brutto, Il cattivo)

Игран филм, Италија, САД, Шпанија

1966, 177 мин., колор, 35 мм

Режија: Серџо Леоне (Sergio Leone)

Сценарио: Лучијано Винченцони, Серџо Леоне (Luciano Vincenzoni, Sergio Leone)

Улоги: Клинт Иствуд, Ели Валач, Ли Ван Клиф (Cleant Eastwood, Eli Wallach, Lee Van Cleef)

Директор на фотографија: Тонино Дели Коли (Tonino Delli Colli)

 

1862 г. На југозападот од САД, за време на граѓанската војна, мистериозниот туѓинец Џо (Клинт Иствуд, во улогата што му ја одбележа кариерата) се здружува со мексиканскиот отпадник Туко. Двајцата започнуваат да трагаат по закопаното богатство, 20.000 тогашни американски долари, сокриени од дезертиран војник. Во текот на потрагата, се сретнуваат со садистички криминалец кој сака да ги израмни дамнешните сметки со двајцата каубои.

 

Во 1966 г. Серџо Леоне го режираше ултимативниот-епски шпагети вестерн со Клинт Иствуд во веќе митската улога која го лансираше во звездите, по сценарио на Лучијано Винченцони. Снимателот Тонино Дели Коли го претстави филмот во widescreen кино техника, а автор на комплетниот музички запис е прославениот Енио Мориконе. Музиката од филмот остана забележана и надвор од кино круговите. Познати музички бендови како Рамоунс и Металика, долго време на турнеите ги свиреа музичките теми на Мориконе. Филмот е снимен во Шпанија, и е во италијанска продукција, со малцински копродукциски удел од неколку други земји. Филмот беше рекламиран како последен дел од т.н. Доларска трилогија. По неговото оригинално појавување, филмската критика го проследи со поделени реакции. Со текот на времето, епското дело на Леоне се почесто се наоѓаше на листите на најдобри вестерн филмови, На почетокот на новиов милениум, овој филм и официјално е прогласен за дефинитивен и најдобар шпагети вестерн на сите времиња. Според режисерот и кино-ентузијаст Квентин Тарантино, тој филм е врвно остварување и најдобро изрежираниот филм на сите времиња. Во 2012 г., во списанието  Sight & Sound, Тарантино го брендираше токму него како најдобар филм на сите времиња. Епикот на Леоне се почесто е фокус на бројни филмолошки студии, како пример за деконструкција на стариот вестерн шаблон.

 

Директорот на фотографија Тонино Дели Коли, освен по соработката со Леоне, во историјата на седмата уметност е запаметен и по креативната соработка со култниот италијански режисер Пјер Паоло Пазолини. За неговиот навистина посебен и забележан придонес кон седмата уметност, во 2002 г. се закити со ЗЛАТНА КАМЕРА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО, од Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

 


15 -22 МАРТ 2024

НЕДЕЛА НА ФРАНКОФОНСКИ ФИЛМ

 

Недела на франкофонски филм во соработка со Амбасадите на земјите-членки на Меѓународната организација на франкофонијата и со Кинотеката.

Оваа традиционална Недела на франкофонски филм ќе ви овозможи да ја откриете убавината на филмското творештво на франкофонските земји.

Сите филмови се со превод на македонски јазик.
За филмовите од нефранкофонското говорно подрачје обезбеден е и превод на француски јазик.

 

15 МАРТ (ПЕТОК) 20:00 ч.

Официјално отворање со филмот

„Блех-музика” на режисерот Франсоа-Кристоф Марзал (2019, 90 min.)

На почетокот на пролетта во 1970 година, во малото село Моншу, се случува невообичаена раздвиженост. И тоа не е поради правото на глас на жените, ниту пак поради претстојниот референдум за иселување на странците, туку нешто пострашно: селскиот оркестар имплодираше!

Половина од селаните велат Алојс е виновен, за останатите виновникот е Пјер. Ова соперништво ќе добие политичка, музичка и љубовна димензија.


21h 30 I Изложба „Париски цртан филм“ на Јана Манева Чупоска & Kоктел

 

16 МАРТ (САБОТА) 18:00 ч.

Проекција на бугарскиот филм „Бескрајна градина” на Галин Стоев (2017, 1h30)

Со превод и на француски јазик

Приказната го раскажува животот на Филип, којшто има сè што е му потребно: успешна кариера и убава девојка. Сепак, тој продолжува години по смртта на родителите да се грижи за неговиот чувствителен брат Виктор.
Цвеќарката Ема, пак, ќе изгради прекрасна градинарска минијатура во за една ноќ. Преку оваа градина, Филип открива нов свет што дотогаш му бил непознат
.

 

16 МАРТ (САБОТА) 20:00 ч.

Проекција на романскиот филм „Слобода” на Тудор Гиуригу (2023 1h49 )

Со превод и на француски јазик

Декември 1989. Романската револуција започнува во градот Сибиу, кое станува мeсто на страшни судири. И полицијата и војската лојални на Чаушеску се уапсени и собрани во празното корито во еден базен. Но, како може да се знае кој за кого е во еден таков хаос?

 

18 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00 ч.

Проекција на албанскиот филм „Делегација” на Бујар Алимани, (2018. 1h17)

Со превод и на француски јазик.

Приказната се одвива во Албанија во 1990 година, кога се се чини дека земјата се повеќе се движи кон демократизација, но комунистичкиот режим продолжува да биде на власт. Лео, учител и политички затвореник, го земаат од ќелијата и го носат на бербер. Без никакво објаснување, затворските чувари и службеници го стават во автомобил и го одведуваат. Малку по малку приказната раскажува дека не е егзекуција ниту трансфер. Непознати лица го носат Лео во главниот град Тирана за да сведочи во корист на властите пред претставник на европските политички институции, но помеѓу неговото пристигнување и средбата со странската делегација, сè ќе тргне наопаку.

 

19 МАРТ (ВТОРНИК) 20:00 ч.

Проекција на македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот”  на Теона Стругар Митевска (2022, 1h35 )

Kопродукција: Северна Македонија/ Белгија/ Словенија/ Хрватска/ Данска, со Јелена Кордик Курет, Аднан Омеровиќ

Со превод на француски јазик.

Асја е 40 годишна самостојна жена која живее во Сараево. Таа го запознава Зоран, 43 годишен банкар на настан за состаноци. Но Зоран не е таму за да ја пронајде љубовта на неговиот живот, туку прошка. За време на војната во 1993, Зоран пукал врз градот од спротивната страна и сака да ја запознае неговата прва жртва. Сега, двајцата ќе треба повторно да ја преживуваат болката во нивната потрага по прошка.

 

20 МАРТ (СРЕДА) 20:00 ч.

Проекција на филмот „Дивертименто”  на Мари-Кастиј Мантијон-Шар  (2023, 1h55)

Фестивал Quinzaine des cinéastes сo Улаја Амамра, Лина Ел Араби и Ниелс Ареструп.

Уште од 17 години, Захија Циуани сонува да стане диригенткa. Неjзината сестра близначка, Фетума, е професионална виолончелистка. Обете биле близу до класичната музика уште од најраното детство, а денес имаат за цел да им ја приближат токму таа музика на сите жители, насекаде во светот.

Како би можеле да ги остварат овие амбиции во 1995 година, кога притоа се жени со алжирско потекло и доаѓаат од Сена-Сен Дени?

Изводливо е со одлучност, страст, храброст и, пред сè, извонреден план за формирање сопствен оркестар: „Дивертименто“.

 

21 МАРТ (ЧЕТВРТОК) 20:00 ч.

Проекција на белгискиот филм „Љубезните”  на режисерот Оливије Ранже (2022, 1h55)

По преселбата на најголемиот клиент, Мишел и Бландин гледаат како нивниот мал бизнис постепено тоне, а и нивниот персонал со нив. Додека тие се зафатени со идејата дека ќе изгубат буквално сé, па дури и домот и најблиските, одеденаш ќе добијат поддршка од Флоран, нивниот сметководител, и Бруно, еден од нивните работници. Заедно, четворицата ќе се обидат да најдат излез од ситуацијата.

 

22 МАРТ (ПЕТОК) 20:00 ч.

Затворање на филмската недела со грчкиот филм „Ефтихија”  на режисерот Ангелос Францис (2019, 2h03)

Со превод и на француски јазик.

Филм инспириран од животот на една од најистакнатите грчки поетеси. Извонредна жена- уметник кој создала значителен број безвременски и популарни стихови.


 

 

20 МАРТ (СРЕДА) 18:00ч

 

ЛАУРЕАТИТЕ НА МАНАКИ

ЕРИН БРОКОВИЧ

(Erin Brokovich)

Игран филм, САД

2000, 130 мин, 35 мм

Режија: Стивен Содерберг (Steven Soderbergh)

Сценарио: Сузана Грант (Susannah Grant)

Улоги: Џулија Робертс, Алберт Фини, Арон Екхарт (Julia Roberts, Albert Finney, Aaron Echart)

Директор на фотографија: Едвард Лакман (Edward Lachman)

 

Во градот Хинкли, Калифорнија, младата адвокатка и правна консултантка Ерин Брокович ја разоткрива мрачната тајна на големиот корпорациски ентитет, кој го загрозува животот и здравјето на локалните жители. Помогната од нејзиниот шеф, таа започнува судски случај против големата компанија. Борејќи се за правда, а притоа балансирајќи помеѓу приватниот живот и професијата, Ерин Брокович успева да стане најдобрата верзија на себе си. Успева повторно да се открие, да ја пронајде љубовта на нејзиниот живот и смислата на нејзиниот професионален ангажман.

 

Биографската правна драма во натуралистички стил е во режија на американскиот филмски автор Стивен Содерберг, по сценаристичка предлошка на Сузана Грант. Драматизацијата на животната проказна на Ерин Брокович е во продукција на прославениот комичар Дени ДеВито. Главната ролја ја толкува Џулија Робертс. Дефинитивно, ова е нејзината најдобро одиграна улога, за која сосем оправдано се закити со престижната награда Оскар. Филмот вкупно беше номиниран за пет статуетки од американската филмска академија, а се здоби и со повеќе награди и номинации од престижни филмски фестивали и манифестации. ЕРИН БРОКОВИЧ е сниман на реални локации, за да се запази документаристичкиот шмек на проектот. Содерберг, како филмаџија, во тој период успешно ги канализираше реалистичните тенденции од францускиот нов бран и скандинавската догме школа. Директор на фотографија на ова остварување е фалениот снимател Ед Лакман. Како независен филмаџија, соработувал со филмските величини Вернер Херцог, Вим Вендерс, Пол Шредер, Роберт Алтман, Улрих Седл.

 

Лакман во 2019 г., за неговиот особен придонес во светската кинематографија, ја доби престижната Златна камера 300 за животно дело, од Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

 

23 МАРТ (САБОТА) 18:00 ч.

30 МАРТ (САБОТА) 18:00 ч.

 

КУЧИЊА ВО ОПЕРАТА

(Dogs At The Opera)

Анимиран филм, Русија

2023, 75 мин., колор, ДЦП

Режија: Василиј Ровенски (Vasiliy Rovenskiy)

Сценарио: Василиј Ровенски (Vasiliy Rovenskiy)

Улоги: Ана Старшенбаум, Гарик Харламов (Anna Starshenbaum, Garik Kharlamov)

Комичната авантура сместена во Метрополитен операта на почетокот на 20 век нè запознава со уличното куче Самсон кое, обидувајќи се да се скрие од ловот на шинтерите, пристигнува во една од најпознатите оперски куќи во светот. Таму ја запознава шармантното куче Марго, која е во сопственост на познатата примабалерина на театарот, Анастасија. Приказната се вжештува кога од соблекувалната ќе исчезне уникатната тијара која ѝ припаѓа на британската кралица и која Анастасија мора да ја носи за време на четвртиот чин на балетот. За да не го откажат балетот, Самсон и Марго мораат да го најдат крадецот и да го спасат денот предвиден за звуците на големиот Жорж Бизе.

 

Возрасна категорија: за целата публика

Влезница: 150 денари

 

23 МАРТ (САБОТА) 20:00 ч.

(ДЕНОВИ НА СЛОВАЧКИ ФИЛМ)

 

ДОЈДИ КАЈ НАС СТАР ШАТЕРЛАНД

(Prišiel k nám Old Shatterhand)

Документарен филм, Чехоссловачка

1966, 12 мин., Црно бел, ДЦП

Режија: Душан Ханак (Dušan Hanák)

Сценарио: Душан Ханак  (Dušan Hanák)

 

Саркастичен приказ на животот зад железната завеса. Наспроти фонот на конфронтацијата која е во прв план меѓу локалците и испитувачките странци, режисерот Душан Ханак преку различни забавни визуелни и звучни ситуации ни ја открива исцрпеноста на социјалистичкото општество,  изморено од градењето „посветла иднина“ и укажува на степенот на заостанатост и рамнодушност на тие кои живеaт во него.

 

СЛИКИ ОД СТАРИОТ СВЕТ

(Obrazy starého sveta/Pictures of the Old World)

Документарен филм, Чехословачка

1962, 64 мин., Црно бел, ДЦП

Режија: Душан Ханак (Dušan Hanák)

Сценарио: Душан Ханак  (Dušan Hanák)

 

СЛИКИ ОД СТАРИОТ СВЕТ (Obrazy starého sveta ) е словачки документарен филм од 1972 година. Филмот прикажува повеќе живописни портрети на стари луѓе од словачките региони Липтов и Орава, кои живеат во внатрешна слобода и покрај  цивилизацискиот хаос кој ги опкружува. Инспириран од фотографиите на Мартин Мартинчек, во овој филм режисерот Душан Ханак ја користи својата чувствителност во прикажувањето на навистина уникатни ликови, нивните оригинални ставови кон животот и нивната восхитувачка невиност.

СЛИКИ ОД СТАРИОТ СВЕТ е еден од највлијателните словачки филмови на сите времиња. Поради критичниот однос кон тогашното социјалистичко уредување  филмот долго време беше забранет, и својата официјална премиера ја имаше дури  1988 година. Во 2000 година беше изгласан од словачката критика како најдобар словачки филм на 20-тиот век.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

 

25 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00 ч.

(ДЕНОВИ НА СЛОВАЧКИ ФИЛМ)

 

ПРОМОЦИЈА

(Postup/Promotion)

Анимација, Чехословачка

1968, 6 мин., колор, ДЦП

Режија: Виктор Кубал (Viktor Kubal)

Сценарио: Виктор Кубал (Viktor Kubal)

 

Белата врана не може да лета, но толку убедливо мавта со крилјата што добива работа како сообраќаен полицаец. Првиот ден завршува со судир на велосипед и човек кој јава вол. Наместо казна следуваат почести и удар за подобра позиција. Следуваат судири, хаос и понатамошна промоција.

 

СЛУЧАЈОТ НА КОС БАРНАБАШ

(Prípad Barnabáš Kos/The Barnabáš Kos Case)

Игран филм, Чехословачка

1964, 68 мин., Црно бел, ДЦП

Режија: Петер Солан (Peter Solan)

Сценарио: Петер Карваш, Алберт Маренчин (Peter Karvaš, Albert Marenčin)

Улоги: Јан Бздух, Јозеф Кемр, Јармила Костова (Jan Bzduch, Josef Kemr, Jarmila Kostova)

 

СЛУЧАЈОТ НА КОС БАРНАБАШ е сатирична комедија што го критикува лицемерието и ги илустрира трагикомичните последици од подемот и падот на еден совесен музичар. Тоа е Барнаваш Кос, трианглист во симфониски оркестар кој еден ден ненадејно е назначен за негов директор. Тој отпрвин го одбива унапредувањето, но постепено почнува да ги разбира механизмите на искачување во кариерата. Приказна за личност која се согласува, а потоа постепено подлегнува на чувството на сопствена важност и генијалност. Кафкијанска комедија за апсурдите на секојдневниот живот во комунистичка Чехословачка.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

 

26 МАРТ (ВТОРНИК) 20:00 ч.

(ДЕНОВИ НА СЛОВАЧКИ ФИЛМ)

 

КРСТОПАТИ

(Križovatky/Crossroads)

Документарен филм, Чехословачка

1965, 11 мин., Црно бел, ДЦП

Режија: Ладислав Куделка (Ladislav Kudelka)

Сценарио: Ладислав Куделка  (Ladislav Kudelka)

 

Главниот град на Чехословачка во средината на 1960-тите. Фељтонистичко набљудување на улиците на Прага, нејзините преполни жители, траектории на луѓе од метрополата од различна возраст, воспитување, пол, националност или популарност кои постојано се наоѓаат на крстопат одлучувајќи за нивниот понатамошен правец – каде да се упатат тој ден и во нивните животи .

 

THE PRIME OF LIFE/КЛУЧНИ ГОДИНИ

(Kristove roky/The Prime of Life)

Игран филм, Чехословачка

1967, 92 мин., колор, ДЦП

Режија: Јурај Јакубиско (Juraj Jakubisko)

Сценарио: Меир Донал, Јурај Јакубиско (Meir Dohnal, Juraj Jakubisko)

Улоги: Јиржи Сикора, Јана Стехнова, Владо Милер (Jirí Sýkora, Jana Stehnová, Vlado Müller)

 

КЛУЧНИ ГОДИНИ е дебитантски филм на режисерот Јурај Јакубиско, еден од најдобрите словачки режисери (изгласан во 2000 година за најдобар словачки режисер на 20 век).

Филмот раскажува за сликарот Јурај, Словак, кој живее во Прага и кој беспомошно размислува за бесцелноста на својот живот. Поголемиот дел од своето време го поминува во безгрижен живот: пиење, женкарење и позајмување пари од познајници. Но доаѓа време кога конечно треба да донесе одлука – да избере меѓу двете жени, меѓу селото и градот. Неговата уметност или неговиот занает. Тој копнее да се занимава со уметност, но во исто време многу добро знае дека мора да работи нешто за да преживее. Постепено ја разбира одговорноста што ја има кон своите најблиски и конечно доаѓа до сознание дека треба одново да почне да го живее својот живот.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

 

27 МАРТ (СРЕДА) 20:00 ч.

ЛАУРЕАТИТЕ НА МАНАКИ

ЛЕОН ПРОФЕСИОНАЛЕЦОТ

(Leon)

Игран филм, Франција

1994, 110 мин, 35 мм

Режија: Лук Бесон (Luc Besson)

Сценарио: Лук Бесон (Luc Besson)

Улоги: Жан Рено, Натали Портман, Гери Олдман (Jean Reno, Natalie Portman, Gary Oldman)

Директор на фотографија: Тиери Арбогаст (Thierry Arbogast)

Матилда има само 12 години, а веќе ја познава мрачната страна на животот. Нејзиниот насилен татко препродава дрога, нејзината мајка постојано ја запоставува. Леон, во брилијантно одиграната улога на Жан Рено, е професионален убиец кој живее во близина на дисфункционалното семејство на Матилда. Корумпираниот полицаец  и специјален агент Стенсфилд (како и секогаш одличниот Гери Олдман) при една наместена рација ги убива родителите на Матилда. Малото девојче се здружува со Леон Професионалецот, кој започнува да се грижи за Матилда и да ја подучува.

 

Долгометражниот акциски-драма филм е во режија на Лук Бесон. Бесон, кој е автор и на оригиналната филмска сторија, го концепирал проектот како своевидно продолжение на неговиот претходен филм La Femme Nikita. Токму во тој филм се појавува и Жан Рено, во улогата на најмениот убиец Виктор, лик кој се појавува и во Pulp Fiction. Натали Портман, фантастично уверлива како Матилда, актерски дебитира во ова остварување. Филмот во француска продукција, претежно е снимен на локација во Хобокен, Њу Џерси. Продукцијата Гамон го презентираше филмот на средината на 1990-те години. Освен по одличните улоги, проектот беше запаметен и по популарниот саундтрак на којшто се наоѓаа хитовите на Стинг и Бјорк. Популарен во деведесеттите, филмот денес се смета за култно издание меѓу филмофилите, и е цитиран во книгата на познатиот драмски писател и критичар Марк Спиц-Poseur: A Memoir of Downtown New York City in the ’90s. Многу филмски проследувачи го сметаат ЛЕОН ПРОФЕСИОНАЛЕЦОТ за последен, вистински искрен и квалитетен филм на Лук Бесон, пред тој да ја започне сопствената холивудизација. Од денешна дистанца гледано, ЛЕОН ПРОФЕСИОНАЛЕЦОТ е белег на едно време и една естетика, ретко успешен crossover на холивудска и европска кино поетика.

 

Директор на фотографија на ова остварување е Тиери Арбогаст, инаку редовен соработник на Бесон, и еден од најпознатите и најнаградувани франкофонски сниматели. Освен со Бесон, Тиери Арбогаст има соработувано со Метју Касовиц, Брајан Де Палма, Емир Кустурица, како и со нашиот режисер Владо Цветановски на проектот ТАЈНАТА КНИГА.

 

28 МАРТ (ЧЕТВРТОК) 20:00 ч.

(ДЕНОВИ НА СЛОВАЧКИ ФИЛМ)

 

МИСТЕРИОЗНИОТ ДЕДО

(Tajomný dedo/The Mysterious Old Man)

Анимација, Чехословачка

1943, 4 мин., црно бел, ДЦП

Режија: Виктор Кубал (Viktor Kubal)

Сценарио: Виктор Кубал (Viktor Kubal)

 

Голем студ. Мистериозна фигура, впечатливо потсетува на Дедо Мраз, излегува од електричен столб со висок напон во блесок од искри. Пристигнува во снежното село. На рамо носи голема испакната вреќа. Што има во него? Иднината.

 

БАНДИТОТ ЈУРКО

(Zbojník Jurko/Brigand Jurko)

Анимација, Чехословачка

1977, 79 мин., колор , ДЦП

Режија: Виктор Кубал (Viktor Kubal)

Сценарио: Виктор Кубал (Viktor Kubal)

 

Во една бурна ноќ во село во подножјето на планините се раѓа дете. Му даваат име Јурко. Кога неговата мајка ја одвлекуваат во замокот, една самовила го лула новороденчето. Како што минуваат годините, Јурко мора да го трпи угнетувањето на сиромашните. Доста еа. Јурко заминува во планините за да им се придружи на разбојниците. Сепак, му недостига сила за работата. Повторно, самовилата го посетува и му дава магичен појас со натчовечки сили.

БАНДИТОТ ЈУРКО (1976) е првиот долгометражен словачки анимиран филм. Автор на филмот е Виктор Кубал, сценарист, режисер и аниматор кој е основоположникот на словачкиот анимиран филм.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

 

29 МАРТ (ПЕТОК) 20:00 ч.

(ДЕНОВИ НА СЛОВАЧКИ ФИЛМ)

 

ДВА ДОБРИ ПРИЈАТЕЛА

(Dvaja dobrí kamaráti/Two Good Friends)

Анимација, Чехословачка

1972, 8 мин., колор , ДЦП

Режија: Виктор Кубал (Viktor Kubal)

Сценарио: Виктор Кубал (Viktor Kubal)

Дивиот Запад. Златна треска. Двајца добри пријатели. Еден од нив наоѓа огромно златно јајце во потокот. Го дава на својот придружник, но тој не сака. Другиот наоѓа уште повеќе злато. Што да се прави со толку богатство? Вистинскиот пријател вреди повеќе од злато.

 

НОЌНИ ЈАВАЧИ

(Noční jazdci/Night Riders)

Игран филм, Чехословачка

1981, 91 мин., колор, ДЦП

Режија: Мартин Холи (Martin Hollý)

Сценарио: Тибот Вихта (Tibor Vichta)

Улоги: Радослав Брзобохати, Михал Дочоломански, Соња Валентова (Radoslav Brzobohatý, Michal

Dočolomanský, Soňa Valentová)

НОЌНИ ЈАВАЧИ е филм од 1982 година на искусниот словачки режисер Мартин Холи.  Тоа е своевиден вестерн, авантуристички спектакл кој се случува во Чехословачка непосредно по Првата светска војна.

Филмот раскажува за Едо Халва и Марек Орбан, двајца бивши војници кои се  бореа за истите идеали за слобода во Првата светска војна. Да се сретнале во рововите, сега ќе беа пријатели. По војната, Едо се приклучува на полицијата на новоформираната Чехословачка република за да ги заштити нејзините закони и да го одржува редот. Марек, пак, се враќа во своето село за да обезбеди подобар живот за сите свои соседи, со план за кој се потребни пари. Многу пари. Секоја вечер ја минува границата шверцувајќи коњи. Во текот на денот, двајцата мажи се почитуваат. Ноќе пукаат да убијат без око да им трепне. Едниот носи униформа, другиот е одметник. Секој од нив се бори во име на својата вистина.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари